Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исаија 9

9
Раѓањето на Месијата, Неговото име и Неговото царство. Суд за Израилот.
1Поранешното време ја понизи земјата Завулонова и земјата Нефталимова; но подоцнежното – ќе го возвеличи крајморскиот пат, од онаа страна на Јордан, незнабожечка Галилеја.
2Народот, кој оди во темнина, ќе види голема светлина; врз оние што живеат во земјата на смртната сенка ќе болсне светлина.
3Ти ќе го умножиш народот, ќе ја зголемиш радоста негова. Тој ќе се весели пред Тебе, како што се веселат за време на жетва, како што се радуваат при делење на плен.
4Зашто јаремот, кој му тежеше, и жезлото, што го поразуваше, и стапот на неговиот угнетувач – Ти ќе ги скршиш, како во денот на Мадијама.
5Оти секоја војничка обувка во време на војна и облека, извалкана од крв, ќе бидат предадени на изгорување, за храна на огнот.
6Зашто Младенец ни се роди – Син ни се даде; власта е на рамењата Негови, и ќе Го наречат: Советник, Чудесни, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот.
7Неговата власт и мирот бескраен ќе растат врз престолот на Давида и во царството негово, за да го утврди Он и да го зацврсти преку суд и правда отсега па довека. Тоа ќе го направи ревноста на Господа Саваота.
8Господ му испраќа слово на Јакова, тоа слегува врз Израилот,
9за да знае сиот народ, Ефрем и жителите на Самарија, кои со гордост и надуено срце велат:
10»Тулите паднаа, – ќе градиме со делкани камења; смоквите се исечени, – ќе ги замениме со кедри.«
11Ќе ги крене Господ против него непријателите на Ресина, ќе ги вооружи непријателите негови;
12Сиријците од кај исток, Филистејците од кај запад; ќе го голтнат Израилот со полна уста. При сето тоа гневот Негов нема да се одврати и раката Негова ќе биде протегната.
13Но народот не се обрнува кон Оној, Кој го бие и не прибегнува кон Господа Саваот.
14Господ ќе му ја пресече на Израилот главата и опашката, палмата и трската во еден ден:
15старецот и големецот – тоа е главата; а пророкот – лажниот учител е опашот.
16Водачите на овој народ ќе го доведат во заблуда, а водените од нив ќе загинат.
17Затоа Господ нема да се радува на момчињата негови, и нема да се смили над сираците негови и вдовиците негови; зашто сите тие се лицемери и злодејци, и устата на сите зборува нечесно. При сето тоа гневот Негов нема да се одврати и раката Негова уште е протегната.
18Зашто беззаконието како оган се разгорело, голтнува глог и трн и гори во горските гасталаци, се креваат столбови од дим.
19Гневот на Господа Саваот ќе ја изгори земјата, народот ќе стане како храна за огнот, човек нема да го пожали братот свој.
20Ќе сечат надесно – и ќе си останат гладни; ќе јадат налево – и нема да се наситат; секој ќе го јаде месото од својата мишка:
21Манасија – Ефрема, и Ефрем – Манасија, обајцата заедно – Јуда. При сето тоа нема да се одврати гневот Негов, и раката Негова уште е протегната.

Селектирано:

Исаија 9: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност