1 ЦАРЕВИ 2
2
Б. Давидов завет и смрт
1. Давид го советува Соломона
1Кога Давидовите денови се приближија до својот свршеток, Давид му заповеда на својот син Соломон: 2“Сега поаѓам на патот на сите смртници. Ти биди храбар и покажи се маж. 3Слушај ги наредбите на Господа, својот Бог, оди по Неговите патишта, држи се за Неговите закони и наредби и за Неговите поуки, како што е напишано во Мојсеевиот Закон, за да успееш во сѐ што ќе преземеш и секаде каде што ќе се завртиш; 4за да го исполни Господ Своето ветување што ми го даде: ‘Ако твоите синови ќе пазат на својот пат, одејќи верно пред Мене, со сето свое срце и со сета своја душа, секогаш еден од нив ќе седи на Израелевиот престол.’
2. Последни Давидови наредби
5И самиот знаеш што ми стори Јоав, синот Серуин, што им направи на двата Израелеви војсководачи: на Авенир синот Ниров, и на Амас, синот Етеров, кога ги уби и со тоа пролеа крв во мир како во војна, та го испрска со крв појасот околу својот крст и обувките на своите нозе. 6Ти постапи според својата мудрост, и не оставај неговата седа коса да почине мирно во гробот. 7А на синовите на Галадецот Варзелај врати им ја љубовта: нека бидат меѓу оние кои ќе јадат покрај твојот стол, зашто ми помогнаа кога бегав пред твојот брат Авесалом. 8Пред себе го имаш Симеј, синот Гирин, Венијаминец од Ваурим, кој ме проколнуваше со ужасни клетви во оној ден кога бегав во Маханаим. Ама тој ми слезе во пресрет при Јордан, и му се заколнав на Господа: ‘Нема да го погубам со меч.’ 9Ама ти не му го проштавај тоа, зашто си мудар човек, и веќе ќе знаеш како треба да постапиш за да му ја испратиш седата коса со крв во гробот.“
3. Давидова смрт
10И потоа почина Давид покрај своите татковци, и беше погребан во Давидовиот Град. 11Давид царуваше над Израел четириесет години: во Хеврон царуваше седум години, во Ерусалим царуваше триесет и три години. 12Соломон седна на престолот на Давида, својот татко, и неговата власт мошне се зацврсти.
В. Соломоново зацарување и негови први чекори на управување
1. Упорно барање и гибел на Адониј
13Ама Адониј, синот Агитин, дојде кај Витсавеа, Соломоновата мајка, и падна ничкум пред неа. Таа го праша: „Дали е со мир твоето доаѓање?“ Тој одговори: „Да, со мир е.“ 14И продолжи: „Имам нешто да ти речам.“ Таа рече: „Зборувај.“ 15Тогаш тој рече: „И самата знаеш дека царството ми припаѓаше мене, и дека сиот Израел чекаше јас да бидам цар. Ама царството се измести од мене, и му припадна на мојот брат, зашто Господ му го наменил. 16Сега јас те молам само едно: Немој да ме одбиеш.“ Таа рече: „Зборувај.“ 17А тој продолжи: „Речи му те молам, на царот Соломон, да ми ја даде за жена Сунамката Ависага!“ 18А Витсавеа одговори: „Добро, ќе му зборувам на царот за тебе.“
19И така кога Витсавеа влезе кај царот Соломон за да зборува за Адониј, царот стана и ѝ тргна во пресрет, се поклони пред неа, потоа седна на својот престол, и заповеда те наместија столица за царицата мајка, и таа седна од неговата десна страна. 20Тогаш му рече: „Нешто ќе побарам од тебе, немој да одбиеш.“ Царот ѝ одговори: „Барај мајко, зашто нема да те одбијам.“ 21Таа продолжи: „Нека му биде дадена на твојот брат за жена Сунамката Ависага.“ 22Царот Соломон одговори и ѝ рече на својата мајка: „Зошто ја бараш Сунамката Ависага за Адониј? Барај веднаш и царство за него! Зашто тој е мој постар брат, а со него се свештеникот Авијатар и Јоав, синот Серуин!“ 23Тогаш царот Соломон се заколна во Господа: „Бог нека ми го направи ова зло и нека ми додаде друго, ако Адониј не го изрече тоа по цена на својот живот! 24Живиот ми Господ, Кој ме потврди и ме стави на престолот на мојот татко Давид, и Кој ми даде дом како што вети: Адониј ќе умре уште денес.“ 25И царот Соломон го испрати Венаја, синот Јодаев, кој го удри, та Адониј умре.
