Лука 14
14
Исцелението во сабота на човек што страдал од водена болест. Треба човекот да биде понизен и да чини добро. Парабола за големата вечера. Одречување на самите од себеси.
1Еднаш во саботен ден влезе кај еден од фарисејските старешини и јадеше леб; а тие пазеа на Него.
2Одеднаш застана пред Него еден човек, болен од водена болест.
3И кога одговори Исус, им рече на закониците и фарисеите, велејќи: »Дозволено ли е да се лекува во сабота?«
4А тие замолкнаа. И како се допре, го излекува и го испрати.
5Потоа им рече: »Кој од вас, ако му падне в бунар вол или осле, нема да го извади веднаш, и тоа во саботен ден?«
6Не можеа да Му одговорат на тоа.
7А кога забележа, како поканетите избираат први места, им кажа парабола и рече:
8»Ако те покани некој на свадба, не седнувај на првото место, за да не влезе некој од гостите со поголема чест од тебе,
9и, да не дојде оној, што ве поканил и тебе и него, па да рече: ‚Отстапи го местото на овој!‘ и тогаш, засрамен ќе седнеш на последното место.
10Но, кога ќе бидеш поканет, отиди и седни на последното место, та оној, што те поканил, штом дојде, да ти каже: ‚Пријателе, премести се погоре!‘ Тогаш ќе имаш чест од гостите, што седат со тебе.
11Зашто, секој што се издига, ќе биде понизен; а тој што се понизува, ќе биде издигнат.«
12А и на оној, што го беше поканил, му рече: »Кога даваш ручек или вечера, не кани ги пријателите свои, ниту браќата свои, ни роднините свои, ниту богатите соседи за да не те поканат и тие некогаш и да ти вратат.
13Но, кога даваш гозба, повикај ги сиромасите, хромите, слепите,
14и ќе бидеш блажен, оти тие не можат да ти вратат, а ќе ти биде отплатено при воскресението на праведните.«
15А кога го чу тоа еден од оние, што седеа со Него на трпезата, Му рече: »Блажен е оној, кој ќе јаде леб во царството Божјо!«
16А Он му одговори: »Еден човек приготви голема вечера и покани мнозина;
17и кога беше време за вечера, го прати слугата свој да им каже на поканетите: ‚Дојдете, оти сѐ е готово!‘
18И почнаа сите, како договорени, да откажуваат; првиот му рече: ‚Купив нива и ќе треба да одам да ја видам; те молам, извини ме!‘
19Вториот рече: ‚Купив пет чифта волови и одам да ги пробам; те молам – извини ме!‘
20Третиот рече: ‚Се оженив и затоа не можам да дојдам.‘
21Кога се врати слугата, му го кажа тоа на својот господар. Тогаш се расрди домаќинот на куќата и му рече на својот слуга: ‚Отиди бргу по раскрсниците и улиците градски и доведи ги тука бедните, слабите, хромите и слепите!‘
22И рече слугата: ‚Господаре, направив како што ми заповеда и уште има место.‘
23И му рече господарот на слугата: ‚Излези по патиштата и оградите и убеди ги да дојдат, за да се наполни мојот дом!‘
24Зашто, ви велам: никој од поканетите нема да вкуси од вечерата Моја. Оти мнозина се поканети, но малкумина се избрани.«
25Со Него одеше многу народ; а Он се заврти и им рече:
26»Ако некој дојде при Мене и не го намрази татка си и мајка си, жената и децата свои, браќата и сестрите, па дури и душата своја, Тој не може да биде Мој ученик.
27И, кој не го носи својот крст, и не оди по Мене, не може да биде Мој ученик.
28Зашто, кој од вас, сакајќи да соѕида кула, не ќе седне најнапред да направи сметка колку ќе чини и дали има сѐ, што е потребно за нејзиното довршување,
29та, откако ги постави темелите и не може да доврши, да не почнат, сите што гледаат, да му се смеат,
30и да речат: ‚Овој човек почна да ѕида и не може да доврши‘.
31Или кој цар, одејќи во војна против друг цар, не ќе седне да се посоветува најнапред, може ли со десет илјади да издржи пред оној, што иде против него со дваесет илјади?
32Инаку, дури е оној уште далеку, ќе прати слуги и ќе моли за мир.
33Така и секој од вас, кој не се откаже од сѐ што има, не може да биде Мој ученик.
34Солта е добро нешто, но ако таа облутави, со што ќе се соли?
35Ниту на земјата, ниту на ѓубрето му е потребна; па затоа ја фрлаат надвор. Кој има уши да слуша, нека чуе!«
Селектирано:
Лука 14: MK1990
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016