Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ДАНИЕЛ 2

2
Б. Навуходоносоров сон: голем кип и камен
1. Заборавен Навуходоносоров сон
1Во втората година на Навуходоносоровото владеење, Навуходоносор сонуваше сон: неговиот дух се вознемири заради тоа и сонот го остави. 2Царот нареди да бидат повикани волшебниците и гаталците, проколнувачите и ѕвездарите за да му го протолкуваат сонот на царот. И така, дојдоа та застанаа пред царот. Царот им рече: „Сонував еден сон, и мојот дух се возбуди од желбата да го разберам сонот.“ 4Халдејците му одговорија на царот на арамејски: „О цару, жив да си довека! Раскажи им го својот сон на своите слуги, а ние ќе ти го откриеме неговото значење.“ 5Царот одговори и им рече: „Мојата одлука е неотповиклива: ако не ми кажете што сум сонувал и што значи сонот, ќе бидете раскинати во делови, а вашите куќи ќе станат гноиште. 6Но ако ми го откриете мојот сон и неговото значење ќе добиете од мене дарови и поклони и големи почести. И така откријте ми што сонував и што значи сонот.“ 7Тие одговорија: „Царот нека им го каже сонот на своите слуги, а ние ќе му го откриеме неговото значење.“ 8А царот рече: „Јас знам добро дека сакате да добиете во време, зашто знаете дека мојата одлука е неизменлива. 9Ако не ми кажете што сум сонувал, значи дека имате намера да ме измамувате со измамливи зборови и со измислици додека некако не помине времето. Затоа, кажете ми го мојот сон, па ќе знам дали ќе можете да ми го кажете и неговото значење!“ 10Халдејците одговорија пред царот: „Нема човек во светот кој би можел да му открие нешто такво на царот. И затоа ниеден цар, ма колку да е голем и силен, не бара такво нешто од волшебниците, гаталците или ѕвездарите. 11Тоа што го бараш, цару, тешко е, и нема никој што би можел да му го открие тоа на царот освен боговите, кои не живеат меѓу смртниците.“
12Тогаш царот се разгневи многу и се налути та нареди да ги погубат сите вавилонски мудреци. 13Откако беше објавена наредбата за да бидат убиени мудреците ги побараа Даниела и неговите другари за да ги погубат.
2. Даниел го толкува сонот
а. Молитва кон Бога, Кој открива тајни
14Но Даниел му се обрати со мудри и умни зборови на Ариох, заповедникот на царските телохранители, кој одеше да ги погуби вавилонските мудреци. 15Тој му рече на Ариох, царскиот заповедник: „Зошто царот издаде толку строга наредба?“ Ариох му раскажа на Даниела, 16а Даниел отиде кај царот и го замоли да му даде време та ќе му го протолкува сонот. 17И Даниел влезе во својата куќа та им кажа сѐ на Ананиј, Мисаил и Азариј, на своите другари, 18за да молат милост од Небесниот Бог заради таа тајна, за да не загинат Даниел и неговите другари со другите вавилонски мудреци. 19И му се јави тајната на Даниел во ноќно видение. А Даниел го благослови Небесниот Бог. 20Даниел го прифати словото и рече:
б. Даниелова фалбена песна
„Божјото име да биде благословено одвека довека, Негова е мудроста и силата. 21Тој ги менува добата и времињата, ги руши и ги поставува царевите, им дава мудрост на мудрите, а знаење на проницливите. 22Тој ги открива длабочините и тајните, знае што е во темнините и светлината живее во Него. 23Тебе Те славам и фалам, о Боже на моите татковци, зашто ми даде мудрост и сила! Еве, ми го откри она за што Те молевме, ни го откри тоа што го бара царот.“
в. Даниел Го прославува Бога пред царот
24Даниел отиде кај Ариох, кому царот му нареди да ги погуби вавилонските мудреци. Влезе и му рече: „Не убивај ги вавилонските мудреци! Одведи ме кај царот па ќе му го протолкувам сонот.“
