Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ДЕЛА 13

13
Прво мисионерско патување на апостол Павле
1Во Антиохиската црква имаше пророци и учители: Варнава, и Симеон наречен Нигер, па Луциј Киринеец, Манаин, кој беше воспитан заедно со четворовласникот Ирод, и Савле. 2И кога Му служеа на Господа и постеа, Светиот Дух рече: „Одвојте ми ги Варнава и Савла за делото за кое ги повикав!“ 3Тогаш, откако постеа и се помолија, ги положија рацете на нив и ги пуштија.
На Кипар
4И така тие - испратени од Светиот Дух - слегоа во Селевкија и оттаму отпловија за Кипар. 5И кога дојдоа во Саламина, го проповедаа Божјото слово во јудејските синагоги, а го имаа и Јована за помошник. 6И кога го поминаа целиот остров до Пафос, најдоа некој маѓепсник, лажен пророк, Јудеец, по име Варисус, 7кој беше со проконзулот Сергиј Павле, умен човек. Овој ги повика Варнава и Савле и посака да го чуе Божјото Слово. 8Но им се спротивстави Елим маѓепсникот, - зашто така се преведува неговото име - настојувајќи да го одврати проконзулот од верата. 9Тогаш Савле - кој се вика и Павле - исполнет со Светиот Дух, го насочи погледот кон него и рече: 10“О, ти полн со секакво лукавство и злоба, ѓаволски сине, непријателу на секоја праведност, нема ли да престанеш да ги искривуваш правите Господови патишта?! 11И, еве, сега Господовата рака паѓа на тебе: ќе бидеш слеп и за некое време не ќе го гледаш сонцето!“ И во истиот миг паднаа на него мрак и темнина; и тој одеше наоколу и бараше луѓе, кои ќе го водат. 12Тогаш проконзулот, откако виде што стана, поверува, восхитувајќи ѝ се на Господовата наука.
Во Писидиска Антиохија
13А Павле и неговите придружници отпловија од Пафос и дојдоа во Памфилиска Пергија. Тука Јован се оддели од нив и се врати во Ерусалим. 14А тие заминаа од Пергија и дојдоа во Писидиска Антиохија; и влегоа во синагогата во саботен ден, и седнаа. 15А по читањето на Законот и Пророците, старешините на синагогата испратија до нив да им кажат: „Браќа, ако имате некакво утешно слово за народот, зборувајте!“
16Тогаш Павле стана, мавна со раката и рече: „Мажи Израелци и вие други, кои се боите од Бога, чујте! 17Бог на овој Израелски народ ги избра нашите татковци и го издигна народот во туѓина, во Египетската Земја, и со воздигната рака ги изведе од таа земја, 18и околу четириесет години ги трпеше во пустината; 19и уништи седум народи во Хананската Земја, и им ја даде во наследство нивната земја; 20за околу четири стотини и педесет години. Потоа им ги даде судиите до пророкот Самоил. 21Оттогаш побараа цар, и Бог им го даде Саула синот Кисов, човек од Венијаминовото племе, за четириесет години. 22Кога го отфрли овој, им го подигна за цар Давида, за кого посведочи и рече: ‘Го најдов Давида, синот Есеев, човек по Моето срце, кој ќе ја исполни целата Моја волја.’
23Од неговото потомство Бог - според ветувањето - му го подигна на Израел: Спасителот Исуса, 24откако Јован, пред Неговото доаѓање, му проповедаше на целиот Израелски народ покајно крштавање. 25А кога Јован ја исполни својата должност, велеше: „Јас не сум Оној, што вие мислите; туку, ете, по мене иде Еден, Кому не сум достоен да Му ги одврзам обувките на нозете. 26Браќа, синови на Авраамовиот род, и вие, кои се боите од Бога, меѓу нив, нам ни е испратено словото за ова спасение. 27Зашто жителите на Ерусалим и нивните началници не Го познаа, туку Го осудија и така ги исполнија пророчките зборови, што се читаат секоја сабота. 28Иако не најдоа никаква вина, која заслужува смрт, бараа од Пилата да Го погуби. 29И кога исполнија сѐ што е напишано за Него, Го симнаа од дрвото и Го положија во гроб. 30Но Бог Го воскресна од мртвите. 31И повеќе денови им се јавуваше на оние, кои со Него од Галилеја отидоа горе во Ерусалим, а кои се сега Негови сведоци пред народот.“
32“И ние ви го проповедаме Евангелието за ветувањето дадено на татковците, дека Бог го исполни на нас, нивните деца, кога Го воскресна Исуса, 33како што е напишано во вториот псалм: ‘Ти си Мој Син, Јас Те родив денес.’ 34А дека Го воскресна од мртвите и дека веќе не се враќа во гниењето рече вака: ‘Вам ќе ви ги исполнам светите и верните зборови Давидови.’ 35Затоа и во друг псалм вели: ‘Нема да дозволиш Твојот Светец да види гниење.’ 36А Давид му послужи на своето поколение и според Божјата волја заспа и им се придружи на своите татковци и виде гниење. 37А Оној, Кого Бог Го воскресна, не виде гниење. 38И така, мажи браќа, знајте дека преку Овој ви се навестува простување на гревовите; 39и од сѐ од што не можевте да се оправдате преку Мојсеевиот Закон, преку Него се оправдува секој, кој верува. 40И така, гледајте да не дојде на вас, што е речено во пророците: 41’Видете, вие кои презирате, чудете се и исчезнете! Зашто Јас правам дело - во вашите денови - дело во кое нема да поверувате, ако некој би ви раскажувал.’
42А кога излегуваа, ги молеа да им ги проповедаат овие зборови и во идната сабота. 43Кога собирот се разотиде, многу Јудејци и прозелити, кои Го почитуваа Бога, појдоа по Павла и Варнава. Тие им зборуваа и ги наговоруваа да останат во Божјата благодат. 44А во идната сабота се собра скоро целиот град да го чуе Божјото слово. 45А кога Јудејците видоа множество, се исполнија со завист и со хулење говореа против Павловите зборови. 46Тогаш Павле и Варнава им рекоа одлучно: „Требаше најнапред вам да ви се проповеда Божјото Слово; но бидејќи вие го отфрлате од себе и не се сметате достојни за вечниот живот, еве, ние им се обраќаме на народите, 47зашто Господ ни заповеда така: ‘Те поставив за светлина на народите, да им бидеш спасение до крајот на земјата.’
48Кога народите го чуја тоа, се радуваа и го славеа Господовото слово и поверуваа мнозина, кои беа определени за вечниот живот. 49И Господовото слово се распространуваше по целата земја. 50А Јудејците ги поттикнаа угледните и побожните жени и градските првенци, и подигнаа гонење против Павла и Варнава, и ги изгонија од своите предели. 51Овие го истресоа правот од своите нозе против нив и дојдоа во Иконија. 52А учениците се исполнија со радост и со Светиот Дух.

Селектирано:

ДЕЛА 13: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност