Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 САМОИЛ 16

16
9. Сива го клевети Мефивостеја
1Кога Давид помина малку преку врвот, ете, во пресрет му дојде Сива, Мефивостеевиот слуга, со две насамарени ослиња што носеа двеста лебови, сто гроздови суво грозје, сто низи летно овошје и мев со вино. 2Царот го праша Сива: „Што ќе правиш со тоа?“ А Сива одговори: „Ослињата се за да послужат на царското семејство за јавање, лебот и овошјето за јадење на момчињата, а виното за пиење на оние кои ќе се уморат во пустината.“ 3Царот праша натаму: „А каде е синот на твојот господар?“ А Сива му одговори на царот: „Ене, остана во Ерусалим, зашто рече: ‘Денес Израелевиот дом ќе ми го врати царството на мојот татко.’“ 4Тогаш царот му рече на Сива: „Ете, сѐ што имаше Мефивостеј нека е твое.“ А Сива одговори: „Се поклонувам пред тебе. Нека да најдам милост во твоите очи, цару господару!“
10. Симеј го тормози Давида
5Кога царот Давид дојде во Ваурим, ете, оттаму излезе еден човек од родот на Сауловиот дом. Се викаше Симеј, а беше син Гирин. Тој излегуваше, и постојано колнеше. 6Фрлаше камења на Давида и на сите дворјанци на царот Давид, а сите луѓе со сите јунаци го опкружуваа царот од десната и од левата страна. 7А Симеј зборуваше вака, проколнувајќи: „Оди си, оди си, крвнику, беззаконику! 8Господ ја сврти против тебе сета крв на Сауловиот дом, кому ти му го одзеде царството. Затоа, Господ го предаде царството во рацете на твојот син Авесалом. Еве, сега се најде во неволја, зашто си крвник.“
9Тогаш Серуиниот син Ависај му рече на царот: „Зар овој пцовисан пес да го проколнува мојот господар цар? Дозволи ми да отидам преку и да му ја симнам главата!“ 10Ама царот одговори: „Што сакате од мене Серуинови синови? Ако тој колне и ако Господ му заповедал: ‘Проколнувај го Давида!’ - кој смее да го праша: ‘Зошто правиш така?’“ 11Тогаш Давид им рече на Ависај и на сите свои слуги: „Ете, мојот син кој излезе од моето тело, ја бара душата моја, а камоли не овој Венијаминец! Оставете го нека колне, зашто Господ му заповедал. 12Можеби Господ ќе погледне на мојата неволја та ќе ми врати добро за неговото денешно колнење.“ 13Потоа Давид го продолжи патот со своите луѓе, а Симеј одеше по горска патека наспоредно со него, колнејќи постојано, фрлајќи камења кон него и дигајќи прав. 14Царот и сиот народ што го придружуваше стигнаа заморени и здивнаа таму.
11. Авесаломово влегување во Ерусалим
а. Хусај се преправа Авесаломов слуга
15Меѓутоа Авесалом влезе во Ерусалим со сиот израелски народ; и Ахитофел беше со него. 16А кога Архиецот Хусај, пријателот Давидов, дојде кај Авесалома, Хусај му рече на Авесалома: „Да живее царот! Да живее царот!“ 17А Авесалом го праша Хусаја: „Дали е тоа твојата верност кон твојот пријател? Зошто не си отиде со својот пријател?“ 18А Хусај му одговори на Авесалома: „Не, туку кого го избра Господ и овој народ и сите Израелци, ќе бидам негов и ќе останам со него. 19И притоа: кому ќе му служам? Зар не на неговиот син? Како што му служев на татка ти, така ќе ти служам и тебе.“
б. Ахитофелов совет за соложници
20Потоа Авесалом му се обрати на Ахитофел: „Советувај сега: што да правиме?“ 21Ахитофел одговори на Авесалома: „Влези кај соложниците на својот татко, кои ги остави да го чуваат домот: тогаш сиот Израел ќе чуе дека си во спор со татака си, па ќе се охрабрат сите оние кои што се согласија со тебе.“ 22Тогаш оптегнаа шатор за Авесалома на покривот, и Авесалом влезе кај соложниците на својот татко пред очите на сиот Израел. 23А советот што ќе го дадеше Ахитофел во она време беше како некој да прашува за слово од Бога; толку вредеше секој Ахитофелов совет, и кај Давида и кај Авесалома.

Селектирано:

2 САМОИЛ 16: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се