1 ЦАРЕВИ 1
1
КРАЈ НА ДАВИДОВОТО ЦАРУВАЊЕ
1:1-2:46
А. Борба за престолонаследство
1. Последни Давидови години
1Кога царот Давид остаре и напредна во годините; иако го покриваа со многу покривачи, не можеше да се згрее. 2Тогаш неговите слуги му рекоа: „Треба да се побара за господарот млада девојка, која ќе стои при царот и ќе му служи: кога ќе спие на неговото крило, тоа ќе го стопли господарот.“ 3И така побараа убава девојка низ сета Израелска Земја; и ја најдоа Сунамката Ависага, та му ја доведоа на царот. 4Девојката беше вонредно убава; го негуваше царот и му служеше, ама тој не ја позна.
2. Адониј се подготвува за цар
5Тогаш Адониј, синот Агитин, се возгордеа и помисли: „Јас ќе бидам цар!“ Затоа си набави кола и коњаници и педесет луѓе кои одеа пред него. 6Неговиот татко никогаш во својот живот не го укори ниту го праша некогаш: „Зошто правиш така?“ Освен тоа беше со висок раст и убав, а мајката го роди по Авесалома. 7Тој се договараше со Јоава, синот Серуин, и со свештеникот Авијатар, па двајцата му се приклучија на Адониј. 8Ама свештеникот Садок и Јодаевиот син Венаја, пророкот Натан, и Симеј и Реј, и Давидовите јунаци, не му пристапија на Адониј.
9Еднаш Адониј закла овци, волови и згоени телиња за жртва кај Зоелетскиот Камен, близу изворот Рогил, та ги повика сите свои браќа, царевите синови, и сите Јудејци во царева служба; 10но не го повика пророкот Натан, ни другите јунаци, а ни својот брат Соломон.
3. Натан ја предупредува Витсавеа
11Тогаш Натан ѝ рече на Витсавеа, на Соломоновата мајка: „Зар не чу дека Адониј, синот Агитин, стана цар, а нашиот господар, Давид за тоа и да не знае? 12Дојди да те посоветувам како би можела да го спасиш својот живот и животот на својот син Соломон. 13Ајде, оди кај цар Давида и речи му: ‘Зар ти, господару мој цару, не ѝ се заколна на својата слугинка, велејќи: „Твојот син Соломон ќе царува по мене, и тој ќе седи на мојот престол!“ Како сега Адониј стана цар?’ 14И додека ти бидеш таму и разговараш со царот, ќе дојдам јас по тебе и ќе ги потврдам твоите зборови.“
4. Витсавеа кај Давида
15Витсавеа отиде кај царот во собите - а тој беше многу стар, и Сунамката Ависага му служеше. 16Витсавеа му се поклони и падна ничкум пред царот, а царот праша: „Што сакаш?“ 17Таа му одговори: „Господару, ти ѝ се заколна на својата слугинка во Господа, својот Бог: ‘Твојот син Соломон ќе царува по мене, тој ќе седне на мојот престол.’ 18А еве, сега, Адониј стана цар, а ти цару, господару мој, ништо за тоа и не знаеш! 19Тој закла многу волови, згоени телиња и овци за жртва и ги повика сите царски синови, свештеникот Авијатар и војсководачот Јоав, но твојот слуга Соломон не го повика. 20Сега, господару мој и цару, свртени се кон тебе очите на сиот Израел, за да го известиш кој ќе те наследи на твојот престол, цару, господару мој. 21Инаку, штом почине царот, мојот господар, покрај своите татковци, јас и мојот син Соломон ќе бидеме виновници.“
5. Натан зборува за Соломона
22Додека таа уште зборуваше со царот, дојде пророкот Натан. 23Му јавија на царот: „Тука е пророкот Натан.“ Тој влезе кај царот и падна ничкум пред него. 24Натан рече: „Господару мој и цару, дали ти одреди: ‘Адониј ќе царува по мене и ќе седи на мојот престол?’ 25Зашто еве денес закла волови, згоени телиња и овци за жртва, и ги повика сите царски синови, војсководачи и свештеникот Авијатар; ене ги каде јадат и пијат со него и воскликнуваат: ‘Да живее царот Адониј!’ 26Но мене, твојот слуга, свештеникот Садок, а ни Венаја, синот Јодаев, ни твојот слуга Соломон не нѐ повика. 27Зар тоа се случи по волјата на мојот господар цар, а да не го извести својот верен слуга кој ќе биде наследник на престолот на мојот господар цар по него?“