25Тогаш Ариох неодложно го приведе Даниела кај царот и му рече: „Најдов човек од заробените синови на Јудеја, кој може да му го открие на царот значењето на сонот.“ 26Царот му рече на Даниела (кој се викаше Валтазар): „Дали си способен да ми кажеш што сонував и што значи сонот?“ 27Даниел одговори пред царот: „Тајната што царот ја истражува не можеа да му ја откријат на царот мудреците, волшебниците, гатачите и проколнувачите; 28ама има на небото Бог Кој ги открива тајните, и Тој му го соопшти на царот Навуходоносор она што ќе биде во последните денови. Еве го твојот сон и она што ти се привидело во постелата: 29Тебе цару, во твојата постела, ти дојдоа мисли за тоа што ќе се случи подоцна, а Откривателот на тајните ти соопшти она што ќе биде. 30Иако немам мудрост повеќе отколку другите смртници, таа тајна ми е откриена само затоа за да му го соопштам на царот нејзиното значење и за да ги запознаеш мислите на своето срце.
г. Откривање и толкување на Навуходоносоров сон
31О, цару, ти имаше привид: Ете, кип, голем кип, многу блескав стоеше пред тебе, страшен за очи. 32Главата на кипот беше од чисто злато, градите и рацете од сребро, стомакот и бедрата од бронза, 33нозете од железо, а стапалата делумно од железо, делумно од глина. 34Ти набљудуваше: одненадеж се одвали камен а да не го допре рака, па удри во кипот, во стапалата од железо и глина, та го скрши. 35Тогаш наеднаш се здроби железото и глината, бронзата, среброто и златото, и сѐ стана како плева на гумно лете, и ветерот го однесе сето без трага. А каменот што удри во кипот стана голема гора та ја наполни сета земја.
д. Четири царства на земја
36Тоа беше сонот; а неговото значење ќе го кажеме пред царот.“ 37„Ти, цару, цару над царевите, кому Небесниот Бог му даде царство сила, моќ и слава, - 38во чии раце ги стави, каде и да се нашле човечките синови, полските животни, небесните птици, и те постави господар над сѐ тоа - ти си главата од злато. 39По тебе ќе настане друго царство, послабо од твоето, па трето, од бронза, кое ќе господари со сета земја. 40А четвртото царство ќе биде цврсто како железо, како железо што сотрува и здробува сѐ; како железо што крши, ќе ги скрши и ќе ги разбие сите оние царства. 41Стапалата што ги виде, делумно од глина а делумно од железо се поделеното царство; ќе имаат нешто од цврстината на железото според што си видел железо измешано со глина. 42Прстите на стапалата, делумно железо а делумно глина: царството ќе биде делумно цврсто а делумно кревко. 43А што си видел железо измешано со глина: тие ќе се мешаат со човечко семе, но нема да се држат заедно, како што ни железото не може да се измеша со глина.
ѓ. Вечно Божјо Царство
44Во времето на овие цареви Небесниот Бог ќе подигне Царство кое никогаш нема да пропадне и не ќе помине врз некој друг народ. Тоа ќе ги разбие и ќе ги уништи сите оние царства, а самото ќе стои довека - 45како што виде дека се одвали камен од брегот а да не го допре рака, та ги сотре железото, бронзата, глината, среброто и златото. Великиот Бог му соопшти на царот што има да се случи. Сонот е вистинит, а толкувањето му е веродостојно.“
е. Навуходоносор Го прославува Бога и го возвишува Даниела
46Тогаш царот Навуходоносор падна ничкум и се поклони пред Даниела. Нареди да му принесат подарок и пријатно кадење. 47И царот му рече на Даниела: „Навистина вашиот Бог е Бог над боговите и Господар над царевите, Откривател на тајните, кога можеше да ја откриеше оваа тајна.“ 48Царот го возвиши Даниела и го дарува со многу блескави дарови. Го постави за управител на сета вавилонска покраина и старешина на сите вавилонски мудреци. 49Даниел го замоли царот да ги одреди за управители на вавилонската покраина Седрах, Мисах и Авденаго, а Даниел остана во царскиот дворец.

Селектирано:

ДАНИЕЛ 2: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се