2 САМОИЛ 12
12
Д. Натан и Давид
1. Натанова приказна
1Господ го испрати пророкот Натан кај Давида. Тој влезе кај него и му рече: „Во некој град живееја два човека, едниот богат, а другиот беден. 2Богатиот имаше овци и говеда во изобилство. 3А бедниот немаше ништо друго освен една единствена овчичка, што ја беше купил. Ја хранеше, и таа растеше покрај него и со неговите деца; јадеше од неговиот залаг, пиеше од неговата чаша; му спиеше во неговото крило: му беше како ќерка. 4И дојде патник кај богатиот човек, а нему му беше жал да земе од своите овци или од говедата за да му зготви на гостинот, кој му беше дошол. Тој ја украде овчичката на сиромавиот и ја зготви за својот посетител.“ 5Тогаш Давид пламна со жесток гнев на тој човек и му рече на Натана: „Така ми живиот Господ, смрт заслужил човекот што направил така! 6Четворно да ја надомести овцата затоа што го направил тоа дело и зашто не знаел за милосрдие!“
2. Приказната се однесува за Давид. Покајание
7Тогаш Натан му рече на Давида: „Ти си тој човек! Вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‘Јас те помазав за цар над Израел, Јас те избавив од Сауловата рака. 8Ти ја предадов куќата на твојот господар, ги положив жените на твојот господар во твоето крило, ти ги дадов Израелевиот дом и Јудиниот дом, ќе ти додадев уште ова или она. 9Зошто го презре Господа и зошто го направи она што е зло во Неговите очи? Го уби со меч Хетеецот Уриј, а неговата жена ја зеде за своја жена. Да, него го уби со мечот на Амонците. 10Затоа веќе никогаш не ќе се сврти мечот од твојот дом, зашто Ме презре и зашто ја зеде жената на Хетеецот Уриј да ти биде жена.’ 11Господ зборува вака: ‘Еве Јас ќе подигнам зло против тебе од твојот дом. Ќе ги земам твоите жени од пред твоите очи и ќе му ги дадам на твојот ближен, кој ќе спие со твоите жени пред ова сонце. 12Навистина ти работеше тајно, но Јас ќе ја извршам оваа закана пред сиот Израел и пред сонцето!’“ 13Тогаш Давид му рече на Натана: „Згрешив пред Господа!“ А Натан му одговори на Давида: „Господ ти го опростува твојот грев: нема да умреш. 14Но бидејќи со тоа дело го презре Господа, неминовно ќе умре детето, кое ти се роди!“ 15Потоа Натан си отиде во својата куќа.
3. Смрт на Витсавеин младенец
А Господ го удри детето кое Уриевата жена му го роди на Давида, и тоа се разболе. 16Давид Му се обрати на Бога со молитва за детето: постеше, се враќаше дома и лежеше преку ноќта на гола земја. 17А старешините на неговиот дом стоеја околу него за да го подигнат од земјата, ама тој не сакаше и не вкуси никакво јадење со нив. 18А на седмиот ден умре детето. Давидовите дворјанци не се осмелија да му соопштат дека детето умре. Зашто мислеа: „Додека детето беше живо, му зборувавме, а тој не сакаше да нѐ слуша. А како ќе му кажеме кога детето умре? Ќе направи зло!“ 19Давид забележа дека неговите дворјанци шепотат меѓу себе, и тој сфати дека детето умре. И ги праша Давид своите дворјанци: „Дали умре детето?“ А тие одговорија: „Умре.“ 20Тогаш Давид стана од земјата, се искапи, се помаза и се пресоблече во други облеки. Потоа влезе во Господовиот дом и се поклони. Откако се врати потоа во својата куќа, побара да му дадат јадење; и јадеше. 21А неговите дворјанци го прешаа: „Што правиш тоа? Додека детето беше живо, постеше и плачеше; а сега, кога детето е умрено, стануваш и јадеш!“ 22А тој одговори: „Додека детето уште беше живо, постев и плачев, зашто мислев: ‘Кој знае? Можеби Господ ќе се смилува на мене и детето ќе остане живо!’ 23А сега кога е умрено, зошто да постам? Дали можам да го вратам? Јас ќе отидам при него, но тоа нема да се врати кај мене!“
4. Соломоново раѓање
24Потоа Давид ја утеши својата жена Витсавеа. Дојде кај неа и легна со неа. Таа затрудни и роди син кому му го даде името Соломон. Господ го замилува 25и го соопшти тоа преку пророкот Натан. Овој го нарече со името Едидиј (Возљубен на Господа), заради Господа.
5. Победа над Амонци
26Јоав нападна на Рава на Амоновите синови и го освои царскиот град. 27Тогаш Јоав испрати гласници кај Давида со порака: „Јас нападнав на Рава и го освоив градот покрај водата. 28Сега ти собери ја другата војска, опколи го градот и заземи го, за да не го освојам јас градот и да му го дадам своето име.“ 29И Давид ја собра сета војска, тргна против Рава, го нападна градот и го зазеде. 30Тогаш ја симна круната на нивниот цар од неговата глава, што беше тешка еден златен талант; во неа имаше бесценет камен, и ја положија врз Давидовата глава. И многу богат плен однесе од градот. 31А народот што беше во него го изведе и го стави да работи кај пилите, и со железни копачи, и со железни секири, и го употреби за работа во туланите. И така исто им правеше на сите градови на Амоновите синови. Потоа Давид се врати, со својата војска во Ерусалим.
Селектирано:
2 САМОИЛ 12: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.