Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 САМОИЛ 30

30
6. Давид го истребува Амалика
а. Амаликците напаѓаат на Сиклаг
1Кога Давид со своите луѓе стигна на третиот ден во Сиклаг, а тоа Амаликците беа нападнале на Негев и на Сиклаг; го ограбија Сиклаг и го спалија со оган. 2Ги заробија жените и сите кои што беа таму, мало и големо. Не убија никого, туку само одведоа робови и си отидоа по својот пат. 3И така, кога Давид со своите луѓе дојде во градот, видоа дека градот е изгорен, а нивните жени, нивните синови и нивните ќерки одведени во ропство. 4Тогаш Давид и луѓето, кои беа со него, го кренаа гласот и плачеа додека не им ја снема силата за плачење. 5И двете Давидови жени беа одведени во ропство, Езраелката Ахиноама и Авигеја, Наваловата жена од Кармил. 6Давид се најде во голема неволја, зашто луѓето почнаа да зборуваат дека ќе го каменуваат, бидејќи сите беа огорчени, секој заради своите синови и заради своите ќерки. Но Давид се охрабри во Господа, својот Бог.
б. Господ му наредува на Давида да ги гони Амаликците
7Давид му рече на свештеникот Авијатар, Ахимелеховиот син: „Донеси ми го ваму наплеќникот (Ефодот)!“ И Авијатар му го донесе на Давида наплеќникот. 8Тогаш Давид го праша Господа за совет, велејќи: „Дали да тргнам во потера по оние разбојници и дали ќе ги стигнам?“ А Тој му одговори: „Оди во потера, зашто навистина ќе ги стигнеш и ќе ги избавиш плениците.“ 9И Давид тргна со шест стотини луѓе, кои беа со него, и дојдоа до потокот Восор. 10Оттука Давид со четири стотини луѓе ја продолжи потерата, а останаа две стотини луѓе, кои беа толку уморни што не можеа да поминат преку потокот Восор.
в. Египетец го води Давида кон Амаликците
11Во полето најдоа еден Египетец. Го доведоа кај Давида, му дадоа леб да јаде и вода да пие. 12Му дадоа дел од низаниците смокви и два грозда суво грозје. Кога го изеде тоа, се закрепна, зашто три дни и три ноќи немаше јадено леб и немаше пиено вода. 13Тогаш Давид го праша: „Чиј си и откаде си?“ А тој му одговори: „Јас сум Египетец, слуга на еден Амаличанин. Мојот господар ме остави зашто се разболев пред три дни. 14Бевме навлегле во Херетскиот Негев и во Јудејскиот Негев, и во Халевовиот Негев, а Сиклаг го запаливме со оган.“ 15Давид го праша: „Сакаш ли да ме одведеш при таа разбојничка дружина?“ А тој му одговори: „Заколни ми се во Бога дека нема да ме погубиш и дека нема да ме предадеш во рацете на мојот господар, па ќе те одведам кај нив!“
г. Давид ги поразува Амаликците
16И така тој го одведе, и ете, тие беа распрснати по сиот оној крај, пиејќи и славејќи прослава заради сиот голем плен што го одзедоа од Филистејската Земја и од Јудината Земја. 17И Давид почна да ги бие, и ги поразуваше од примрак до вечерта на другиот ден, извршувајќи врз нив клето уништување. Никој од нив не се избави, освен четири стотини момци, кои ги јавнаа камилите и избегаа. 18Така Давид избави сѐ што го грабнаа Амаликците; и двете свои жени ги избави Давид. 19И ништо не им снема, од најмалите работи до најголемите, од пленот сѐ до синовите и ќерките, сѐ им беше грабнато: Давид врати сѐ. 20Тогаш ги зедоа сите овци и говеда, ги дотераа пред него, викајќи: „Ова е пленот Давидов!“
д. Давид го дели пленот
21Кога Давид дојде кај оние две стотини луѓе кои што беа изморени па не можеа да одат по Давида и кои што тој ги остави кај потокот Восор, тие им излегоа во пресрет на Давида и на неговата чета: откако им се приближија на Давида и на четата, ги поздравија. 22Тогаш прозборуваа сите злобници и ништожници меѓу луѓето кои одеа со Давида, и рекоа: „Бидејќи не идеа со нас, да не им даваме ништо од пленот што го избавивме, туку само секому неговата жена и неговите деца, нека ги поведат со себе и нека си одат!“ 23Но Давид рече: „Не правете така, браќа мои, по она што ни го даде Господ: Тој нѐ чуваше и ни ја предаде во рацете разбојничката дружина, што беше излегла против нас. 24Та кој ќе ве послуша во тоа? Зашто каков е делот на оној кој оди во бој, таков е делот на оној кој останува кај товарот. Сите нека имаат еднаков дел.“ 25Така остана од тој ден натаму. Давид го направи тоа со одредба и закон во Израел сѐ до денешниот ден.
ѓ. Давид им испраќа од пленот и на Јудините старешини
26Кога Давид дојде во Сиклаг, им испрати дел од пленот на старешините на Јуда, според нивните поединечни градови, со пораката: „Еве за вас подарок од пленот на Господовите непријатели!“ 27На оние во Ветил, на оние во Рама, во Негев, и на сите во Јатир; 28на оние во Ароир и на оние во Сифмот, на оние во Естемо; 29на оние во Ракал, на оние во ерамеилските градови и на оние во кенејските градови; 30на оние во Орма; на оние во Хор Асан и на оние во Атах; 31на оние во Хеврон; и во сите оние места во кои што доаѓал Давид со своите луѓе.

Селектирано:

1 САМОИЛ 30: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се