Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 20

20
Христос одговара за Својата власт. Парабола за лошите лозари. За данокот и за воскресението на мртвите. Чиј Син е Исус? Потребно е чување од книжниците.
1Кога Он, во еден од оние денови, го поучуваше народот во храмот и го проповедаше Евангелието, пристапија првосвештениците и книжниците со старешините
2и Му рекоа, велејќи: »Кажи ни, со каква власт го вршиш тоа, или кој ти ја дал таа власт?«
3А Он им одговори и рече: »Ќе ве прашам и Јас еден збор, и кажете Ми:
4крштавањето Јованово од небото ли беше, или од луѓето?«
5А тие, размислувајќи помеѓу себе, си велеа: »Ако кажеме, ‚Од небото‘, ќе рече: ‚Зошто не му поверувавте?‘
6Ако, пак, речеме – ‚Од луѓето‘, тогаш сиот народ ќе не затрупа со камења, бидејќи е уверен дека Јован беше пророк.«
7Па одговорија: »Не знаеме од каде е.«
8Исус им рече: »Ни Јас нема да ви кажам, со каква власт го вршам тоа.«
9И почна да му ја раскажува на народот оваа парабола: »Еден човек насади лозје и го предаде на лозари, па си отиде на подолго време.
10А подоцна испрати кај лозарите еден слуга, за да му дадат од плодовите на лозјето; но лозарите го натепаа и го пуштија празен.
11И прати одново друг слуга: но тие и него го натепаа и го понизија, па го испратија празен.
12Испрати и трет, а тие и него го ранија и го испадија.
13Тогаш господарот на лозјето рече: ‚Што да направам? Ќе го испратам својот сакан син; можеби, кога ќе го видат, ќе се засрамат.‘
14Но лозарите, штом го видоа, си размислуваа меѓу себе, велејќи: ‚Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и наследството ќе биде наше!‘
15И кога го изведоа надвор од лозјето, го убија. Што ќе им направи, пак, господарот на лозјето?
16Ќе дојде и ќе ги погуби овие лозари, а лозјето ќе го предаде на други.« А оние, што слушаа, рекоа: »Да не даде Бог!«
17Но Он, кога ги погледна, им рече: »Што значи тогаш напишаното: ‚Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот?‘
18Секој што падне врз тој камен, ќе се разбие; а врз кого тој падне, ќе го здроби.«
19И во тој час првосвештениците и книжниците сакаа да стават рака на Него, но се плашеа од народот; оти разбраа дека за нив ја кажа оваа парабола.
20И следејќи Го, испратија и лукави луѓе, кои се претставуваа за праведни, за да Го фатат во некој збор и да Го предадат на поглаварите и на власта управникова.
21И Го прашаа, велејќи: »Учителе, знаеме дека право говориш и учиш, и не гледаш кој што е, туку вистински поучуваш за патот Божји;
22позволено ли е да даваме данок на ќесарот или не?«
23А Он го разбра нивното лукавство и им рече: »Што Ме искушувате?
24Покажете Ми еден динариј: Чиј образ и натпис има?« Тие одговорија: »Ќесарев.«
25Па им рече: »Дајте го ќесаровото на ќесарот, а Божјото на Бога!«
26И не можеа да ги покудат зборовите Негови пред народот, но се почудија на одговорот Негов и замолкнаа.
27Тогаш пристапија некои од садукеите, што тврдат дека нема воскресение, па Го прашаа, велејќи:
28Учителе, Мојсеј ни напиша: ако некој оженет умре без деца, брат му да ја земе неговата жена, и да го подигне потомството на брата си.
29Имаше седум браќа и првиот, откако се ожени, умре без деца;
30жена му ја зеде вториот, но и тој умре без деца;
31ја зеде и третиот, а така исто и сите седуммина и умреа без деца;
32по сите нив, умре и жената.
33При воскресението, пак, на кого од нив таа ќе му биде жена, бидејќи со седуммината живеела?
34Им одговори Исус и рече: »Синовите од овој век се женат и мажат;
35но оние, што ќе се удостојат да го добијат оној свет и воскресението од мртвите, ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат,
36и да умрат веќе не можат, оти се еднакви со ангелите и, бидејќи се синови на воскресението, тие се синови Божји.
37А дека мртвите ќе воскреснат, тоа го посведочи и Мојсеј при капината, кога Го нарече Господа – Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.
38А Бог не е Бог на мртвите, туку на живите, оти во Него се сите живи.«
39На тоа, некои од книжниците, рекоа: »Учителе, добро рече!«
40И не смееја повеќе за ништо да Го прашаат. А Он им рече:
41»Како, пак, велат дека Христос е син Давидов?
42Та и сам Давид вели во книгата на псалмите: ‚Му рече Господ на Мојот Господ: седи од Мојата десна страна,
43дури не ги положам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои!‘
44И така, Давид, значи, Го нарече Господ. Како тогаш да му е Он син?«
45И кога сиот народ слушаше, Он им рече на учениците Свои:
46Чувајте се од книжниците, што милуваат да одат променети и сакаат поздрави по пазариштата, предни места по синагогите и да се први на гозбите;
47што ги подјадуваат домовите на вдовиците и лицемерно долго се молат; тие ќе добијат потешка пресуда.

Селектирано:

Лука 20: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се