2 ЛЕТОПИСИ 25
25
Ж. Амасиево царување
1. Рани Амасиеви години
1На Амасиј му беа дваесет и пет години кога зацари; царуваше дваесет и девет години во Ерусалим. Мајка му се викаше Јоадана и беше од Ерусалим. 2Правеше што е право во Господовите очи, ама не со сето срце. 3Кога го зацврсти царството, ги погуби стотниците кои го убија царот, неговиот татко. 4Ама не им ги погуби синовите, според она што е напишано во книжниот свиток на Мојсеевиот Закон: „Татковците нека не бидат погубувани заради синовите, ни синовите заради татковците, туку секој нека гине за својот грев.“
2. Пораз на Едомци
5Потоа Амасиј ги собра Јудејците и сиот Јуда и Венијамин, им ги распредели по семејствата, на илјадниците и стотниците. Откако ги преброи од дваесет години нагоре, најде триста илјади одбрани момчиња за војска, вешти за копје и штит. 6Од Израелците најми сто илјади храбри јунаци за сто сребрени таланти. 7Но кај него дојде Божји човек и рече: „Царе, израелската војска нека не иде со тебе, зашто Господ не е со Израелците ниту со Ефремовите синови, 8туку оди ти сам, биди храбар за бојот; инаку Господ ќе те обори.“ 9Тогаш Амасиј го праша Божјиот човек: „А што ќе биде со стоте таланти што им ги дадов на израелските чети?“ Божјиот човек одговори: „Господ има да ти даде повеќе од тоа.“ Тогаш Амасиј ги одвои четите што му беа дошле од Ефрема, за да се вратат во своето место. Но војниците се разгневија на Јудејците и се вратија во своето место пламнувајќи од расрденост. 11А Амасиј, откако се охрабри, го поведе народот, отиде во Солената Долина и погуби десет илјади Сирски синови. 12Јудините синови заробија десет илјади живи, ги одведоа на врвот на карпата па ги фрлија, така што сите се здробија. 13Четата што Амасиј ја врати назад за да не оди со нив во бој, грабеше по јудејските градови од Самарија па до Вет-Орон, и истепа во нив три илјади луѓе и запленија многу плен.
3. Амасиево идолопоклонство
14Потоа, кога Амасиј се врати откако ги разби Едомците, ги донесе боговите на Сирските синови, си ги постави за богови и почна да им се клања и да им кади. 15Тогаш Господ се разгневи на Амасија и испрати при него пророк, кој го праша: „Зошто ги бараш боговите на тој народ, кои не го избавија својот народ од твојата рака?“ 16Додека тој зборуваше, царот го праша: „Дали си поставен за советник на царот? Прекрати! Зошто да те погубат?“ Тогаш пророкот молкна, ама додаде: „Знам дека Бог одлучи да те уништи, бидејќи го правиш тоа, а не го слушаш мојот совет.“
4. Војна меѓу Јудеја и Израел
17Тогаш јудејскиот цар Амасиј смисли и му порача на израелскиот цар Јоас, синот на Јујовиот син Јоахаз: „Дојди да се видиме лице во лице!“ 18А израелскиот цар Јоас му одговори на јудејскиот цар Амасиј: „Еднаш ливанскиот трн му испрати гласници на ливанскиот кедар и му порача: ‘Дај ја ќерката за жена на мојот син.’ Ама ливанските диви ѕверови поминаа и го нагазија трнот. 19Ги разби Едомците, па срцето ти се возгордеа и бараш слава. Подобро остани си дома. Зошто го предизвикуваш злото и сакаш да паднеш и ти и сите Јудејци со тебе?“
20Но Амасиј не послуша, зашто Бог беше одредил така, за да ги предаде во рацете на Јоаса, затоа што прибегнаа кон едомските богови. 21Израелскиот цар Јоас излезе, те се обиде во бојот тој и јудејскиот цар Амасиј во Вет-Семес во Јудеја. 22Израелците ги поразија Јудејците, и тие избегаа под својот шатор. 23Израелскиот цар Јоас го фати во Вет-Семес јудејскиот цар Амасиј, синот Јоасов, синот Јоахазов, и го одведе во Ерусалим; таму го разурна ерусалимскиот ѕид од Ефремовата Врата до Аголната Врата, во должина од четири стотини лакти. 24Откако ги зеде: сето злато, сребро и посатките што се наоѓаа во Божјиот Дом кај Овид-Едом и во ризницата на царскиот дворец, освен тоа и заложници, се врати во Самарија.
5. Убиство на Амасиј
25Јудејскиот цар Амасиј, Јоасов син, живееше уште петнаесет години по смртта на израелскиот цар Јоас, Јоахазовиот син. 26Другите Амасиеви дела, од првите до последните, запишани се во книжниот свиток за јудејските и израелските цареви. 27Откако Амасиј го остави Господа, се ковеше завера против него во Ерусалим. Иако побегна во Лахис, испратија по него во Лахис луѓе, кои го убија таму. 28Оттаму го пренесоа на коњи и го погребаа покрај неговите татковци во Јудиниот Град.
Селектирано:
2 ЛЕТОПИСИ 25: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.