Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 23

23
Страдањето на Исуса и хулењето пред Пилата и Ирода. Осудата. На патот кон Голгота. Распнувањето и смртта. Погребението.
1И сето мноштво се крена, па Го поведоа кон Пилата,
2и почнаа да Го обвинуваат, говорејќи: »Го најдовме Овој како го развратува народот наш и забранува да се дава данок на ќесарот, и вели за Себе, дека е Он Христос Цар.«
3А Пилат Го запраша, велејќи: »Ти ли си Царот Јудејски?« Он одговори и му рече: »Ти велиш.«
4Пилат им рече на првосвештениците и на народот: »Јас не наоѓам никаква вина кај Овој Човек.«
5Но тие и понатаму велеа дека Он го буни народот и поучува по цела Јудеја, почнувајќи од Галилеја па до вде.
6А Пилат, штом чу за Галилеја, запраша: »Зар е Овој Човек Галилеец?«
7И кога разбра дека е Он од областа Иродова, Го испрати при Ирода, кој во тие денови, исто така, беше во Ерусалим.
8Ирод, кога Го виде Исуса, се зарадува многу, бидејќи одамна имаше желба да Го види, зашто беше слушал многу за Него, па се надеваше дека ќе види некое чудо направено од Него,
9и Му поставуваше многу прашања, но Он ништо не одговори.
10А првосвештениците и книжниците стоеја и непрекинато Го обвинуваа.
11Ирод, пак, со војниците свои, откако Го понизи и Му облече светла облека, Го прати пак при Пилата.
12И во тој ден Пилат и Ирод станаа пријатели, оти порано беа скарани помеѓу себе.
13А Пилат ги повика првосвештениците и управниците, и народот,
14па им рече: »Ми Го доведовте Овој Човек како бунтовник на народот; а еве, јас пред вас Го испитав и не најдов кај Него никаква кривица во она, во што Го обвинувате;
15и Ирод исто така, оти Го пратив и при Него; и ете, Он не направил ништо, што би заслужувало смрт;
16па затоа ќе Го накажам и ќе Го пуштам.«
17А тој требаше за празникот да им ослободи еден затвореник.
18Но сиот народ повика, говорејќи: »Земи Го Овој, а пушти ни го Варава!«
19Варава беше фрлен в затвор заради некаква буна во градот и убиство.
20Пилат одново извика гласно дека сака да Го пушти Исуса.
21Но тие викаа, велејќи: »Распни Го, распни!«
22Тој и по трет пат им рече: »Та какво зло направил Овој? Јас не најдов во Него ништо, што заслужува смрт; па затоа ќе Го накажам и ќе Го пуштам.«
23Но тие постојано настојуваа со голем вик и бараа да биде распнат; и надвладеа нивниот вик и оној на првосвештениците.
24И Пилат пресуди да им биде по желбата нивна,
25па им го пушти затворениот во темница за бунт и убиство, за кого молеа; и Исуса им Го предаде на нивна волја.
26И кога Го поведоа, Го фатија некој си Симон Киринеец, кој се враќаше од нива, и му го кладоа крстот, за да го носи по Исуса.
27А по Него одеа многу луѓе и жени, кои плачеа и ридаа за Него.
28Но Исус, кога се заврте кон нив, им рече: »Ќерки ерусалимски, не плачете за Мене, туку плачете за себе и за своите деца;
29зашто, ете, се приближуваат деновите, кога ќе се рече: ‚Блазе на неплодните и на утроби што не родиле, и на гради што не доеле!‘
30Тогаш ќе почнат да им велат на планините: ‚Паднете врз нас‘, и на ридиштата, ‚покријте нѐ!‘
31Оти, кога ова го прават со зеленото дрво, што ќе биде тогаш со сувото?«
32Водеа и двајца злочинци, за да ги погубат со Него.
33И кога дојдоа на местото, наречено Черепница, Го распнаа таму Него и злочинците, едниот оддесно, а другиот одлево.
34А Исус рече: »Оче, прости им, оти не знаат што прават!« И кога го делеа облеклото Негово, фрлија ждреб.
35А народот стоеше и гледаше; се потсмеваа заедно со народот и првосвештениците, велејќи: »Други спаси, нека Се спаси и Сам, ако е Он Христос, избраникот Божји!«
36Исто така и војниците се подигруваа со Него: приближувајќи се, тие Му поднесуваа оцет,
37и велеа: »Ако си Ти Царот Јудејски, спаси се Сам!«
38А над Него имаше натпис, напишан на грчки, латински и еврејски: »Овој е Царот Јудејски.«
39Еден од распнатите злочинци хулеше на Него, велејќи: »Ако си Ти Христос, спаси се Себеси и нас!«
40А другиот, кога одговори, го искара и рече »Зар и од Бога не се боиш, кога си веќе и сам осуден?
41Ние сме праведно осудени, зашто примивме заслужена казна според нашите дела; но Он ништо лошо не направил.«
42И Му рече на Исуса: »Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!«
43А Исус му рече: »Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот!«
44А беше веќе околу шестиот час и настана мрак по целата земја, до деветтиот час;
45и сонцето потемне, и црковната завеса се расцепи преку средината.
46А Исус извика гласно и рече: »Оче, во Твои раце Го предавам Својот дух!« И штом го рече тоа, издивна.
47Стотникот, пак, кога виде што стана, Го прослави Бога и рече: »Навистина Овој Човек бил праведник!«
48И сиот народ, што беше се собрал да гледа, кога виде што стана, се враќаше со удирање в гради.
49А сите Негови познати, и жените, што Го следеа од Галилеја, стоеја подалеку и го гледаа тоа.
50И ете, некој си, по име Јосиф, член на советот, човек добар и праведен, –
51тој не беше учествувал во советот и во делата нивни, – од Ариматеја, град Јудејски, кој и сам го очекуваше царството Божјо,
52отиде при Пилата и го измоли телото Исусово;
53па Го симна и обви во платно, Го положи во исечен гроб, во кој уште никој не беше положен.
54Тој ден беше петок, и саботата веќе настапуваше.
55По него одеа и жените, што беа дошле со Исуса од Галилеја, и го видоа гробот и полагањето на телото Негово;
56па, кога се вратија, приготвија мириси и миро, а во саботата одморија според заповедта.

Селектирано:

Лука 23: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

Бесплатни планови за читање и побожни текстови поврзани со Лука 23

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност