Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 ЦАРЕВИ 22

22
Г. Царување на Јосиј
1. Јосиева верност
1На Јосиј му беа осум години кога се зацари. Царуваше триесет и една година во Ерусалим. Мајка му се викаше Једида, ќерката Адаева, и беше од Васкат. 2Правеше што е добро во Господовите очи. Во сѐ одеше по патот на својот татко Давид, не свртувајќи ни десно ни лево.
2. Поправки на Господовиот Дом
3Во осумнаесеттата година на своето царување Јосиј го испрати својот тајник Сафан, синот Авалиев, синот Месуламов, во Господовиот Дом и му рече: 4“Оди кај големиот свештеник Хилкиј за да ти ги подготви сребрениците што се однесени во Господовиот Дом и што чуварите на прагот ги собраа од народот. 5Нека им ги врачи на раководителите поставени во Господовиот Дом, а тие нека ги исплатат работниците кои го поправаат Господовиот Дом, 6дрводелците, градежниците и ѕидарите, и да се купува дрво и делкан камен што се потребни за поправка на Домот. 7Но нека не се бара од нив сметка за врачените сребреници, зашто тие работат чесно.
3. Откривање на книжниот свиток: Мојсеев Закон
8Великиот свештеник Хилкиј му рече на тајникот Сафан: „Го најдовме книжниот свиток на Законот во Господовиот Дом.“ И Хилкиј му го даде свитокот на Сафан, кој го прочита. 9Тајникот Сафан дојде кај царот та го извести: „Твоите слуги - рече тој - ги собраа сребрениците, што ги најдоа во Домот и им ги предадоа на раководителите, поставени во Господовиот Дом.“ 10Тогаш тајникот Сафан го извести царот: „Свештеникот Хилкиј ми даде еден свиток.“ И Сафан почна да чита пред царот.
4. Впечаток на царот од неговото читање
11Откако ги чу зборовите на книжниот свиток на Законот, царот ги раскина своите облеки. 12И им нареди на свештеникот Хилкиј, на Сафановиот син Ахикам, на Михеевиот син Ахвор, на тајникот Сафан и на царскиот слуга Асај: 13“Отидете и прашајте Го Господа за мене и за народот, и за сета Јудеја, заради овој свиток што е најден, зашто е голема Господовата јарост што се излеала на нас затоа што нашите татковци не ги слушаа зборовите на овој свиток, не постапувале согласно тоа што ни е напишано во него.“
5. Зборови на пророчицата Олда
14Свештеникот Хилкиј, Ахикам, Ахвор, Сафан и Асај отидоа кај пророчицата Олда, жената на Салум, синот Текуев, синот Арасев, чувар на облеката; таа живееше во Ерусалим, во новиот град. Кога ѝ го рекоа тоа, 15таа им рече: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Кажете му на човекот што ве испрати кај мене: 16“Господ вели вака: ‘Еве, ќе доведам несреќа врз овој град и врз неговите жители, ќе извршам сѐ што вели свитокот кого го прочита јудејскиот цар. 17Зашто Ме оставија и им принесуваат жртви на туѓи богови за да Ме лутат со сите дела на своите раце, ќе пламне Мојата јарост на тоа место и нема да угасне.’“‘ 18А на јудејскиот цар, кој ве испрати за Господов совет, речете му вака: ‘Вака вели Господ, Израелевиот Бог: „За зборовите што ги чу - 19бидејќи ти смекна срцето, и зашто се понижи пред Господа откако чу што им објавив на тој град и на неговите жители, кои ќе ги погодат запустување и проклетство, и зашто ги раскина своите облеки и зашто плачеше пред Мене, затоа те послушав - слово е Господово. 20Еве, ќе те соединам со твоите татковци, и со мир ќе легнеш во гробот за да не ја видиш со свои очи сета несреќа што ќе ја доведам на ова место.“‘“ Тие му го однесоа одговорот на царот.

Селектирано:

2 ЦАРЕВИ 22: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се