2 КОРИНТЈАНИТЕ 5
5
1Зашто, знаеме: ако се разурне нашиот земен дом, кој е како шатор, имаме од Бога зграда, вечен дом на небесата, што не го изградила човечка рака. 2Па затоа и воздивнуваме и копнееме да се облечеме со своето небесно живеалиште; 3само така облечени, нема да се најдеме голи. 4Зашто, ние кои сме во овој шатор, воздивнуваме обременети; зашто не сакаме да се соблечеме, туку да се облечеме и над него, и така животот да го проголта она што е смртно. 5А Бог нѐ приготви токму за ова, со тоа што ни Го даде Духот како залог.
6Така, бидејќи секогаш сме полни со верба и знаеме дека сме во телото, ние сме во туѓина, далеку од Господа, 7зашто, уште одиме во верата, а не со гледањето, - 8полни сме со вера, и повеќе сакаме да го напуштиме телово и да живееме при Господа. 9Затоа и се грижиме да Му угодиме Нему, било да сме дома или во туѓина, 10зашто сите ние треба да се појавиме пред Христовиот суд, и секој да прими според она што направил во своето тело, било добро или зло.
Апостоловата ревност и верност
11И така, знаејќи го стравот пред Господа, ги уверуваме луѓето, а на Бога сме Му познати, и се надеваме дека сме им познати и на вашите совести. 12Не ви се препорачуваме пак вам, туку ви даваме повод и вие да се фалите со нас, за да имате што да им одговорите на оние, кои се фалат со она што е надвор, но не во срцето. 13Зашто, ако сме биле вон себе - тоа е заради Бога; ако сме со здрава памет, тоа е заради вас. 14Зашто, Христовата љубов нѐ опфаќа, 15кога дојдовме до заклучокот: еден умрел за сите, значи дека сите умреле. А Тој умре за сите, та живите да не живеат веќе сами за себеси, туку за Оној, Кој умре и воскресна за нив. 16Затоа отсега и ние не познаваме никого по тело; иако Христа Го познаваме и по тело; сега веќе не Го познаваме така. 17И така, ако е некој во Христа, тој е ново создание; старото помина, ете: сѐ стана ново. 18А сѐ ова е од Бога, Кој нѐ измири со Себе преку Христа и ни ја даде службата на измирувањето, 19зашто Бог го измири светот со Себе во Христа, не засметувајќи им ги нивните престапи и вложувајќи го во нас словото на измирувањето. 20Според тоа, ние сме пратеници на Христа - на тој начин што Бог моли преку нас. Молиме во името на Христа: помирете се со Бога! 21Оној, Кој не знаеше за грев, Бог Го направи грев за нас, за да станеме Божја правда во Него.
Селектирано:
2 КОРИНТЈАНИТЕ 5: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.