2 ЛЕТОПИСИ 21
21
Д. Јорамово царување
1. Јорамова нечесност
1Јосафат почина покрај своите татковци, и беше погребан кај нив во Давидовиот Град. На неговото место се зацари син му Јорам. 2Јорам имаше шестмина браќа, Јосафатови синови: Азариј, Ехил, Захариј, Азариј, Михаил и Сефатиј. Сите тие му беа синови на израелскиот цар Јосафат. 3Таткото им даде многу дарови во сребро, во злато и во скапоцености, со утврдените градови во Јудеја; царството му го даде на Јорама, зашто беше првенец. 4Откако стапи на татковиот престол и откако се утврди, Јорам ги погуби сите браќа со меч, па и некои израелски кнезови. 5На Јорама му беа триесет и две години кога се зацари, а царуваше осум години во Ерусалим. 6Живееше како израелските цареви, како и Ахавовиот дом, зашто Ахавовата ќерка му беше жена; работеше што е зло во Господовите очи. 7Сепак Господ не сакаше да ја разурне куќата на Давида заради Заветот што го склучи со него и затоа што му вети дека ќе им ја даде светилката нему и на неговите синови засекогаш.
2. Губиток на Едом и Ливна
8Во тоа време Едомците се одметнаа од под јудејската власт и си поставија свој цар. 9Затоа Јорам тргна со своите војсководачи и со сите бојни коли. Се подигна ноќе и ги истепа Едомците, кои ги опколија него и заповедниците на бојните коли. 10Сепак Едомците се ослободија од јудејската власт сѐ до денес. Во исто време се побуни Ливна, за да не биде под неговата власт, зашто тој Го остави Господа, Бога на своите татковци.
3. Писмо од пророкот Илија
11Уште направи и високи места по јудејските гори, ги наведе на блуд Ерусалимците и ги заведе Јудејците. 12Тогаш му стигна писмо од пророкот Илија: „Вака вели Господ, Бог на твојот татко Давид: ‘Зашто не одеше по патиштата на таткото Јосафат, ни по патиштата на јудејскиот цар Аса, 13туку одеше по патиштата на израелските цареви и ги наведе на блуд Јудејците и Ерусалимците, како што направи Ахавовиот дом, а покрај тоа ги уби сопствените браќа, своето семејство, кои беа подобри од тебе: 14еве, Господ ќе навали голема несреќа на твојот народ, на твоите синови, на твоите жени, на сиот твој имот. 15Ќе се разболиш од многу болести: од болест на цревата, така што цревата ќе ти излезат од болеста, која ќе трае денови и денови.’“
4. Јорамова болест и смрт
16Господ го подигна против Јорама гневот на Филистејците и на Арабјаните, кои живееја покрај Етиопците. 17Тие ја нападнаа Јудеја и ја освоија, го запленија сето богатство што се најде во царевиот дворец, па и неговите синови и неговите жени, така што не остана никој освен најмладиот син, Јоахаз.
18По сѐ тоа Господ го удри со неизлечива цревна болест. 19Таа траеше денови и денови, а кога се навршија две години, му излегоа цревата од болеста, та умре во страшни маки. Народот не му приреди мирисливи палења, како што им палеше на неговите татковци. 20Му беа триесет и две години кога се зацари, а осум години царуваше во Ерусалим. Почина, а никој не зажали за него; и го погребаа во Давидовиот Град, но не во царската гробница.
Селектирано:
2 ЛЕТОПИСИ 21: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.