Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 ЦАРЕВИ 23

23
6. Возобновување на Заветот
1Тогаш царот испрати да се соберат кај него сите јудејски и ерусалимски старешини. 2Царот потоа отиде во Господовиот Дом со Јудејците, со ерусалимците, со свештениците и пророците, и со сиот народ, од најмалиот до најголемиот. И им ги прочита сите зборови на книжниот свиток на Заветот кој беше најден во Господовиот Дом. 3Царот, стоејќи пред столбот, го обнови пред Господа Заветот дека ќе го следи Господа и дека ќе ги пази Неговите заповеди, поуки и одредби со сето срце и со сета душа, за да ги исполни сите слова на Заветот, запишани во овој свиток. Сиот народ стапи во Заветот.
7. Преобразба на Јосиј
4Царот им нареди на првосвештеникот Хилкиј, на свештениците на вториот ред и на чуварите на храмскиот праг да ги изнесат од Господовото Светилиште сите богослужбени предмети што беа направени за Ваала и за Ашера и за сета небеска војска. Одреди да го изгорат сѐ тоа надвор од Ерусалим, во Кедронските Полиња, а пепелта ја однесе во Ветил. 5Ги отстрани паганските свештеници кои јудејските цареви ги поставија за да кадат на високите места, во јудејските градови и во околината на Ерусалим; и оние кои што им кадеа на Ваала, на сонцето, на месечината, на ѕвездите и на сета небеска војска. 6Ја изнесе Ашера надвор од Ерусалим од Господовиот Дом, во Кедронската Долина, и ја спали во Кедронската Долина, ја здроби во прав, а правот го фрли на гробиштата на народните синови. 7Ги разурна домовите на содомците, кои беа при Господовиот Дом и во кои жените ѝ ткаеја облеки на Ашера. 8Од сите јудејски градови ги доведе паганските свештеници и ги обессвети високите места каде тие кадеа, од Гева до Вит-Савеа. Потоа ги урна високите места пред вратата, оние што беа пред вратата на Исуса, управителот на градот, одлево кога ѝ се приоѓа на градската врата. 9Исто така свештениците на високите места не можеа да се искачуваат кон Господовиот жртвеник во Ерусалим, но јадеа бесквасни лебови меѓу своите браќа. 10Го оскверни Тофет во долината Бен Еном, за да не може никој да го поминува својот син или ќерката низ оган во чест на Молох. 11Ги отстрани коњите што јудејските цареви му ги принесоа на сонцето при влезот во Господовиот Дом, покрај собата на дворјанецот Натан Мелех, која се наоѓаше во близина, и ја изгоре во оган сончевата кола. 12Жртвениците на покривот што ги беа изградиле јудејските цареви, и оние кои што ги изгради Манасиј во двата двора на Господовиот Храм, царот ги урна, ги отстрани оттаму и го фрли нивниот прав во Кедронскиот Поток. 13Високите места што беа спроти Ерусалим, на јужниот дел на Маслиновата Гора, и кои ѝ ги изгради израелскиот цар Соломон на Астарота, сидонска мерзост; на Хемус, моавски срам, и на Мелхом, гадот амонски - царот сите ги оскверни. 14Ги скрши столбовите, ги откорна ашерите, и нивните места ги наполни со човечки коски.
8. Коски на Божји човек
15Исто така и жртвеникот во Ветил, високото место што го изгради Јеровоам, синот Наватов, кој го наведе Израел на грев, царот го разурна, ги обори жртвеникот и тоа високо место, ги сотре камењата во прав, ги спали ашерите. 16А кога Јосиј се сврти и ги виде гробовите што беа таму на гората, испрати да ги соберат коските од оние гробови, и ги спали врз жртвеникот. Така го обессвети, извршувајќи го Господовото слово, кое го објави Божјиот човек (додека Јеровоам беше на жртвеникот за време на свеченоста). Откако се сврте, Јосиј фрли поглед врз гробот на Божјиот човек кој го објави сѐ тоа, 17и праша: „Каков споменик е оној што го гледам?“ Луѓето од градот му одговорија: „Тоа е гробот на Божјиот човек, кој дојде од Јудеја и кој го прорече сѐ тоа што го направи ти со ветилскиот жртвеник.“ 18“Оставете го на мир - рече царот - и нека никој не ги допира неговите коски.“ Така останаа неговите коски недопрени со коските на пророкот кој дојде од Самарија. 19Јосиј уште ги разурна сите домови на високите места, што израелските цареви ги изградија по градовите на Самарија за да би Го гневеле Господа и направи со нив како што направи во Ветил. 20Ги закла сите свештеници на високите места врз жртвениците; врз нив ги изгоре и човечките коски. Потоа се врати во Ерусалим.
