Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 САМОИЛ 6

6
4. Враќање на Ковчегот
а. Филистејци му го враќаат Ковчегот на Израел
1Ковчегот на Господа беше седум месеци во земјата на Филистејците. 2Тогаш Филистејците ги свикаа свештениците и вражалците и ги прашаа: „Што да правиме со Господовиот Ковчег? Поучете нѐ како да го испратиме назад на неговото место.“ 3Тие одговорија: „Ако сакате да го вратите Ковчегот на Израелевиот Бог, не праќајте го назад празен, туку покрај него испратете и надоместница. Тогаш ќе се излечите и ќе знаете зошто Неговата рака не се сврти од вас.“ 4Тие прашаа: „Каква надоместница треба да Му испратиме?“ Тие одговорија: „Според бројот на Филистејските кнезови пет златни чиреви и пет златни стаорци, зашто е иста неволја и на вас и на вашите кнезови. 5И така, направете слики на своите чиреви и слики на своите стаорци, што ви ја сотруваат земјата, и дајте Му слава на Израелевиот Бог. Можеби ќе ја тргне Својата рака од вас, од вашите богови и од вашата земја. 6Зошто сакате да ви окорави срцето, како што им беше окоравено на Египетците и на фараонот? Кога Бог ги притисна, не ги пуштија ли тогаш да си одат? 7Подгответе сега една нова кола и земете две крави доилки, што уште не носеле јарем: впрегнете ги кравите во колата, а нивните телиња одведете ги назад во стајата. 8Тогаш ќе го земете Господовиот Ковчег и ќе го ставите во колата. Златните предмети што Му ги принесувате како жртва за престап ќе ги сложите во ковчеже покрај него, и така нека тргне. 9Потоа гледајте: ако тргне кон својот крај, по патот кон Вет Семес, тогаш е очигледно дека Тој ни го задаваше ова големо зло; ако не тргне така, ќе знаеме дека не нѐ удрила Неговата рака, туку дека тоа ни стана случајно.“
10Луѓето направија така: зедоа две крави доилки и ги впрегнаа во колата, а нивните телиња ги задржаа во стајата. 11Господовиот Ковчег го ставија на колата, и ковчежето со златните стаорци и со ликовите на своите чиреви. 12Кравите удрија право по патот кон Вет Семес, и еднакво одеа по истиот пат, мукаа одејќи, а не свртуваа ни десно ни лево. Филистејските кнезови ги придружуваа до границата на Вет Семес. 13Жителите на Вет Семес токму беа зафатени со жетвата на пченицата во долината. Подигнувајќи ги очите го здогледаа Ковчегот и му потрчаа во пресрет со радост. 14Кога колата стигна во нивата на Ветсемеецот Исус, застана. Таму имаше голем камен. Тогаш ги исцепија дрвата од колата и Му ги принесоа кравите како жртва паленица на Господа. 15Левитите го беа симнале Господовиот Ковчег и ковчежето, што беше покрај него и во кое беа златните предмети, и сѐ беа сложиле врз оној голем камен. Жителите на Вет Семес Му принесуваа во тој ден жртви паленици и Му колеа жртви закланици на Господа. 16Кога го видоа тоа петте филистејски кнезови, се вратија во Акарон истиот ден.
б. Ковчегот испратен од Вет-Семес во Киријат-Јарим
17А ова се петте златни чиреви што Филистејците Му ги испратија како жртва за престап на Господа: еден за Азот, еден за Газа, еден за Аскалон, еден за Гат, еден за Акарон. 18А златни стаорци имаше толку колку сите филистејски градови во сите пет кнежевства, од утврдените градови до отворените села. Сведок е големиот камен врз кого го положија Господовиот Ковчег, и кој уште и денес стои во нивата на Исуса од Вет Семес. 19И Тој ги удри жителите на Вет Семес бидејќи погледнаа во Господовиот Ковчег. Затоа Господ порази педесет илјади и седумдесет луѓе меѓу нив. Народот тагуваше заради тоа што Господ ги порази со големо истребување. 20Тогаш луѓето во Вет Семес рекоа: „Кој би можел да опстои пред Господа, пред Овој Свет Бог? Кому ќе Му отиде сега од нас?“ 21И им испратија пратеници на жителите на Киријат Јарим и им порачаа: „Филистејците го вратија Господовиот Ковчег. Дојдете и однесете го при себе.“

Селектирано:

1 САМОИЛ 6: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се