1 САМОИЛ 29
29
5. Филистејците го отпуштаат Давида
1Филистејците ги собраа сите свои чети во Афек, а Израелците го поставија својот логор кај изворот во Езраел. 2Филистејските кнезови поминуваа со своите стотини и илјади, а Давид и неговите луѓе одеа сосем на крај со Ахис. 3Филистејските кнезови прашаа: „Што сакаат тука овие Евреи?“ А Ахис им одговори на филистејските кнезови: „Па ова е Давид, слугата на израелскиот цар Саул! Веќе година-две е кај мене, ама не најдов на него ништо сомнително од оној ден кога пребега кај мене па до денешниот ден.“ 4Но филистејските кнезови пламнаа на него и му рекоа: „Испрати го тој човек назад, нека се врати во местото што си му го определил. Нека не иде со нас во бојот, за да не се сврти против нас во бојот! Со што тој пак би му се замилел на својот господар, ако не со главите на овие наши луѓе? 5Тоа е оној ист Давид за кого што се пееше играјќи: ‘Саул порази илјади, Давид десетини илјади.’“
6Тогаш Ахис го повика Давида и му рече: „Живиот ми Господ, ти си чесен, и мене ќе ми беше мило да ме придружуваш во движењата на мојата војска, зашто не најдов никакво зло врз тебе од оној ден кога дојде кај мене па до денешниот ден. Ама не си мил во очите на кнезовите. 7Затоа сега врати се и оди си со мир дома, за да не ги онерасположиш филистејските кнезови!“ 8Давид му одговори на Ахиса: „Та што сум сторил и што си забележал на својот слуга од оној ден кога стапив во твоја служба па до денешниот ден, за да не можам да одам да се борам со непријателите на својот господар цар?“ 9А Ахис му одговори на Давида: „Ти самиот знаеш дека си ми мил во моите очи како Божји Ангел, ама филистејските кнезови рекоа: ‘Нека не иде со нас во бој!’ 10Затоа станете рано наутро, ти и слугите на твојот господар кои што дојдоа со тебе. И така, кога ќе станете рано наутро, штом се раздени, ќе си отидете!“ 11Така Давид со своите луѓе стана рано, и тргна веднаш наутро, и се врати во Филистејската Земја, а Филистејците отидоа во Езраел.
Селектирано:
1 САМОИЛ 29: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.