2. Протерување на Авијатар
26Потоа царот му нареди на свештеникот Авијатар: „Оди во Анатот на својот имот. Си заслужил смрт, ама нема да те погубам денес, зашто го носеше Господовиот Ковчег пред мојот татко Давид и ги сподели сите страдања со мојот татко.“ 27И Соломон го исклучи Авијатара од Господовото свештенство, за да го исполни така Господовиот збор, што го изрече против Илиевиот дом во Сило.
3. Јоавово бегство и смрт
28Кога гласот стигна до Јоава - Јоав беше со Адониј, иако не му се приклучи на Авесалома - тој избега во Господовиот Шатор и се фати за роговите на жртвеникот. 29И му јавија на царот Соломон: „Јоав избега во Господовиот Шатор, ене го покрај жртвеникот.“ Тогаш Соломон му порача на Јоава: „Зошто се држиш за жртвеникот?“ Јоав одговори: „Се исплашив од тебе и побегнав пред Господа.“ Тогаш Соломон му нареди на Венаја, синот Јодаев: „Оди и убиј го!“ 30Венаја отиде во Господовиот Шатор и му рече на Јоава: „По царска наредба: излези!“ Тој одговори: „Не сакам, имам желба да умрам тука!“ Венаја му јави на царот: „Ете што ми рече Јоав и што ми одговори.“ 31Царот му рече: „Направи како што рекол: убиј го, потоа закопај го. Така ќе ја симнеш од мене и од домот на мојот татко невината крв што Јоав ја пролеа. 32Господ ќе направи неговата крв да падне на неговата глава, зашто уби два човека поправедни и подобри од себе; ги уби со меч без знаење на татка ми Давида: Авенира, синот Ниров, водачот на Израелевата војска, и Амаса, синот Етеров, јудејскиот војвода. 33Нивната крв нека падне на главата на Јоава и на неговото потомство довека, а на Давида, на неговото потомство, на владеечката куќа и на престолот, нека им биде траен мир од Господа.“ 34И Венаја, синот Јодаев, отиде, се нафрли врз Јоава и го усмрти. Го погребаа Јоава во неговиот дом во пустинатата. 35На негово место царот го постави на чело на војската Венаја, синот Јодаев, а на местото на Авијатар го постави свештеникот Садок.
4. Казнување на Симеј
36Соломон го повика Симеја и му рече: „Изгради си куќа во Ерусалим: тука живеј, и не излегувај оттаму никаде. 37Во оној ден кога ќе излезеш и кога ќе го поминеш потокот Кедрон, знај дека ќе умреш. Твојата крв на твоја глава.“ 38Симеј му одговори на царот: „Добро. Како што ќе каже мојот господар цар, така ќе направи твојот слуга.“ И Симеј живееше долго во Ерусалим.
39Но по три години се случи да му избегаат на Симеј двајца слуги кај Ахис, синот Махин, гатскиот цар. И го известија Симеј: „Ене ти ги слугите во Гат.“ 40Тогаш Симеј стана, го насамари ослето и отиде во Гат, кај Ахис, за да ги бара своите слуги. И Симеј се врати и ги доведе своите слуги од Гат. 41И му јавија на Соломона: „Симеј отиде од Ерусалим во Гат, и се врати.“ 42Царот го повика Симеја и му рече: „Не се заколнав ли во Господа и нели те опоменав строго: ‘Во оној ден кога ќе излезеш и ќе тргнеш било каде, знај добро дека ќе умреш!’ А ти ми одговори тогаш: ‘Добар е зборот што го чув.’ 43Зошто не ја запази Господовата заклетва и заповедта што ти ја дадов?“ 44Уште му рече царот на Симеја: „Ти го знаеш сето зло што си му го сторил на татака ми Давида. Твоето срце е свесно за тоа. Господ нека направи твоето зло да се врати на твојата глава. А царот Соломон е благословен, и Давидовиот престол ќе биде цврст пред Господа довека.“ 46И царот му заповеда на Венаја, синот Јодаев, та тој излезе и го удри Симеја, и така Симеј умре. Така се зацврсти царството во Соломоновата рака.
Селектирано:
1 ЦАРЕВИ 2: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.