2 ЛЕТОПИСИ 34
34
Љ. Јосиево царување
1. Чистење на земјата од идоли
1На Јосиј му беа осум години кога се зацари. Царуваше триесет и една година во Ерусалим. 2Правеше што е право во Господовите очи. Во сѐ одеше по патиштата на таткото Давид, не свртувајќи ни десно ни лево. 3Во осмата година на царувањето, додека беше уште дете, почна да Го бара Бога на таткото Давид, а во дванаесеттата година почна да ги чисти Јудеја и Ерусалим од високите места, ашерите, од режаните и вајаните ликови. 4Пред него ги оборија жртвениците на Ваал а, ги скрши сончевите столбови кои беа врз нив; ги искрши и ги сотре ашерите и вајаните и леаните ликови, ги истури по гробовите на оние што им принесуваа жртви. 5Ги спали коските на свештениците на нивните жртвеници и така ги очисти Јудеја и Ерусалим. 6Исто направи и по градовите на Манасиевото, Ефремовото и Симеоновото племе, па до Нефталимовото, по нивните запустени места наоколу. 7Ги обори жртвениците и ашерите, ги раскова и ги сотре вајаните ликови и ги исече сите сончеви столбови по сета Израелска Земја, а тогаш се врати во Ерусалим.
2. Обнова на Господовиот Дом
8Во осумнаесеттата година на царувањето, откако ги очисти земјата и Храмот, ги испрати Азалиевиот син Сафан, градскиот управител Масиј, Јоахазовиот син Јоах, тајник, за да го поправат Домот на Господа, неговиот Бог. 9Тие дојдоа кај врховниот свештеник Хелкиј и му ги предадоа сребрениците донесени во Божјиот Дом, што ги беа собрале левитите, чувари на Храмскиот Праг, од раката на Манасиевите и Ефремовите синови, и од сиот Израелев Остаток, од сето Јудино и Венијаминово племе, од ерусалимските жители. 10Им го предадоа тоа во рацете на работоводителите, поставени над Господовиот Дом, а тие им издаваа на трудбениците, кои работеа во Господовиот Дом, поправајќи го тоа што беше во истрошена состојба и обновувајќи го Храмот. 11Им дадоа на дрводелците и на градителите за да купуваат делкан камен и дрво за греди, и за да бидат поправени куќите, што ги разурнаа јудејските цареви. 12Тие луѓе ја вршеа совесно работата; над нив беа поставени Јат и Овадиј, левити од Мерариевите синови, и Захариј и Месулам од Катовите синови. Сите левити беа искусни на свиралки. 13Едни беа над бременосците и над настојателите на сите трудбеници во секоја служба, а други од левитите беа писари, надзорници и вратари.
3. Откривање на свиток на Мојсеевиот Закон
14Кога ги изнесуваа сребрениците донесени во Господовиот Дом, свештеникот Хелкиј го најде Свитокот на Господовиот Закон, даден преку Мојсеја. 15И, во одговор, Хелкиј му рече на тајникот Сафан: „Го најдов Свитокот на Законот во Господовиот Дом.“ Хелкиј му го даде книжниот свиток на Сафана. 16Сафан му го однесе книжниот свиток на царот и го извести: „Твоите слуги работат сѐ што им е доверено. 17Откако ги собраа сребрениците што ги најдоа во Господовиот Дом, им ги предадоа во рацете на работоводителите и на трудбениците.“ 18Тогаш тајникот Сафан му јави на царот: „Свештеникот Хелкиј ми даде еден книжен свиток.“ И Сафан почна да го чита пред царот.
19Откако ги чу зборовите на Законот, царот ги раскина своите облеки. 20И им нареди на Хелкиј, на Сафановиот син Ахикам, на Михеевиот син Авдон, на тајникот Сафан и на царевиот слуга Асај: 21“Одете и прашајте Го Господа за мене и за Остатокот на Израел и Јудеја, заради овој книжен свиток што е најден, зашто е голем Господовиот гнев, што се излеа на нас затоа што нашите татковци не ги пазеа Господовите зборови, не правеа што е напишано во книжниот свиток.“
22Хелкиј со царевите луѓе отиде кај пророчицата Олда, жената на Салум, Текуевиот син, син на Асра, чувар на облеката; таа живееше во Ерусалим, во новиот град. Кога ѝ го кажаа тоа, 23таа им рече: „Господ, Израелевиот Бог, вели вака: ‘Кажете му на човекот кој ве прати кај мене: 24Господ вели вака: „Еве, ќе доведам несреќа на овој град и на неговите жители, ќе ги извршам сите клетви напишани во книжниот свиток, што го прочитаа пред јудејскиот цар. 25Зашто Ме оставија и му кадеа на туѓите богови за да Ме лутат со делата на своите раце, ќе пламне Мојата јарост на тоа место и не ќе изгасне.’“‘ 26А на јудејскиот цар, кој ве испрати по Господов совет, речете му го ова: ‘Господ, Израелевиот Бог, зборува вака: „Ги чу зборовите. 27Ама бидејќи ти смекна срцето, и зашто се смири пред Бога откако чу што им објавив на тој град и на неговите жители, и смирувајќи се пред Мене, ги раскина облеките и плачеше, затоа те послушав - вели Господ! 28Еве, ќе те соединам со твоите татковци, и со мир ќе легнеш во гробот, за да не ја видиш сета несреќа што ќе ја навалам врз ова место и на неговите жители.“‘“ Тие му го однесоа одговорот на царот.
4. Читање на Свитокот на Законот и обнова на Заветот
29Тогаш царот испрати да ги соберат сите јудејски и ерусалимски старешини. 30Потоа царот се искачи во Господовиот Дом, со сите Јудејци, со Ерусалимците, со свештениците, со левитите и со сиот народ, од најголемиот до најмалиот. И им ги прочита сите зборови на книжниот Свиток на Заветот, што е најден во Господовиот Дом. 31Царот, стоејќи на своето место, го обнови пред Господа Заветот дека ќе Го следи Господа, дека ќе ги пази Неговите заповеди, поуки и одредби со сето срце и со сета душа, та да ги исполни сите зборови на Заветот, што се напишани во книжниот свиток. 32И сите кои се најдоа во Ерусалим и Венијаминовото племе ги повика да пристапат; и Ерусалимците се прифатија за Заветот на Бога, на Бога на своите татковци. 33Тогаш Јосиј ги отстрани сите гнасности од сите израелски краеви, и направи така што сите кои се најдоа во Ерусалим да почнат да Му служат на Господа, својот Бог. За време на сиот негов живот не отстапија од Господа, Бога на своите татковци.
Селектирано:
2 ЛЕТОПИСИ 34: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.