Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ДЕЛА 14

14
Во Иконија
1Во Иконија влегоа заедно во јудејската синагога, и зборуваа така, што поверува големо множество Јудејци и Грци. 2Но Јудејците, кои не ги послушаа, ги побунија и ги огорчија душите на многубошците против браќата. 3Овие пак останаа тука долго време, проповедајќи смело, во Господа, Кој сведочеше за словото на Својата благодат и овозможуваше нивните раце да прават знаци и чуда. 4И множеството во градот се раздели: едни беа со Јудејците, а други со апостолите. 5Кога многубошците и Јудејците, со своите старешини, се нафрлија врз нив да ги измачуваат и да ги убијат со камења, 6тие научија за тоа и избегаа во ликаонските градови, Листра и Дарвија, и во нивната околина, 7и таму го проповедаа Евангелието.
Во Листра
8Во Листра седеше некој човек немоќен во нозете, хром од мајчината утроба, кој никогаш не одел. 9Тој го слушаше Павла кога зборуваше, а кога Павле го погледна виде дека има вера за исцелување, 10и му рече со силен глас: „Исправи се на своите нозе!“ И тој скокна и прооде. 11А множеството народ кога виде што направи Павле, го подигна својот глас, велејќи на ликаонски: „Боговите станаа како луѓе и слегоа при нас!“ 12И го нарекоа Варнава - Зевс, а Павла - Хермес, зашто тој беше началник на словото. 13А свештеникот на Зевсовото светилиште, што се наоѓаше пред градот, доведе јунци и донесе венци пред вратата и сакаше, заедно со народот, да принесе жртва. 14Но кога го чуја тоа апостолите, Варнава и Павле, ги раскинаа своите облеки се втурнаа меѓу народот и извикаа, 15велејќи: „Мажи, зошто го правите тоа? И ние сме луѓе како вас! Но ви проповедаме да се обратите, од тие суети, кон живиот Бог, Кој ги создаде небото и земјата, морето и сѐ што е во нив; 16Кој во минатите поколенија ги пушти сите народи да одат по своите патишта, 17и сепак никогаш не прекратуваше да сведочи за Себеси со Своите добрини, давајќи ви од небото дождови и плодоносни времиња и полнејќи ги вашите срца со храна и веселба.“ 18И зборувајќи за тоа, одвај успеаја да го запрат народот да не им принесе жртва. 19Но стигнаа Јудејци од Антиохија и Иконија и го наговорија народот; го каменуваа Павла и го извлекоа од градот, мислејќи дека е мртов. 20Меѓутоа, кога учениците се собраа околу него, тој стана и влезе во градот. А утреден отиде со Варнава во Дерва.
Враќање во Сириска Антиохија
21Откако го навестија Евангелието во оној град и придобија многу ученици, се вратија во Листра, Иконија и Антиохија; 22ги утврдуваа душите на учениците и ги советуваа да бидат постојани во верата, и дека треба преку многу неволји да влезат во Божјото Царство. 23И кога им определија старешини, во одделните цркви, се помолија со пост и Му ги предадоа на Господа, во Кого поверувале. 24Потоа поминувајќи низ Писидија, дојдоа во Памфилија; 25и, откако го проповедаа словото во Перга, слегоа во Аталија; 26а оттаму отпловија во Антиохија, откаде ѝ беа предадени на Божјата благодат за делото што го завршија. 27И кога пристигнаа и ја собраа црквата, раскажаа, што сѐ направил Бог со нив, и како им ја отворил вратата на верата на народите. И останаа подолго време со учениците.

Селектирано:

ДЕЛА 14: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се