6. Давид се одлучува во полза на Соломона
е. Давид ѝ соопштува на Витсавеа
28Тогаш Давид проговори и рече: „Повикајте ми ја Витсавеа!“ Таа дојде кај царот и истапи пред него. 29Тогаш царот ѝ се заколна: „Така ми живиот Господ Кој ме избави од сите неволји! 30Денес ќе ти исполнам како што ти се заколнав во Господа, Израелевиот Бог: ‘Твојот син Соломон ќе царува по мене’, тој ќе седи на мојот престол!“ 31Тогаш Витсавеа се наведна со лицето до земја, се поклони пред царот и рече: „Вечно нека живее мојот господар цар Давид!“
б. Заповед за Садок и за Натан
32А Давид рече: „Повикајте ми ги свештеникот Садок, пророкот Натан, и Венаја, синот Јодаев.“ И Тие дојдоа цред царот, 33а тој им рече: „Земете ги со вас слугите на својот господар, качете го мојот син Соломон на мојата мазга и одведете го до Гион. 34Таму свештеникот Садок и пророкот Натан нека го помажат за цар над Израел. Тогаш затрубете и објавете: ‘Да живее цар Соломон!’ 35Потоа искачете се со него ваму, и нека влезе и нека седне на мојот престол, и нека царува место мене, зашто моја волја е: тој нека биде глава над Израел и над Јуда.“ 36Венаја, синот Јодаев, му рече на царот: „Амин - така нека биде! Тоа е и слово на Господа, Господарот на царевите! 37Како што Господ беше со мојот господар цар, така нека биде и со Соломон! Нека го возвиши неговиот престол уште повеќе отколку престолот на цар Давид, на мојот господар!“
в. Соломоново помазание за цар
38Свештеникот Садок, пророкот Натан, Јодаевиот син Венаја, Херетејците и Фелетејците слегоа и го ставија Соломона на царевата мазга, и го одведоа во Гион. 39Свештеникот Садок донесе од Шаторот рог со масло и го помаза Соломона. Тогаш екнаа трубите, и сиот народ извика: „Да живее цар Соломон!“ 40И сиот народ тргна по него горе, и народот свиреше во свирки и воскликнуваше, така што се тресеше сета земја.
7. Адониј се исплашува
41Адониј и сите негови повиканици го чуја тоа. Токму беа на крајот на гозбата. И Јоав ги чу трубите, па праша: „Зошто е таа врева во градот?“ 42Додека тој уште зборуваше, стигна Јонатан, синот на свештеникот Авијатар, и Адониј му рече: „Ти си добар човек, навистина носиш добра вест!“ 43Јонатан одговори: „Да, нашиот господар, цар Давид, го направи Соломона цар! 44Царот ги испрати со него свештеникот Садок, пророкот Натан, и Јодаевиот син Венаја, и Херетејците и Фелетејците. Тие го ставија на царевата мазга, 45и свештеникот Садок и пророкот Натан го помазаа на Гион за цар. Потоа слегоа воскликнувајќи радосно, и сиот град зовре; тоа е вревата што ја чувте. 46Уште повеќе: Соломон веќе седна на царскиот престол, 47и дојдоа царските слуги да му честитаат на нашиот господар цар Давид, велејќи: ‘Твојот Бог нека го прослави Соломоновото име повеќе од твоето име и нека го возвиши неговиот престол повеќе од твојот.’ Царот тогаш се поклони во својата постела 48и рече вака: ‘Нека е благословен Господ, Израелевиот Бог, Кој ми даде денес да можам да видам со свои очи еден од моите како што седи на мојот престол.’“
49Сите Адониеви гости, исплашени, станаа од столот и си отидоа секој по својот пат. 50Адониј пак, во страв од Соломона, стана и отиде, та се фати за роговите на жртвеникот. 51Му јавија на Соломона: „Ете, Адониј се исплаши од царот Соломон, и ене се држи за роговите на жртвеникот, велејќи: ‘Царот Соломон нека ми се заколне денес дека нема да го погуби со меч својот слуга.’“ 52На тоа Соломон рече: „Ако се покаже чесен човек, нема да му падне ни влакно од главата на земја; а ако се најде во него зло, ќе загине.“ 53Тогаш Соломон нареди да го отстранат од жртвеникот; тој дојде и му се поклони на Соломона, кој му рече: „Оди си во својот дом!“
Селектирано:
1 ЦАРЕВИ 1: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.