2 ЛЕТОПИСИ 35
35
5. Празнување на Пасха
1Потоа Јосиј Му ја празнуваше Пасха на Господа во Ерусалим: пасхалното јагне беше клано во четиринаесеттиот ден на првиот месец. 2Ги постави свештениците на нивните служби, ободрувајќи ги за служба во Господовиот Дом. 3Потоа им рече на левитите, кои ги поучуваа сите Израелци и кои Му беа посветени на Господа: „Ставете го светиот Ковчег во Домот што го изгради Давидовиот син Соломон, израелски цар; не смеете веќе да го носите на рамениците; сега служете Му на Господа, својот Бог, и на Неговиот Израелски народ! 4И подгответе се по татковските домови, по редовите, како што напиша израелскиот цар Давид и како што одреди неговиот син Соломон. 5Стојте во Светината по редовите на татковските домови на своите браќа, на обичниот народ, и по редот на левитскиот татковски дом. 6И така колете го пасхалното јагне, та посветете се и подгответе ги своите браќа за да празнуваат како што заповеда Господ преку Мојсеја.“ 7Јосиј му подари на обичниот народ од ситниот добиток јагниња и јариња, сѐ за Пасхата, на сите кои се најдоа таму, на број триесет илјади и три илјади говеда, сѐ тоа од царевиот имот. 8Неговите кнезови доброволно им подарија на народот, на свештениците и на левитите, и тоа: Хелкиј, Захариј и Ехиил, началници во Божјиот Дом, им дадоа на свештениците за Пасха две илјади и шест стотини јагниња и јариња и триста говеда. 9А Хонаниј, Семај и Натанаил, неговите браќа Асавиј, Јеил и Јозавад, левитски кнезови, им подарија на левитите за Пасхата пет илјади грла ситен добиток и пет стотини говеда.
10А кога службата беше уредена, свештениците застанаа на своето место и левитите во своите редови според царевата заповед. 11Ја колеа Пасхата, а свештениците прскаа со крв, додека левитите ја дереа кожата. 12Тогаш ги подготвија палениците за да му ги дадат на обичниот народ, според редовите на татковските домови, за да ги принесе на Господа, како е напишано во Мојсеевиот книжен свиток. Така направија и со говедата. 13Ја печеа Пасхата на оган според обичајот, а другите посветени работи ги вареа во грнци, во котли и во садови за печење, и му ги разнесуваа брзо на сиот обичен народ. 14После ја подготвуваа Пасхата за себе и за свештениците, зашто свештениците, Ароновите синови, беа вработени со принесувањето на палениците и лојта до ноќта; затоа левитите подготвуваа за себе и за свештениците, Ароновите синови. 15А пејачите, Асафовите синови, стоеја на своето место, како што беше заповедале Давид, Асаф, Еман и царевиот гледач Едутун. Вратарите стоеја при секоја врата; тие не се помрднуваа од службата, туку нивните браќа левитите им подготвуваа сѐ.
16Така беше уредена сета Господова служба во оној ден, за да се прослави Пасхата и за да се принесат палениците врз Господовиот жртвеник, според заповедта на царот Јосиј. 17Така Израелевите синови, кои се најдоа таму, во тоа време, ги празнуваа седум денови Пасхата и Празникот на пресните лебови. 18Пасха како оваа не се славеше во Израел од времето на пророкот Самоил, ниту еден од израелевите цареви не ја прославуваше Пасхата како што ја славеше Јосиј, со свештениците, со левитите и со сите Јудејци и Израелци, колку што се најдоа, и со Ерусалимците. 19Таа Пасха беше празнувана во осумнаесеттата година на Јосиевото царување.
6. Борба со Нехао и смрт на Јосиј
20По сѐ тоа, кога Јосиј го уреди Домот, дојде египетскиот цар Нехао за да се бие кај Харкемис на Еуфрат, а Јосиј излезе пред него. 21Царот Нехао му испрати посланици на Јосиј и му нарача: „Што имам јас со тебе јудејски цару? Јас не идам денес против тебе, туку против домот со кој сум во војна, и Бог ми заповеда да побрзам. Не Му се противи на Бога Кој е со мене, за да не те погуби!“ 22Но Јосиј не го одврати лицето од него, туку се охрабри за да се бие со него; не послушувајќи ги Нехаовите зборови од Божјата уста, дојде да се бие на Мегидонското Поле. 23Стрелците го застрелаа царот Јосиј, а тој им рече на слугите: „Изведете ме, зашто сум тешко ранет.“ 24Слугите го слегоа од бојната кола и го ставија во друга кола што ја имаше, па го префрлија во Ерусалим; таму умре и беше погребан во гробницата на татковците. Сета Јудеја со Ерусалим плачеше по Јосиј. 25И Еремиј затажи по Јосија. И сите пејачи и пејачки го спомнуваат Јосиј во тажачките до денес; ги воведоа во обичај во Израел, и ене се запишани во Тажачките. 26Другите Јосиеви дела и неговата набожност, правени онака како што пишува во Господовиот Закон, 27сите негови потфати, од првите до последните, се запишани во книжниот Свиток за израелските и за јудејските цареви.
Селектирано:
2 ЛЕТОПИСИ 35: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.