2 ЛЕТОПИСИ 22
22
Ѓ. Царување на Охозиј и Готолија
1. Охозиева нечесност
1Ерусалимците го зацарија на неговото место најмладиот му син Охозиј, зашто сите постари ги беше убила четата, која со Арабјаните нападна врз логорот; така се зацари Охозиј, син на јудејскиот цар Јорам. 2Му беа четириесет и две години кога се зацари. Царуваше една година во Ерусалим. Неговата мајка се викаше Готолија, Амриева ќерка. 4Правеше што е зло во Господовите очи, како Ахавовиот дом, зашто токму тие му беа советници по татковата смрт, за негова пропаст. 5По нивниот совет тргна со Јорам, синот на израелскиот цар Ахав, во бој против арамејскиот цар Азаил во Галадски Рамот. Но Арамејците го поразија Јорама. 6Тој се врати да се лекува од раните што му ги зададоа во Рама, кога се бореше со арамејскиот цар Азаил. Јорамовиот син Охозиј, јудејски цар, слезе во Езраел за да го посети Ахавовиот син Јорам, зашто Јорам се разболе.
2. Јуј го убива Охозија
7Но Бог направи таа посета на Јорам да му биде за пропаст на Охозиј. Откако дојде, излезе со Јорама против Нимсиевиот син Јуј, кого Господ го помаза за да ја откорне Ахавовата куќа. 8Додека ја извршуваше одмаздата на Ахавовиот дом, Јуј ги најде јудејските кнезови и синовите на Охозиевите браќа, кои му служеа на Охозиј, и ги погуби, 9а тогаш тргнаа во потрага по Охозиј. Го фатија додека се криеше во Самарија, го доведоа кај Јуја, кој го уби. Го закопаа, зашто рекоа: „Син е на оној Јосафат, кој Го бараше Господа со сето срце.“ Така не остана никој од Охозиевиот дом, кој би имал сила за да биде цар.
3. Зацарување на Готолија
а. Истребување на јудејски кнезови, со исклучок на Јоас
10Затоа Охозиевата мајка Готолија, откако виде дека ѝ загина синот, стана и го погуби сиот царски род на Јудиното племе. 11Но царевата ќерка Јосавета го зеде Охозиевиот син Јоас; откако го украде сред царевите синови кои ги убиваа, го стави со доилката во ложницата. Така Јосавета, ќерката на царот Јорам, жена на свештеникот Јодај, го скри од Готолија, зашто беше Охозиева сестра, та не беше погубен. 12Беше скриен со нив во Божјиот Дом шест години, сѐ додека со земјата владееше Готолија.
Селектирано:
2 ЛЕТОПИСИ 22: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.