Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ВТОРОЗАКОНИЕ 4

4
Мојсееви совети
1„А сега, Израеле, послушај ги законите и уредбите на кои ве учам, за да ги вршите и така да поживеете па да ја заземете земјата, што ви ја дава Господ. 2Ниту додавајте нешто на тоа што ви заповедам ниту одземајте нешто од тоа; вршете ги заповедите на Господа, на својот Бог, што ви ги давам. 3Видовте со своите очи што направи Господ со Велфегор: зашто Господ, твојот Бог, го откорна од твојата средина секој, кој го следеше Велфегор. 4А сите вие кои се држите цврсто за Господа, живи сте и денес. 5Ете, Јас ве поучив за законите и уредбите, како што Господ, мојот Бог, ми нареди да ги вршите во земјата во која одите, за да ја наследите. 6Пазете ги и вршете ги: тоа ќе биде, во очите на народите, ваша мудрост и ваша разумност. Кога тие ќе чујат за сите овие закони, ќе речат: ‘Само еден народ е мудар и умен, а тоа е овој голем народ.’ 7Зашто, кој народ е толку голем за да му бидат боговите толку близу како што ни е Господ, нашиот Бог, нам, кога ќе го повикаме? 8Кој е тој народ толку голем да би имал закони и уредби праведни како што е сиот овој Закон што јас ви го изнесувам денес?
9Затоа внимавај и чувај се добро да не ги заборавиш делата што ги виде со своите очи; нека не ти исчезнат од срцето ниту во еден ден на твојот живот; спротивно, поучи ги за нив твоите синови и синовите на твоите синови. 10Оној ден, кога стоеше на Хорив пред Господа, својот Бог, Господ ми рече: ‘Собери Ми го народот! Сакам да ги чујат Моите зборови, за да се научат да се бојат од Мене за целото време додека ќе живеат на земјата, па да ги поучат за нив и своите деца.’ 11Тогаш вие се приближивте и застанавте под гората. А гората гореше и пламенот се креваше до среде небото, замрачено со темен облак. 12Господ ви зборуваше вам од средината на огнот; вие го чувте гласот на зборовите, но не видовте образ, а само глас. 13Ви го објави Својот завет и ви наложи да ги вршите - Десетте заповеди, што ги напиша на две камени плочи. 14А мене Господ ми нареди да ве поучам на законите и уредбите што ќе ги вршите во земјата во која одите да ја владеете.“
Забрана на идолопоклонство
15„Внимавајте добро! Во оној ден кога Господ, вашиот Бог, ви зборуваше пред огнот на Хорив, не видовте никаков лик, 16за да не се расипете па да не си направите за себе некаков делкан лик, кип со машко или женско обличје, 17ниту со обличје на некакво животно што е на земјата, ниту со обличје на некаква птица што лета под небото, 18ни со обличје на што и да е што ползи по земјата, ни со обличје на некаква риба што е во водата, под земјата, 19и за да не се заведеш, кога ќе ги подигнеш своите очи кон небото па ги видиш сонцето, месечината и ѕвездите - сета небеска војска - па да им се клањаш и да им искажуваш почитување. Господ, твојот Бог, им ги даде нив на сите народи, секаде под небото. 20А Господ ве зеде вас и ве изведе од Египет - од онаа вжарена печка - за да станете народ на неговото наследство, тоа што сте денес. 21Но заради вас Господ се налути на мене и се заколна дека нема да поминам преку Јордан и да влезам во Блажената Земја, што Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство. 22Така, јас ќе умрам во оваа земја; јас нема да поминам преку Јордан. А вие ќе поминете и ќе ја завладеете онаа прекрасна земја. 23Затоа внимавајте да не го заборавите Заветот што Господ, вашиот Бог, го склучи со вас, па не правете си за себе делкани ликови на што и да е што го забрани Господ, твојот Бог. 24Зашто, Господ, твојот Бог, е оган што проголтува; Тој е Бог Ревнител.
