Јеремија 3
3
Повик на покајание.
1Велат: ако мажот ја напушти жената своја, и таа го остави и стане жена на друг маж, може ли таа да се врати при него? Нема ли со тоа да се оскверни таа земја? А ти со мнозина милосници блудствуваше, – и при сето тоа врати се при Мене, вели Господ
2– Крени ги очите кон идолските светилишта и гледај каде ли не блудствувале со тебе? По патиштата седеше ти заради нив како арапин во пустиња, и ја оквернуваше земјата со твојот блуд и со твоето лукавство.
3Заради тоа беа запрени дождовите и немаше доцен дожд; но ти имаше чело на блудница, – не сакаше да се засрамиш.
4Нема ли да викаш отсега кон Мене: »Оче, Ти беше наставник на младоста моја!«
5Зар тој секогаш ќе биде во гнев, и зар вечно ќе го задржува во Себеси? Ете, што зборуваш ти, а вршиш зло и во тоа не успеваш.
6Господ ми рече во дните на царот Јосија: виде ли ти, што врши отстапницата, ќерката Израилева? Таа оди на секоја висока гора и под секое лиснато дрво, и таму блудствува.
7И откако таа го вршеше сето тоа, Јас велев: »врати се при Мене, но таа не се врати; и го виде тоа нејзината вероломна сестра Јудеја.«
8И видов, дека, кога заради сите прељубни дејствија на отстапницата, ќерката Израилева, Јас ја напуштив и ѝ дадов разводно писмо; вероломната ѝ сестра, Јудеја, не се исплаши, туку отиде и сама блудствуваше.
9И со јавното блудно дејствување таа ја оскверни земјата, и прељуба вршеше и со камен и со дрво.
10Но при сето тоа нејзината вероломна сестра Јудеја не се обрна кон Мене од сѐ срце, туку само привидно – рече Господ.
11И ми рече Господ: »отстапницата, ќерката Израилева, излезе поправа, отколку вероломната Јудеја.«
12Оди и разгласи ги тие зборови спрема север и кажи: – врати се, отстапнице, ќерко Израилева – вели Господ. Јас нема да го излијам врз вас Мојот гнев; зашто Јас сум милостив, – вели Господ – нема вечно да негодувам.
13Признај ја само вината своја: зашто отстапи ти од Твојот Господ Бог и се распушти со туѓи под секое лиснато дрво, а Мојот глас не го слушаше, вели Господ.
14Вратете се деца – отстапници, вели Господ, зашто Јас се соединив со вас, и ќе земам од вас по еден од град и по двајца од племе и ќе ве поведам на Сион.
15И ќе ви дадам по срцето Свое пастири, кои ќе ве пасат со знаење и благоразумност.
16И кога ќе се размножите и ќе станете многуплодни на земјата, тогаш, вели Господ, нема повеќе да велите: »ковчегот на заветот Господов; тој ни на ум нема да им дојде, и нема да се сетат за него, ниту ќе доаѓаат при него, ниту пак ќе го има повеќе.«
17Во тоа време Ерусалим ќе го наречат престол на Господа, и сите народи заради името Господово ќе се соберат во Ерусалим и нема повеќе да постапуваат според упорноста на лошото си срце.
18Во тие дни Јудиниот дом ќе дојде при Израилевиот дом, и ќе дојдат заедно од северната земја во земјата, која Јас им ја дадов во наследство на татковците ваши.
19И реков Јас: »како да те поставам меѓу синовите и да ти ја дадам многу саканата земја, најпрекрасното наследство на многуте народи?« И реков: »ти ќе Ме нарекуваш твој Отец и нема да остапиш од Мене.«
20Но, навистина, како што жена вероломна го изневерува сопругот свој, така вероломно постапивте со Мене вие, доме Израилев, вели Господ.
21Нека се чуе глас по идолските светилишта, жален плач на Израилевите синови, затоа што тие го свртија својот пат, го заборавија Господа, својот Бог.
22Вратете се, синови одметници: Јас ќе го излекувам вашето непокорство. – Еве, ние идеме при Тебе, зашто Ти си Господ, Бог наш.
23Навистина, напразно се надевавме на ридовите и на многуте гори; навистина, во нашиот Господ Бог, е Израилевото спасение!
24Уште од млади години таа гадотија ги уништуваше трудовите на нашите татковци, овците и воловите нивни, синовите и ќерките нивни.
25Ние лежиме во својот срам, а нашиот срам нѐ покрива, зашто грешевме пред нашиот Господ Бог, – ние и татаковците наши, уште од младите години наши дури до овој ден. – И не го слушавме гласот на Господа, нашиот Бог.
Селектирано:
Јеремија 3: MK1990
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016