Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 САМОИЛ 11

11
ДВОЕН ДАВИДОВ ГРЕВ
11:1-12:31
А. Давидово прељубодејство
1Во почетокот на следната година, во времето кога царевите излегуваат во војна, Давид ги испрати Јоава и со него сите свои луѓе и сиот Израел: тие ги разбија Амонците и ја опсадија Рава. А Давид остана во Ерусалим. 2А еден ден, приквечер, Давид стана од својата постела и се прошета по покривот на својот дворец. Од покривот забележа жена како што се капе. Жената беше убава на глетка. 3Давид испрати и се распраша за жената, и му рекоа: „Па тоа е Витсавеа, ќерка Елиамова и жена на Хетеецот Уриј!“ 4Тогаш Давид испрати гласник за да ја доведат кај него. Кога дојде, тој легна со неа, токму кога беше се очистила од својата нечистота, потоа таа се врати во својата куќа. 5Жената забремени та му порача на Давида: „Трудна сум!“
Б. Давид праќа по Уриј да го доведат
6Тогаш Давид му испрати порака на Јоав: „Испрати го кај мене Хетеецот Уриј!“ И Јоав го испрати Урија кај Давида. 7Кога Уриј дојде кај него, Давид го праша како е Јоав, како е војската и како напредува војната. 8Потоа Давид му рече на Урија: „Слези во својата куќа и измиј си ги своите нозе!“ Уриј излезе од царскиот дворец, а по него изнесоа подарок од царскиот стол. 9Но Уриј остана да спие пред вратата на царскиот дворец со стражарите на својот господар, и не отиде во својата куќа. 10Му јавија за тоа на Давида, велејќи: „Уриј не отиде во својата куќа!“ Тогаш Давид го праша Урија: „Зар не дојде од пат? Зошто не си одиш во својата куќа?“ 11А Уриј му одговори на Давида: „Ковчегот, Израел и Јуда престојуваат под шатори, мојот господар Јоав и стражата на мојот господар престојуваат на отворено поле, а јас да влезам во својата куќа, да јадам и да пијам и да спијам со својата жена? Жив ми твојот живот и твојата душа, навистина нема да направам нешто такво!“ 12Тогаш Давид му рече на Урија: „Остани уште денес тука, а утре ќе те пуштам.“ Така Уриј остана во Ерусалим во оној ден. 13Утреден Давид го повика Уриј да јаде и да пие пред него, и тој се испијани. А навечер Уриј излезе и легна во својата постела заедно со стражите на својот господар, ама не отиде во својата куќа.
В. Убиство на Уриј
14Наутро Давид му напиша писмо на Јоав и му го испрати по Уриј. 15А во тоа писмо пишуваше вака: „Поставете го Урија напред, каде што е бојот најжесток, па повлечете се зад него: нека биде погоден и нека загине!“ 16Затоа Јоав, опседнувајќи го градот, го постави Урија на местото каде што знаеше дека стојат најхрабрите борци. 17Тогаш кога граѓаните излегоа насила надвор и се судрија со Јоав, паднаа неколку од неговата војска, од Давидовите луѓе, а загина и Хетеецот Уриј. 18Потоа Јоав испрати човек и му соопшти сѐ што се случило во бојот. 19И му заповеда на гласникот вака: „Кога ќе му раскажуваш на царот сѐ што се случило во бојот, 20можеби царот ќе се налути и ќе ти рече: ‘Зошто сте се доближиле толку близу до градот за да нападнете? Зар не знаевте дека обично се фрлаат стрели од ѕидот? 21Кој го уби Авимелеха, синот Ерувесетов? Не фрли ли врз него една жена мелнички камен, одозгора од ѕидот, та загина во Тевес? Зошто се доближивте толку близу до ѕидот?’ Ако ти рече така, а ти речи му: ‘Загина и твојот слуга Хетеецот Уриј.’“ 22Гласникот тргна на пат, дојде кај Давида и му раскажа сѐ што му наложи Јоав. А Давид пламна со гнев на Јоава и му рече на гласникот: „Зошто сте се доближиле толку близу до ѕидот? Кој го уби Авимелеха, синот Ерувесетов? Не фрли ли врз него една жена мелнички камен, одозгора од ѕидот, та загина во Тевес? Зошто се доближивте толку близу до ѕидот?“ 23Гласникот му одговори на Давида: „Тие луѓе удрија силно врз нас и излегоа против нас на отворено поле. Ние ги потиснавме назад до градската врата, 24ама стрелците од ѕидот почнаа да фрлаат стрели врз твоите луѓе, та загинаа неколку од царските луѓе; така загина и твојот слуга Хетеецот Уриј.“
Г. Давидова женачка со Витсавеа
25Тогаш Давид му рече на гласникот: „Речи му вака на Јоава: ‘Не земај го тоа толку на срце, зашто мечот го голта сега овој, сега оној. Удирај уште посилно на градот и разурни го!’ Така ќе му ја вратиш смелоста!“ 26Кога Уриевата жена чу дека загина нејзиниот маж Уриј, жалеше по својот маж. 27А кога помина времето на жалоста, Давид испрати по неа и ја зеде во својот дом, и таа му стана жена. И му роди син. Но делото што го направи Давид беше зло во очите на Господа.

Селектирано:

2 САМОИЛ 11: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се