25Кога ќе народите деца и внучиња и кога ќе престојувате подолго во онаа земја, а ќе се расипете правејќи за себе било какви делкани ликови и вршејќи зло во очите на Господа, својот Бог, така што ќе Го предизвикате на гнев, 26знајте - ги земам за сведоци против вас небесата и земјата - дека бргу ќе ве снема од земјата во која што одите преку Јордан за да ја наследите: не ќе живеете долго во неа, туку ќе бидете откорнати. 27Господ ќе ве распрсне меѓу народите, и ќе остане само мал број од вас меѓу народите среде кои ќе ве одведе Господ. 28Таму ќе им се поклонувате на богови што човечки раце ги направиле од дрво и камен, на богови кои не можат ни да видат ни да чујат, ни да јадат ни да мирисаат. 29Таму ќе Го бараш Господа, својот Бог. И ќе Го најдеш ако го бараш со сето свое срце и со сета своја душа. 30Сѐ тоа ќе те снајде во твојата неволја, ама во последното време ти ќе Му се обратиш на Господа, својот Бог, и ќе го послушаш Неговиот глас. 31Па Господ, твојот Бог, е милосрден Бог; Тој нема да те остави ни да те погуби, ниту ќе го заборави Заветот што со заклетва го склучил со твоите татковци.“
Израел - избран народ
32„Испитај ги само поранешните времиња што поминаа пред тебе, сѐ откако Господ го создаде човекот на земјата: дали имало некогаш, од едниот крај на небесата на другиот, оволку величествен настан? 33Дали некогаш некој народ го чул гласот на Бога како зборува пред огнот како што го чу ти и остана жив? 34Или, дали се обиде некој бог да отиде и да си земе за себе еден народ, од средина на друг народ, со искушенија, со знакови, со чудеса и со војна, со цврста рака и со испружена мишка, покрај силни стравотии, како што сѐ тоа го направи за вас, пред вашите очи, Господ, вашиот Бог, во Египет? 35Тоа ти беше покажано тебе за да знаеш дека Господ е вистински Бог и дека нема друг освен Него. 36Од небото ти го слушаше Неговиот глас, за да те поучи; ти дозволи да го видиш Неговиот голем оган на земјата; и ги чу Неговите зборови од средината на огнот. 37Заради тоа што ги љубеше твоите татковци, го избра после нив нивното потомство; Тој, Самиот, те изведе од Египет со Својата голема сила; 38пред тебе растера, и побројни и посилни од тебе, народи, за да те доведе во нивната земја и за да ти ја предаде тебе во наследство, како што е и денес. 39И така, денес сознај и засади во своето срце: Господ е Бог горе на небото и тука на земјата - друг нема. 40Пазете ги Неговите закони и Неговите заповеди што ти ги давам денес, за да ви биде добро и тебе и на твоите деца по тебе; за да поживееш долго на земјата што Господ, твојот Бог, ти ја дава засекогаш.“
Градови за засолнување
41Тогаш Мојсеј избра три града преку Јордан, на источната страна, 42каде ќе може да се засолне убиец, кој убил неволно свој ближен, а да немаше порано омраза кон него: за да може, бегајќи во некој од овие градови, да го спаси својот живот. 43Тоа се: Восор во пустината, на високорамнината, за Рувимовците; Рамот во Галад, за Гадовците и Голан во Васан, за Манасиевците.
Втора Мојсеева беседа
44Ова е Законот што Мојсеј го постави пред Израелевите синови; 45ова се напатствијата, законите и уредбите што Мојсеј им ги даде на Израелците кога излегоа од Египет, 46од онаа страна на Јордан, во долината спроти Вет-Фегор, во земјата на аморејскиот цар Сион, кој живееше во Есевон, и кого го поразија Мојсеј и Израелевите синови, откако излегоа од Египет. 47Ја зазедоа неговата земја и земјата на васанскиот цар Ог, на двата аморејски цареви кои живееја преку Јордан на исток, 48од Ароир, што се наоѓа на брегот на потокот Арнон, до гората Сион, односно Ермон, 49и сета Араба преку Јордан, на исток до морето во Араба, под стрмнините на Фазга.

Селектирано:

ВТОРОЗАКОНИЕ 4: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се