Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 ЛЕТОПИСИ 24

24
Е. Јоасово царување
1. Јоасова верност
1На Јоаса му беа седум години кога се зацари, а царуваше четириесет години во Ерусалим. Мајка му се викаше Сивија, од Вир Савеа. 2Јоас правеше што е право во Господовите очи додека беше жив свештеникот Јодај. 3Јодај го ожени со две жени и тој имаше со нив синови и ќерки.
2. Обнова на храм
4Потоа науми во срцето да го обнови Господовиот Дом. 5Откако ги собра свештениците и левитите, им рече: „Излезете по јудејските градови и собирајте од сите Израелци сребреници за да биде обновен Домот на вашиот Бог, од година до година, а вие побрзајте со таа работа.“ Ама на левитите не им се брзаше. 6Затоа царот го повика главатарот Јодај и му рече: „Зошто не бараш од левитите да го донесуваат од Јудеја и од Ерусалим данокот што го одреди Господовиот слуга Мојсеј и Израелевиот собир, за Шаторот на сведоштвото? Зашто нечесната Готолија и нејзините синови го ограбија Божјиот Дом, и сите работи што му беа посветени на Господовиот Дом ги употребија за вааловците.“
8Потоа царот нареди да се направи ковчег и да се стави надвор кај вратата на Господовиот Дом. 9Разгласија по Јудеја и по Ерусалим да Му се донесува на Господа данок, што му го беше одредил Божјиот слуга Мојсеј на Израел во пустината. 10Сите кнезови и сиот народ се зарадуваа, и почнаа да донесуваат и да фрлаат во Ковчегот додека не се наполни. 11Левитите го донесуваа Ковчегот во царското надгледувалиште и кога ќе се видеше дека има многу сребреници доаѓаа царевиот тајник и повереникот на свештеничкиот главатар за да го испразнат Ковчегот. Тогаш пак го однесуваа и го ставаа на неговото место. Така правеа секој ден и собраа многу сребреници. 12Тогаш царот и Јодај им ги даваа на настојниците над работата околу Господовиот Дом, а тие најмуваа за плата каменоресци и дрводелци за да биде обновен Господовиот Дом, па ковачи, кои умеат да работат со железо и бронза за да се поправи Господовиот Дом. 13Настојниците работеа и поправувањето напредуваше под нивната управа; го вратија Божјиот Дом во ред и го обновија. 14А кога свршија сѐ, ги донесоа пред царот и пред Јодај сребрениците што останаа; од тоа направија посатки за Господовиот Дом, посатки за служење, за паленици, кадилници и други златни и сребрени предмети. Палениците беа принесувани во Господовиот Дом непрекратно додека живееше Јодај.
3. Јодаева смрт
15Тогаш Јодај, откако остаре и се насити од животот, умре во сто и триесетата година. 16Го погребаа во Давидовиот Град кај царевите, зашто правеше добро во Израел и кон Бога и кон Неговиот Дом.
4. Јоасово и Јудино отпагање
17По Јодаевата смрт дојдоа Јудините кнезови и му се поклонија на царот. Тогаш царот почна да ги слуша. 18Јудејците беа го оставиле Господа, Бога на татковците, и почнаа да им служат на ашерите и на ликовите; Божјиот гнев дојде на Јудејците и на Ерусалимците за таа кривица. 19Бог им праќаше пророци за да ги обратат кон Господа, тие ги опоменуваа, но тие не сакаа да слушаат.
5. Убиство на Јодаев син Захариј
20Тогаш Божјиот Дух го исполни Јодаевиот син Захариј, кој, застанувајќи повисоко од народот, рече: „Бог вели вака: ‘Зошто ги прекршувате Господовите заповеди? Зошто не сакате да бидете среќни? Како што вие го оставивте Господа, така ќе ве остави и Тој.’“ 21Но тие се побунија против него и го затрупаа со камења, по царска заповед, во дворот на Господвиот Дом. 22Ни царот Јоас не си спомна за љубовта што му ја покажа таткото Јодај, туку му го уби синот; а тој умирајќи рече: „Господ нека гледа и нека одмазди!“
6. Јоасов пораз и смрт
23Кога помина година време, се подигна против него арамејската војска и, напаѓајќи на Јуда и на Ерусалим, ги погуби сите кнезови во народот и му го испрати сиот плен на царот во Дамаск. 24Иако арамејската војска беше мала по луѓе, сепак Господ ѝ ја предаде во рацете мошне бројната војска, зашто Го оставија Господа, Бога на своите татковци. Така му се одмаздија Арамејците на Јоаса. 25Кога си отидоа од него, оставајќи го во тешки болести, неговите стотници се побунија против него зашто го уби синот на свештеникот Јодај, па и тие го убија него на постела, та загина; го погребаа во Давидовиот Град, но не го закопаа во царската гробница. 26Еве ги оние што се заверија против него, Завад, син на Амонката Симеата, и Јозавад, син на Моавката Симрита. 27А за неговите синови и за големото пророштво против него, за обновата на Божјиот Дом, сѐ е запишано во Толкувањето на Свитокот на царевите. На неговото место зацари син му Амасиј.

Селектирано:

2 ЛЕТОПИСИ 24: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се