Лука 19
19
Закхеј. Парабола за ќесињата со сребро што им ги поверил господарот на своите слуги. Исусовото влегување во Ерусалим. Исус плаче за Ерусалим и го чисти храмот.
1Потоа влезе Исус во Ерихон и минуваше низ него.
2И ете, некој човек по име Закхеј, кој беше началник на митниците, и беше богат,
3сакаше да Го види Исуса, Кој е Он, но не можеше од народот, оти беше низок.
4Затоа истрча напред и се качи на една смоква за да Го види, бидејќи покрај неа требаше да мине.
5Исус, пак, кога дојде на тоа место, погледна угоре, го виде и му рече: »Закхеј, слези побргу, зашто денес треба да бидам во твојот дом.«
6И тој веднаш слезе и Го прими со радост.
7И сите, кога го видоа тоа, негодуваа и рекоа: »Отиде во куќата на грешен човек.«
8А Закхеј застана и Му рече на Господа: »Господи, еве половината од својот имот ќе го дадам на сиромаси; и ако сум зел од некого нешто несправедливо, четворно ќе го вратам.«
9А Исус му рече: »Денес дојде спасението на овој дом, зашто и тој е син Авраамов.
10Оти, Синот Човечки дојде да го побара и спаси загубеното.«
11А на оние, што го слушаа ова, им кажа и една парабола, бидејќи беше близу до Ерусалим и тие мислеа дека набргу ќе се открие царството Божјо,
12па рече: »Еден човек од висок род заминуваше во далечна земја да прими царство за себе и да се врати;
13и кога ги повика своите десет слуги, им даде десет мини и им рече: ‚Тргувајте со нив, дури не се вратам!‘
14Но граѓаните го мразеа и испратија по него пратеници, велејќи: ‚Нејќеме тој да царува над нас.‘
15А кога се врати, по приемот на царството, нареди да ги повикаат оние слуги, на кои им беше дал сребро, за да види, кој колку спечалил.
16Дојде првиот и му рече: ‚Господаре, твојата мина придонесе десет мини.‘
17И му рече: ‚Добро, верни слуго; во мала работа беше верен, еве ти власт над десет градови.‘
18Дојде вториот и рече: ‚Господаре, твојата мина придонесе пет мини.‘
19А тој и нему му рече: ‚И ти биди – над пет градови.‘
20И друг дојде, велејќи: ‚Господаре, еве ти ја твојата мина, што ја чував в крпа,
21оти се плашев од тебе, бидејќи си жесток човек: земаш од каде што не си оставил, и жнееш, каде што не си сеел.‘
22А господарот му рече: ‚Со твојата уста ќе ти судам, лукави слуго; ти знаеш дека сум жесток човек: земам, од каде што не сум оставил, и жнеам, каде што не сум сеел;
23тогаш, зошто не го даде моето сребро на трговците, та кога ќе се вратам, да го добијам со интерес?‘
24Па им рече на присутните: ‚Земете ја од него мината и дајте му ја на оној, што има десет мини!‘
25И му рекоа: ‚Господаре, тој има десет мини!‘
26Ви велам, дека секому што има, ќе му се придаде; а од оној што нема, ќе му се одземе и она, што го има.
27А оние мое непријатели, што не сакаат да царувам над нив, доведете ги тука и погубете ги пред мене!«
28Кога го рече тоа, Он тргна понатаму, искачувајќи се кон Ерусалим.
29И кога се приближи до Витфагија и Витанија, до гората наречена Елеонска, испрати два ученика,
30велејќи: »Отидете во спротивноно село! Штом ќе влезете во него, ќе најдете едно врзано осле, кое ниеден човек не го јавал. Одврзете го и доведете го!
31И ако ве праша некој: ‚Зошто го одврзувате?‘ Кажете му вака: ‚Тоа Му е потребно на Господа‘.«
32Кога отидоа испратените, најдоа како што им беше рекол.
33И кога го одврзуваа ослето, стопаните им рекоа: »Зошто го одврзувате ослето?«
34Тие одговорија: »Потребно му е на Господа.«
35И го доведоа при Исуса; па штом ги нафрлија облеките свои на ослето, Му помогнаа на Исуса да се качи.
36И кога минуваше Он, ги постилаа своите облеки па патот.
37А кога наближи до местото од каде што се слегува од Елеонската Гора, сето мноштво ученици почнаа радосно да Го прославуваат Бога со висок глас, за сите чудеса што ги видоа,
38велејќи: »Благословен е Царот, Кој доаѓа во името Господово! Мир на небото и слава на висините!«
39А некои фарисеи од народот Му рекоа: »Учителе, забрани им на учениците Твои!«
40Но Он им одговори и рече: »Ви велам, ако тие замолкнат, камењата ќе повикаат.«
41А кога се приближи и го виде градот, заплака за него
42и рече: »Да беше и ти узнал барем во овој твој ден, што служи за твојот мир? Но тоа е сега сокриено од твоите очи,
43зашто ќе дојдат денови за тебе и непријателите твои ќе те опкружат со окопи и ќе те опколат, и ќе те притеснат од сите страни;
44и ќе те разрушат тебе и ќе ги избијат децата твои во тебе и нема да остават камен на камен од тебе, оти не си го позна времето, кога беше посетен.«
45И кога влезе во храмот, почна да ги пади оние, што продаваа и купуваа во него,
46велејќи им: »Напишано е: ‚Домот Мој е дом за молитва, а вие го направивте разбојничка пештера‘.«
47И поучуваше секој ден во храмот. А првосвештениците и книжниците, и старешините народни, гледаа да го погубат,
48но не можеа ништо да Му направат, зашто сиот народ беше приврзан кон Него и Го слушаше.
Селектирано:
Лука 19: MK1990
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016