2 ЛЕТОПИСИ 11
11
3. Господ му забранува на Јуда да војува со Израел
1Откако дојде во Ерусалим, Ровоам го собра сиот Јудин и Венијаминов дом, сто и осумдесет илјади одбрани војници, за да удрат на Израел и за да му го вратат царството на Ровоама. 2Но Господовото слово му дојде на Божјиот човек Семај: 3“Кажи му на Соломоновиот син Ровоам, јудејскиот цар, и на сите Израелци во Јудиното и Венијаминовото племе: 4’Господ вели вака: „Не одете да војувате со браќата! Нека секој се врати во својата куќа, зашто ова потекнува од Мене.“‘“ И тие го послушаа Господовото слово, се вратија, и не удрија на Јеровоам.
4. Ровоам гради тврдина
5Ровоам, престолувајќи во Ерусалим, почна да подига цврсти градови по Јудеја. 6Така ги изгради: Витлеем, Етам, Текуј, 7Вет-Сур, Сохот, Одолам, 8Гат, Мариса, Зиф, 9Адораим, Лахис, Азика, 10Сараја, Ејалон и Хеврон, тврди градови во Јудиното и во Венијаминовото племе. 11Откако ги утврди градовите, им постави заповедници и довлече храна, масла и вина за чување; 12во секој одделен град стави штитови и копја, и ги утврди мошне силно. Така тој ги имаше Јудиното и Венијаминовото племе.
5. Левитите остануваат во Јудејското Царство
13Свештениците и левитите, кои беа по сиот Израел, пристапија кон него од сите краишта. 14Левитите ги оставија пасиштата и имотот та отидоа во Јудеја и во Ерусалим, зашто Јеровоам и неговите синови ги отфрлија за да не Му вршат свештеничка служба на Господа, 15а постави свештеници за себе на високи места, за јарците и за телињата што ги направи. 16По нив доаѓаа од сите израелски племиња во Ерусалим за да Му жртвуваат на Господа, на Бога на своите татковци, оние кои го бараа со срцето Господа, Израелевиот Бог. 17Така го утврдија Јудејското Царство и го охрабрија Соломоновиот син Ровоам за три години, зашто три години одеа по патот на Давид и Соломон.
6. Ровоамово многуженство
18Ровоам си ги зеде за жени: Маелета, ќерката на Давидовиот син Еримот, и Авихаила, ќерката на Јесеевиот син Елијав, 19која му ги роди синовите: Еус, Самариј и Зама. 20А по неа се ожени со Авесаломовата ќерка Маха, која му ги роди: Авиј, Атај, Зива и Селомит. 21Ровоам ја љубеше Авесаломовата ќерка Маха повеќе од сите свои жени и соложнички, иако зеде осумнаесет жени и шеесет соложници и ако му се родија дваесет и осум синови и шеесет ќерки. 22И Ровоам го постави Махиниот син Авиј за главатар и за кнез над неговите браќа, зашто беше наумил да го постави за цар. 23И, работејќи мудро, ги размести синовите по сите Јудејски и Венијаминови краишта, по сите тврди градови, давајќи им храна во изобилство и женејќи ги со многу жени.
Селектирано:
2 ЛЕТОПИСИ 11: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.