Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 САМОИЛ 15

15
3. Авесаломово востание
1Потоа Авесалом си набави кола и коњи, и педесет луѓе кои трчат пред него. 2Авесалом стануваше рано изутрина, и застануваше покрај патот што водеше до градската врата; и секој што имаше некаква парница та одеше кај царот на суд, Авесалом го повикуваше кај себе и го прашуваше: „Од кој град си?“ А кога тој би одговорил: „Твојот слуга е од тоа и тоа Израелево племе,’ 3тогаш Авесалом ќе му речеше: „Гледаш, твојата работа е добра и праведна, ама нема да најдеш никого, кој би те послушал кај царот.“ 4Авесалом ќе продолжеше: „Ах, кога би ме поставиле мене за судија во земјата! Секој што би имал некаква парница или судење би доаѓал кај мене, и јас би му дал правда!“ 5А кога некој ќе му се доближеше, за да му се поклони, тој би ја испружил раката, ќе го привлечеше кон себе и ќе го пољубеше. 6Така правеше Авесалом со сите Израелци кои доаѓаа на суд кај царот. Со тоа Авесалом ги придобиваше срцата на Израелците за себе.
7Кога поминаа четири години, Авесалом му рече на царот: „Дозволи ми да отидам во Хеврон и да го извршам заветот со кој му се заветував на Господа. 8Зашто кога бев во Гесур во Арам, твојот слуга се заветува вака: ‘Ако Господ навистина ме доведе назад во Ерусалим, тогаш јас ќе Му служам на Господа.’“ 9А царот му одговори: „Оди во мир!“ И тој тргна на пат и отиде во Хеврон. 10Авесалом испрати тајни гласници по сите Израелеви племиња и им порача: „Кога ќе го чуете звукот на рогот, тогаш речете: ‘Авесалом стана цар во Хеврон.’“ 11А со Авесалома отидоа двеста луѓе од Ерусалим; тоа беа познаници, кои тргнаа простодушно, не знаејќи ништо. 12Авесалом испрати и по Гилонецот Ахитофел, Давидовиот советник, од неговиот град Гилон, да присуствува на принесувањето на жртвите. Заверата беше силна, а Авесаломовите приврзеници растеа сѐ повеќе.
4. Давидово бегство од Ерусалим
13Тогаш стигна гласник кај Давида и му соопшти: „Срцето на Израел му се приклони на Авесалома.“ 14Тогаш Давид им рече на сите свои слуги кои што беа со него во Ерусалим: „Станете! Да бегаме! Инаку нема да му избегаме на Авесалома. Поитајте бргу, за да не биде тој побрз и да нѐ стигне, да не обори зло врз нас, и да не го погуби градот со острилото на мечот!“ 15А царевите дворјанци му одговорија на царот: „Што и да одлучи нашиот господар цар, еве ги твоите слуги!“ 16И царот излезе пеш со сиот свој двор; сепак царот остави десет наложнички, за да го чуваат домот. 17И царот замина пеш со сиот народ и застана кај последната куќа. 18Сите негови дворјанци стоеја покрај него. Тогаш сите Херетејци, сите Фелетејци, Итај и сите Гетејци, кои беа дошле со него од Гат, шест стотини луѓе, поминаа пред царот.
5. Верност на Гетеецот Итај
19Царот го праша Гетеецот Итај: „Зошто и ти идеш со нас? Врати се и остани кај царот! Ти си странец, протеран од својата земја. 20Вчера дојде, а денес да те водам да скиташ со нас, кога јас одам кај што ќе посакам. Врати се и одведи ги своите браќа назад со себе, а доброта и верност со тебе!“ 21Но Итај му одговори на царот вака: „Живиот ми Господ, и така да биде жив мојот господар цар: каде што ќе биде мојот господар царот, било за смрт или за живот, таму ќе биде и твојот слуга!“ 22Тогаш Давид му рече на Итаја: „Ајде, помини!“ И Итај од Гат помина со сите свои луѓе и со сите малечки кои беа со него. 23А целата земја плачеше на глас. Царот го помина потокот Кедрон, и сиот народ поминуваше пред него кон пустината.
6. Враќање на Ковчегот во Ерусалим
24Ете, дојде и Садок и со него сите левити кои го носеа Ковчегот на Божјиот завет. И тие го положија Божјиот Ковчег; и Авијатар отиде горе, додека сиот народ не излезе од градот. 25Тогаш царот му рече на Садока: „Однеси го Божјиот Ковчег повторно назад во градот. Ако најдам милост пред очите на Господа, Тој ќе ме доведе назад и ќе ми дозволи да го видам Него и Неговото живеалиште. 26Ако, пак, Тој каже: ‘Немам кон тебе благонаклоност,’ - тогаш, ете ме, нека прави со мене што е добро во Неговите очи!“ 27Уште царот му рече на свештеникот Садок: „Не ли си пророк? Врати се со мир во градот, и твоите два сина со тебе, твојот син Ахимас и Авијатаровиот син Јонатан. 28Еве, јас ќе се задржам во рамнината на пустината додека не дојде глас од вас, за да ме извести.“ 29Тогаш Садок и Авијатар го однесоа Божјиот Ковчег назад во Ерусалим и останаа таму.
7. Ахитофелово предавство
30Давид се искачуваше по нагорништето на Маслиновата Гора, сѐ плачејќи, со покриена глава и бос, и сиот народ што беше со него, ја покри секој својата глава, и одеше плачејќи. 31Тогаш му јавија на Давида дека и Ахитофел е меѓу заверениците со Авесалома. И Давид рече: „Те молам, о Господи, направи го Ахитофеловиот совет безумие!“
8. Хусај се враќа во Ерусалим
32Кога Давид дојде на врвот на гората, таму каде што се поклонуваа на Бога, и ете, во пресрет му дојде Архиецот Хусај, со раскината облека и со глава посипана со прав. 33Давид му рече: „Ако тргнеш со мене, ќе ми бидеш на товар.“ 34Но ако се вратиш во градот и му речеш на Авесалома: ‘Царе, ќе бидам твој слуга, како што бев слуга на татко ти досега, така ќе ти бидам сега слуга’; тогаш ќе можеш да ги вратиш во моја полза Ахитофеловите совети. 35Не ли се таму со тебе свештениците Садок и Авијатар? Сѐ што ќе чуеш од царскиот двор, соопшти им на свештениците Садок и Авијатар. 36Ете, таму со нив се и нивните два сина, Ахимас Садоков, а и Јонатан Авијатаров: јавувајте ми по нив сѐ што ќе чуете.“ 37Така Хусај, Давидов пријател, се врати во градот кога Авесалом влегуваше во Ерусалим.

Селектирано:

2 САМОИЛ 15: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се