Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Евреите 11

11
Верата и нејзината сила. Примери на јунаци за вера во Стариот завет.
1А верата е жива претстава за она, на кое се надеваме, и докажување на она, што не се гледа.
2Преку неа сведоштво добија старите.
3Преку верата разбираме дека вековите се установени со збор Божји и дека од невидливото произлегло видливото.
4Со вера Авел Му принесе на Бога подобра жртва, отколку Каин; преку неа тој доби сведоштво дека е праведен, бидејќи Бог посведочи за неговите дарови; преку неа, иако умрел, уште зборува.
5Преку вера Енох беше преселен, за да не види смрт; и не се најде, бидејќи Бог го пресели. Зашто пред преселувањето тој доби сведоштво дека Му угодил на Бога.
6А без вера не е можно да Му се угоди на Бога; бидејќи оние, кои доаѓаат при Бога, треба да веруваат оти Он постои и дека ги наградува оние, што Го бараат.
7Преку вера Ное, откако доби откровение за она, што уште не се гледаше, со послушност го направи ковчегот, за да го спаси својот дом; преку неа тој го осуди светот и стана наследник на праведноста по вера.
8Со вера Авраам, бидејќи повикан, послуша да појде до местото, што сакаше да го добие во наследство, и тргна, не знаејќи, каде оди.
9Со вера се пресели Авраам во ветената земја, како во туѓа, и се настани под шатори со Исака и Јакова, наследници на истото ветување;
10оти тој го очекуваше оној град, што има основи и чиј градител и творец е Бог.
11Преку верата и самата Сара – бидејќи неплодна, доби сила да зачне и, покрај возраста нејзина, роди, оти Го сметаше за верен Оној, Кој беше ветил.
12И поради тоа од еден, и при тоа застарел, се родија толку многу, колку што се ѕвездите на небото, и колку што е безбројниот песок на морскиот брег.
13Сите тие умреа со вера, не добивајќи ги ветувањата, а само оддалеку ги видоа и се уверија, и ги поздравија признавајќи дека се гости и придојдени.
14Бидејќи оние, што така зборуваат, покажуваат дека бараат татковина.
15И ако ја беа имале на ум онаа татковина, од која беа излегле, ќе имаа време да се вратат.
16Но сега сакаат подобра, односно небесна; затоа и Бог не се срами за нив да се наречува нивен Бог; бидејќи им приготвил град.
17Авраам со вера го принесе како жртва Исака, зашто беше искушуван; и тој, што го доби ветувањето, го принесе својот единороден син,
18за кого му беше речено: »Потомството од Исака ќе се нарече со твое име«;
19оти тој мислеше дека е Бог силен и дека мртви може да воскреснува, поради кое го прими како праобраз на воскресението.
20Со вера Исак го благослови Јакова и Исава за она, што требаше да стане.
21Со вера Јаков на умирање го благослови секого од синовите на Јосифа и »им се поклони, потпирајќи се на врвот од жезалот свој«.
22Со вера Јосиф на умирање спомна за излегувањето на синовите Израилеви од Египет и порача за коските свои.
23Со вера Мојсеј, откако се роди, три месеци беше криен од родителите свои, оти видоа дека детето е убаво, и не се уплашија од царската заповед.
24Со вера Мојсеј, кога порасна, се откажа да се нарече син на фараоновата ќерка
25и повеќе сакаше да страда заедно со народот Божји, отколку да има преодна гревовна наслада;
26хулењето на Христа го сметаше за поголемо богатство, отколку сокровиштата на Египет; оти предвид ја имаше наградата.
27Со вера тој го напушти Египет, не плашејќи се од царскиот гнев, зашто веруваше во Оној, Кој не се гледаше, како да Го гледа.
28Со вера тој направи Пасха и попрскување со крв, та истребувачот на првородените да не се допре до нив.
29Со вера поминаа преку Црвеното Море како по суво, кое што се обидоа и Египтјаните да го преминат, но се издавија.
30Преку вера паднаа ѕидовите ерихонски, откако беа опколени цели седум дена.
31Со вера блудницата Раав не загина заедно со неверниците, откако благонаклоно ги прими извидувачите и ги изведе на друг пат.
32И што уште да кажам? Оти не ќе имам доволно време, да прикажувам за Гедеона, Варака, Самсона и Јефтаја, за Давида и Самуила и другите пророци,
33кои преку вера победија царства, вршеа правда, добија ветувања, затворија уста на лавови;
34угаснаа огнена сила, ја избегнаа острицата на мечот, од немоќни станаа крепки, станаа силни во војна, прогонија туѓи војски;
35жени примија свои умрени воскреснати; други пак, беа мачени и не примија ослободување, за да добијат подобро воскресение;
36а други поднесоа подигрување и бичување, па дури и окови и затвор;
37со камења беа отепувани, со пила резани, на искушенија подложувани, умираа убивани со меч, скитаа во овчи и козји кожи, во сиромаштија, во маки, во срам –
38оние, за кои свето беше недостоен – скитаа по пустини, по ридови, по пештери и земни бездни.
39И сите тие, иако примија сведоштво преку верата, сепак не го добија ветеното,
40оти Бог за нас предвиде нешто подобро, та тие без нас да не постигнат совршенство.

Селектирано:

Евреите 11: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност