Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 САМОИЛ 10:17-27

1 САМОИЛ 10:17-27 MKB

Потоа Самоил го свика народот пред Господа во Миспа и им рече на Израелевите синови: „Вака зборува Господ: ‘Јас го изведов Израел од Египет и ве избавив од египетските раце и од рацете на сите царства, кои ве угнетуваа.’ А вие го отфрливте денес својот Бог, Оној Кој ве избавуваше од сите ваши зла и од сите ваши неволји, и Му рековте: ‘Не, туку постави ни цар над нас!’ Затоа сега застанете пред Господа според своите племиња и родови.“ Потоа Самоил ги приведе сите Израелеви племиња, и жрепката падна на Венијаминовото племе. Потоа го приведе Венијаминовото племе по родовите, и жрепката падна на Матриевиот род; и кога го приведе Матриевиот род, човек по човек, жрепката падна на Саула, синот Кисов; но кога го побараа, не го најдоа. Тогаш го прашаа уште еднаш Господа: „Дали дојде тој човек тука?“ А Господ одговори: „Ене го, се скрил зад товарот.“ Стрчаа и го доведоа оттаму; а кога застана среде народот, беше со главата и со рамениците повисок од сите. Тогаш Самоил му рече на сиот народ: „Видовте ли кого го избра Господ? Не му има рамен во сиот народ.“ И сиот народ почна да воскликнува и да вика: „Да живее царот!“ Тогаш Самоил му го соопшти на народот царското право и го запиша во книжен свиток што го положи пред Господа. Најпосле Самоил го отпушти сиот народ, за да си оди секој во својата куќа. Саул исто така се врати дома во Гаваја, а со него тргнаа јунаците на кои Бог им ги допре срцата. Ама некои ништожници рекоа: „Како ќе нѐ спаси тој?“ И го презреа и не му донесоа никаков подарок. Тој се преправаше како да не го гледа тоа.