Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 15

15
Парабола за загубената овца, за парите и за синот.
1Се приближуваа кон Него сите митници и грешници за да Го слушаат.
2А фарисеите и книжниците негодуваа, велејќи: »Овој прима грешници и јаде со нив.«
3Но Исус им ја кажа оваа парабола и рече:
4»Кој од вас, имајќи сто овци, кога загуби една од нив, не ќе ги остави деведесет и деветте во пустината и не ќе тргне по загубената, додека не ја најде?
5А откако ќе ја најде, ќе ја крене на рамо радосен;
6и кога ќе дојде дома, ќе повика пријатели и соседи, и ќе им рече: ‚Радувајте се со мене, оти ја најдов мојата загубена овца!‘
7Ви велам, дека така и на небото ќе биде поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници, што немаат потреба од каење.
8Или која жена, имајќи десет драхми, кога загуби една, нема да запали светило и да ја помете куќата, за да побара внимателно, дури не ја најде?
9А штом ја најде, ќе повика пријателки и сосетки, велејќи: ‚Радувајте се со мене, оти ја најдов загубената драхма!‘
10Таква радост, ви велам, станува и пред ангелите Божји за еден грешник, што се кае.«
11И рече: »Еден човек имаше два сина.
12Помладиот од нив му рече на татка си: ‚Татко, дај ми го делот што ми припаѓа од имотот!‘ И таткото им го раздели имотот.
13По неколку дена, помладиот син, кога собра сѐ, отиде во далечна земја и таму го потроши својот дел, живеејќи блудно.
14И откако потроши сѐ, настана голем глад во таа земја и тој се најде во мака;
15па отиде при еден човек во таа земја и се погоди, и тој го прати во своето поле да пасе свињи.
16И страден беше да го наполни својот стомак со рокчиња што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше.
17А кога дојде на себеси, рече: ‚Колку наемници при татка ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, умирам од глад.
18Ќе станам и ќе отидам при татка си и ќе му речам: »Татко, згрешив против небото и пред тебе,
19и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници«‘.
20Па стана и отиде при татка си. И кога беше уште далеку, го виде таткото негов и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива.
21И синот му рече: ‚Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син!‘
22А таткото им рече на слугите свои: ‚Изнесете најубава промена и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете;
23Па дотерајте и заколете угоено теле: да јадеме и да се веселиме,
24оти овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде‘. И почнаа да се веселат.
25А постариот негов син беше в поле; и на враќање, кога се приближи до куќата, чу песни и извици.
26Па, како повика еден од слугите, го праша: ‚Што е ова?‘
27А тој му рече: ‚Брат ти си дојде и татко ти закла угоено теле, оти го виде здрав.‘
28Тој се налути и нејќеше да влезе. Тогаш излезе татко му и го молеше.
29А тој му одговори на татка си и му рече: ‚Еве, те служам толку години и никогаш не ја прекршив твојата заповед; и мене не си ми дал ни едно јаре, за да се провеселам со моите пријатели;
30а кога дојде овој твој син, што го упропасти својот имот со блудници, за него ти закла угоено теле.‘
31А он му рече: ‚Синко, ти си секогаш со мене и сѐ мое е твое;
32но требаше да се зарадуваме и развеселиме, оти овој твој брат беше мртов и оживе, изгубен беше и се најде.‘«

Селектирано:

Лука 15: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се