Јеремија 4
4
Пророкување за пустошењето на Јудејската земја.
1Ако сакаш да се обрнеш, Израиле, вели Господ, обрни се кон Мене; и ако ги отклониш гадотиите од пред Моето лице, ти нема да скиташ,
2и ќе се колнеш: вистински верно и праведно: жив е Господ. И народите од Него ќе се благословуваат и со Него ќе се фалат.
3Зашто вака им вели Господ на мажите од Јудеја и од Ерусалим: изорајте си нови ниви и не сејте меѓу трње.
4Обрежете се заради Господа и симнете го крајчето од срцето свое, мажи Јудини и ерусалимски жители, за да не се јави Мојот гнев како оган и да не пламне неизгасливо поради вашите лоши наклоности.
5Објавете во Јудеја, и разгласете во Ерусалим, говорете и трубете со труба по земјата; викајте силно и велете: »соберете се, и да влеземе во утврдените градови.«
6Кренете го знамето кон Сион – бегајте, не се запирајте, зашто Јас ќе донесам од север зло и голема погибел.
7Излегува лав од својот честар, тргнува истребителот на народите: тој излегува од местото свое, за да ја направи земјата твоја пустиња, градовите твои ќе бидат сосипани, ќе останат без жители.
8Затоа опашете се со вреќиште, плачете и ридајте, зашто јароста на Господовиот гнев нема да се одврати од нас.
9И во тој ден, вели Господ, ќе замре срцето на царот и срцето на кнезовите, ќе се ужаснат свештениците и ќе се вчудовидат пророците.
10И реков: о, Господи Боже, зар Ти само го лажеше овој народ и Ерусалим кога велеше: »мир ќе има кај вас«; а, меѓутоа, меч допре до душата?
11Во тоа време ќе му биде речено на тој народ и на Еурсалим: топол ветар дува од пустињските височини врз патот на ќерката на Мојот народ, не за да вее, ниту да очистува.
12И оттаму ќе дојде кон Мене ветар посилен од овој, и Јас ќе искажам суд над нив.
13Ете, се крева тој како облак, и колите му се како виор, коњите му се побрзи од орли; тешко нив! зашто ќе бидат сосипани.
14Измиј го злото од срцето свое, Ерусалиме, за да се спасиш: до кога ќе стојат во тебе злосторнички мисли?
15Зашто веќе се разнесува глас од Дан, и погибелна вест – од Ерфемовата гора:
16јавете им на народите, известете го Ерусалим, дека идат од далечна земја опсадувачи и со викања ги исполнуваат градовите на Јудеја.
17Како чувари на нивите го оградуваат од сите страни, зашто тој се крена против Мене, вели Господ.
18Тоа ти го направија твоите патишта и делата твои; од твојата нечесност ти е толку горчливо, што допира до срцето твое.
19Утробо моја! Утробо моја! нажален сум до дното на срцето свое, се бранува во мене срцето мое, не можам да молчам; зашто ти слушаш, душо моја, звук од труба, боен повик.
20Зло по зло, целата земја се опустошува, ненадејно беа соборени шаторите мои, за миг – сениците мои.
21Долго време ли ќе гледаме знаме, ќе слушаме трубен звук?
22Тоа произлегува оттаму, што водачите на Мојот глупав народ не Ме познаваат: тие се безумни синови, и нема во нив расудување: тие се мудри за зло, но не умеат да вршат добро.
23Ја гледам земајта – и ете, таа е разорана и пуста, – небесата, и нема на нив светлина.
24Ги гледам горите – и ете, тие треперат, и сите ридови се нишаат.
25Гледам – и ете, нема човек, и сите небески птици одлетале.
26Гледам – и ете, Кармил е пустиња, и сите негови градови се сосипани од лицето Господово, од јароста на гневот Негов.
27Зашто вака рече Господ: – целата земја ќе биде опустошена, но целосно истребување нема да извршам.
28Ќе заплаче земјата поради тоа, и небесата ќе се затемнат, зашто Јас реков, Јас решив, и нема да се покајам за тоа, ниту ќе отстапам од него.
29Од викот на коњаници и на стрелци ќе се разбегаат сите градови: тие ќе отидат во густи шуми и ќе се искачат на карпи; сите градови ќе бидат напуштени, и во нив нема никој да живее.
30А ти, опустошена, што ќе правиш? Макар и да се облекуваш во пурпур, и да се украсуваш со златни накити, да си ги украсуваш со боја очите свои – залудо ќе се украсуваш: те презираат наложниците – ти ја бараат душата твоја.
31Зашто Јас слушам глас како на жена, кога раѓа, стенкање како на онаа, која раѓа за првпат, глас на ќерката Сионска; таа стенка, протегајќи ги рацете: »о, тешко мене, душата моја исчезнува пред убијците.«
Селектирано:
Јеремија 4: MK1990
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016