2 ЛЕТОПИСИ 10
10
ИСТОРИЈА НА ЈУДЕЈСКОТО ЦАРСТВО ОД СОЛОМОНОВАТА СМРТ ДО ЗАРОБУВАЊЕТО
10:1-36:23
А. Разделба на царството
1. Неразумни Ровоамови зборови кон десетте племиња
1Тогаш Ровоам отиде во Сихем, зашто во Сихем дојдоа сите Израелци за да го зацарат. 2Штом го чу тоа Јеровоам синот Наватов - кој беше во Египет каде беше побегнал пред царот Соломон - се врати од Египет, 3зашто беа испратиле по него и го повикале. Кога дојдоа Јеровоам и сиот Израелев собир, му рекоа на Ровоама: „Твојот татко ни наметна тешко бреме, сега ти олесни ни ги тешката служба на својот татко и тешкото бреме што го сложи на нас, па ќе ти служиме.“ 5Тој им одговори: „По три дни дојдете пак кај мене.“ И народот си отиде. 6Тогаш царот Ровоам се посоветува со старците, кои му служеа на неговиот татко Соломон додека беше жив, и ги праша: „Што советувате да му одговорам на овој народ?“ 7А тие му одговорија: „Ако ги исполниш барањата на тие луѓе, ако им бидеш благонаклонет и ако им одговориш со убави зборови, тие ќе ти бидат слуги секогаш.“ 8Но тој го отфрли советот што му го дадоа старците, и се посоветува со помладите, кои порастеа со него и му беа во служба. 9Ги праша: „Што советувате да му одговорам на овој народ, кој ми рече: ‘Олесни ни го бремето што ни го наметна твојот татко!’“ 10Младите, кои беа порасле со него, му одговорија: „На народот кој ти рече: ‘Твојот татко ни наметна бреме, а ти олесни ни го’ одговори му вака: ‘Мојот мал прст е подебел од бедрата на мојот татко! 11И така, мојот татко ви наметна тешко бреме, а јас ќе го зголемам вашето бреме; мојот татко ве казнуваше со камшици, а јас ќе ве бијам со камшици со железни штипци.’“
2. Бунтување на десетте племиња
12На третиот ден дојдоа Јеровоам и сиот народ кај Ровоам, зашто царот им беше наредил: „Вратете се кај мене на третиот ден.“ 13Царот им одговори остро; отфрлајќи го советот на постарите, 14одговори по советот на младите: „Мојот татко ви го отежна вашето бреме, а јас уште ќе придадам врз него; мојот татко ве шибаше со камшици, а јас ќе ве шибам со камшици со железни штипци.“ 15И така, царот не сакаше да го послуша народот, зашто Бог среди така за да се исполни словото што му го кажа, преку Силомјанецот Ахиј, на Наватовиот син Јеровоам.
16Кога Израелците видоа дека царот се прави дека не слуша, народот му одговори: „Каков дел имаме ние со Давида? Ние немаме наследство со Јесеевиот син! Во шаторите, Израелу! Сега, Давиде, грижи се за својот дом!“ И сиот Израел си отиде под своите шатори. 17Ровоам завладеа само над Израелевите синови, кои живееја по јудејските градови. 18Потоа царот Ровоам го испрати Адорама, настојателот за данок, но Израелците го каменуваа, и тој умре; а царот Ровоам брзо се качи во колата та избега во Ерусалим. Така Израел се оддели од Давидовиот дом сѐ до денес.
Селектирано:
2 ЛЕТОПИСИ 10: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.