9. Празнување на Пасха
21Царот му нареди на сиот народ: „Празнувајте ја Пасхата во чест на Господа, својот Бог, според обичајот што е запишан во овој книжен свиток на Заветот.“ 22Таква Пасха не беше празнувана од времето на судиите кои што му судеа на Израел, и за сето време на израелските и јудејските цареви. 23Само во осумнаесеттата година од царувањето на Јосиј беше празнувана таква Пасха во чест на Господа, во Ерусалим.
10. Ревност на Јосиј
24Освен тоа, сите бајачи и сите вражалци, сите домашни богови и кипови, и сите срамови што можеа да бидат видени во јудејската земја и во Ерусалим, сѐ тоа Јосиј отстрани за да ги изврши зборовите на Законот, запишани во книжниот свиток кој го најде Хилкиј, свештеник на Господовиот Дом. 25Немаше пред него таков цар кој Му се обратил на Господа со сето свое срце, со сета своја душа и со сета своја сила, верен во сѐ на Мојсеевиот Закон, а ни по него му немаше рамен.
11. Божјиот гнев не се отстранува од Јуда
26Сепак, Господ не се откажа од пламенот на Својот голем гнев со кој зовре против Јудејците заради сите предизвици со кои го лутеше Манасиј. 27Господ одлучи: „Ќе ги отфрлам Јудејците од пред Себе, како што ги отфрлив Израелците; ќе ги отфрлам овој град што го избрав, Ерусалим, и Домот за кого реков: ‘Тука ќе биде Моето Име.’“
12. Јосиина смрт и зацарување на Јоахаз
28Другата Јосиева повест, и сѐ што направи, зар сѐ тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви?
29Во негово време фараонот Нехаон, египетскиот цар, тргна против асирискиот цар, на реката Еуфрат. Царот Јосиј тргна пред него, ама тој го уби во Мегидон, при првата средба. 30Неговите слуги му го пренесоа телото со кола од Мегидон, го префрлија во Ерусалим и го погребаа во неговата гробница. Сиот народ на земјата го прими Јоахаз, синот Јосиев; го помазаа и го прогласија за цар место неговиот татко.
Д. Царување на Јоахаз; негово пленување во Египет
31На Јоахаза му беа дваесет и три години кога се зацари. Царуваше три месеци во Ерусалим. Неговата мајка се викаше Амутала, ќерка Еремиева, од Ливна. 32Тој правеше што е зло во Господовите очи, сѐ како што правеа неговите татковци. 33Фараонот Нехаон го фрли во окови во Ривала, на подрачјето на Емат, за да не владее во Ерусалим, и ѝ наметна на земјата данок од сто таланти сребро и десет таланти злато. 34Фараонот Нехаон го постави за цар Елијаким, синот Јосиев, на местото на неговиот татко Јосиј, и му го промени името во Јоаким. А Јоахаза го зеде и го одведе во Египет, каде тој умре. 35Елијаким му даде на фараонот сребро и злато, ама ѝ наметна данок на земјата, за да го собере износот што фараонот го бараше. Секому му наметна според неговата состојба, земаше сребро и злато што требаше да му го дава на фараонот Нехаон.
Ѓ. Царување на Елијаким
Прво Навуходоносорово заземање на Ерусалим
36На Елијаким му беа дваесет и пет години кога стана цар, и царуваше единаесет години во Ерусалим. На мајка му името ѝ беше Зевуда, ќерка Федаева, и беше од Рума. 37Тој правеше што е зло во Господовите очи, сѐ како што правеа и неговите татковци.

Селектирано:

2 ЦАРЕВИ 23: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се