Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 24

24
Воскресението Христово. Исус им се јавува на учениците што одат во Емаус, а потоа и на апостолите. Вознесението Христово.
1Во првиот ден на седмицата, многу рано, тие дојдоа на гробот, носејќи ги приготвените мириси, а заедно со нив беа и некои други;
2но плочата на гробот ја најдоа превртена.
3И како влегоа, не го најдоа телото на Господа Исуса.
4И додека се чудеа на тоа, одеднаш пред нив застанаа двајца мажи во светли облеки;
5тие се уплашија и ги наведнаа лицата кон земјата, а овие им рекоа: »Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите?
6Он не е овде, а воскресна; сетете се како ви рече, кога беше уште во Галилеја,
7говорејќи, дека Синот Човечки треба да биде предаден на луѓе грешници и да биде распнат, и на третиот ден да воскресне.«
8И се сетија на Неговите зборови.
9Па штом се вратија од гробот, им го соопштија сето тоа на единаесетте и на сите други.
10А тие беа Марија Магдалина, и Јоана, и Марија Јаковова и други со нив, што им го кажаа тоа на апостолите.
11И нивните зборови им изгледаа како лага, и не им поверуваа.
12Но Петар стана и отиде бргу до гробот, и кога се наведна, го виде внатре само покровот и се врати, чудејќи се сам во себе за она што станало.
13Во истиот ден двајца од нив одеа во едно село, по име Емаус, кое беше оддалечено од Ерусалим шеесет стадии;
14и зборуваа помеѓу себе за сите овие настани.
15И кога разговараа и се запрашуваа еден со друг, Сам Исус се приближи и одеше со нив;
16но очите им се замрежија за да не Го познаат.
17А Он им рече: »Какви се тие зборови што ги разменувате помеѓу себе одејќи и зошто сте нажалени?«
18Едниот од нив, по име Клеопа, Му одговори и рече: »Единствен туѓинец ли си ти во Ерусалим, та не си разбрал, што стана во него овие дни?«
19И ги праша: »Што?« Тие Му одговорија: »Она што стана со Исуса Назареецот, Кој беше пророк, силен на дело и на слово, пред Бога и пред сиот народ;
20дека нашите првосвештеници и управници Го предадоа да биде осуден на смрт и Го распнаа;
21а ние се надевавме оти е Он Оној што треба да го избави Израилот; но и покрај сето тоа, денес е веќе трет ден, откако стана ова.
22А и некои жени од нашите нѐ исплашија; тие биле рано на гробот,
23и не го нашле телото Негово; и кога се вратија, рекоа дека им се јавиле ангели и дека им кажале оти е Он жив.
24Отидоа на гробот и некои од нашите и најдоа исто така, како што рекоа жените; но Него не Го виделе.«
25Тогаш им рече: »О, безумни и тврди по срце, да верувате во сѐ што рекле пророците!
26Не требаше ли така да пострада Христос и да влезе во Својата слава?«
27Па, како почна од Мојсеја и од сите пророци, им зборуваше што е кажано за Него во целото Писмо.
28И тие се приближија до селото, во кое одеа; а Он се направи како да сака да продолжи.
29Но тие Го задржаа, велејќи: »Остани со нас, оти денот превали и наскоро ќе се стемни!« Он влезе и остана со нив.
30А кога седеше со нив на трпеза, зеде леб, го благослови, го прекрши и им подаде;
31тогаш им се отворија очите и тие Го познаа; но Он стана невидлив за нив.
32И си рекоа еден на друг: »Зар не гореа срцата наши, кога ни зборуваше по патот и кога ни го објаснуваше Писмото?«
33Па во истиот час станаа, се вратија во Ерусалим и ги најдоа собрани единаесетте и оние што беа со нив,
34каде што говореа дека Господ навистина воскреснал и му се јавил на Симона.
35И тие кажаа за она, што им се случи по патот и како Го познаа, кога го прекршувал лебот.
36Додека тие уште зборуваа за тоа, Сам Исус застана среде нив и им рече: »Мир вам!«
37А тие, така збунети и уплашени, помислија оти гледаат дух.
38Но Он им рече: »Што се плашите и зошто такви мисли влегуваат во срцата ваши?
39Видете ги рацете Мои и нозете Мои: Јас сум Истиот; допрете се до Мене и гледајте; зашто духот нема тело и коски, а, како што гледате, Јас имам.«
40А кога го рече тоа, им ги покажа рацете и нозете.
41Но, додека тие од радост уште не веруваа и се чудеа, Он им рече: »Имате ли овде нешто за јадење?«
42Тие Му дадоа парче риба печена и мед со саќе.
43И кога зеде, јадеше пред нив.
44Па им рече: »Ете, тоа е она за што ви зборував уште додека бев со вас, оти треба да се исполни сѐ што е напишано за Мене во Законот Мојсеев и кај Пророците, и во Псалмите.«
45Тогаш им го отвори умот за да ги разбираат Писмата,
46и им рече: »Така е напишано и така требаше да пострада Христос и да воскресне од мртвите на третиот ден,
47и да биде проповедано во Неговото име и покајание и проштавање на гревовите кај сите народи, почнувајќи од Ерусалим;
48а вие сте сведоци за ова.
49И ете, Јас ќе го испратам врз вас ветувањето од Мојот Отец; а вие останете во градот Ерусалим, дури не се облечете во сила одозгора.«
50И ги изведе надвор во Витанија, па кога ги подигна рацете, ги благослови.
51И кога ги благословуваше, се оддели од нив и се вознесе на небото;
52тие Му се поклонија и се вратија во Ерусалим со голема радост.
53И беа постојано во храмот, каде што Го прославуваа и благословуваа Бога. Амин!

Селектирано:

Лука 24: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се