Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 ЛЕТОПИСИ 7

7
4. Божји одговор на Соломоновата молитва
а. Оган од небото
1Кога Соломон ја заврши молитвата, оган се спушти од небото и ги спали паленицата и закланиците, и Господовата слава го исполни Домот. 2Свештениците не можеа да влезат, зашто Господовата слава го исполни Господовиот Дом. 3Сите Израелеви синови, откако видоа дека огнот со Господовата слава се спушти на Домот, паднаа ничкум кон земјата до камениот под; поклонувајќи се, почнаа да Го слават Господа:
„зашто е благ
и зашто е вечна Неговата љубов.“
4Потоа царот и целиот народ почнаа да жртвуваат жртви пред Господа. 5Царот Соломон принесе за жртва дваесет и две илјади говеда, сто и дваесет илјади овци; и така го осветија Господовиот Дом и царот и сиот народ. 6Додека свештениците стоеја на должностите, левитите на свирките за Господовите песни, што ги состави царот Давид, Го славеа Господа „зашто е вечна Неговата љубов.“ Со тоа Давид Го фалеше Господа преку нивните раце. Пред нив свештениците свиреа во рогови, додека Израелците стоеја. 7Соломон ја освети и средината на дворот, кој е пред Господовиот Дом, зашто таму ги принесе палениците и мрсното од помирителните жртви, зашто бронзениот жртвеник што го направи Соломон не можеше да ги собере палениците ни лебните приноси ни лојот.
8Во тоа време Соломон го празнуваше празникот седум дена, и сиот Израел со него, мошне голем собир, од влезот во Хамат па до Египетскиот Поток. 9А на осмиот ден го празнуваа свечениот собир, зашто осветувањето на жртвеникот го празнуваа седум дена, и празникот седум дена. 10Во дваесет и третиот ден на седмиот месец ги испрати луѓето во нивните шатори, и си отидоа со весело и со задоволно срце заради доброто кое Господ им го направи на Давида и на Соломона и на сиот Израелски народ.
б. Бог му се јавува на Соломона
11Така Соломон ги доврши Господовиот Дом и царскиот дворец и направи сѐ што имаше наумено во своето срце да го изврши во Господовиот Дом и во својот дворец. 12Потоа Господ му се јави на Соломона ноќе и му рече: „Ја послушав твојата молитва и го избрав тоа место за да Ми биде Дом на жртвата. 13Ако го затворам небото за да нема дожд, или ако им заповедам на скакулците за да ја испасат земјата, или ако пуштам помор меѓу Мојот народ, 14и ако се смири Мојот народ, кој се наречува со Моето Име, и ако се помоли, и го побара Моето лице и ако се откаже од лошите патишта, Јас ќе го послушам тогаш од небото и ќе му го простам гревот и ќе му ја излечам земјата. 15Моите очи ќе бидат отворени и Моите уши ќе бидат внимателни на молитвата од ова место. 16И така, сега го избрав и го осветив овој Дом, за да биде тука Моето Име засекогаш, и тука ќе бидат во сите дни Моите очи и Моето срце. 17А ти, ако одиш пред Мене како што одеше татко ти Давид, правејќи сѐ што ти заповедав и пазејќи ги Моите одредби и закони, 18ќе го додржам твојот царски престол како што му ветив на твојот татко Давид, велејќи: ‘Не ќе ти потснема наследник, кој ќе владее во Израел.’“
в. Божјо предупредување за непослушност
19“Ама ако Ме оставите и ако ги напуштите одредбите и заповедите кои ви ги дадов, та отидете и почнете да им служите на туѓи богови и да им се клањате, 20ќе ги истерам Израелците од Мојата земја што им ја дадов, и ќе го отфрлам од себе овој Дом, кој Му го посветив на Моето Име, и ќе направам од него приказна и срам меѓу сите народи. 21Секој што ќе помине покрај овој Дом, кој беше преславен, ќе се вчудоневиди од ужас и ќе праша: ‘Зошто Господ направи така со оваа земја и со овој Дом?’ 22И ќе му биде одговорено: ‘Го оставија Господа, Бога на своите татковци, Кој ги изведе од Египет и се свртија кон туѓите богови, и им се клањаа, и им служеа, и затоа Господ го пушти на нив сето ова зло.’“

Селектирано:

2 ЛЕТОПИСИ 7: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност