Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Евреите 10

10
Силата на жртвата Христова. Славата на Новиот завет напомнува да останеме во верата и во признавањето.
1Законот, имајќи ја сенката на идните добра, а не самиот образ на работите, никогаш не може со оние исти жртви, што се принесуваат секоја година, да ги усоврши оние, кои пристапуваат.
2Инаку, би престанале да се принесуваат, бидејќи оние, што служат, веднаш очистени, не ќе имаат веќе никакво сознавање за гревови.
3Но со жртвите секоја година се напомнува за гревовите,
4бидејќи не е можно телешката и јарешката крв да ги премавне гревовите.
5Поради тоа, влегувајќи во светот, вели: »Жртви и дарови Ти не посака, а телото Ми го приготви.
6Сепаленици за гревот не Ти се угодни.«
7Тогаш реков: »Ете, идам, напишано е за Мене во почетокот на книгата, да ја извршам, Боже, волјата Твоја.«
8Кога погоре рече: »Жртви и дарови и сепаленици за гревот – што се принесуваат според Законот, Ти не посака и не Ти се угодни«,
9а потоа рече: »Ете, идам, Боже, да ја извршам волјата Твоја«, со тоа Он го премавнува првото, за да го постави второто.
10Според таа волја сме осветени со приносот на телото на Исуса Христа еднаш засекогаш.
11И секој свештеник стои секој ден, служејќи и принесувајќи многупати едни и исти жртви, кои што никогаш не можат да ги премавнат гревовите;
12а Он, принесувајќи само една жртва за гревовите, засекогаш седна оддесно на Бога,
13очекувајќи понатаму додека непријателите Негови не бидат ставени во подножјето на нозете Негови.
14Зашто преку едно принесување осветуваните Он ги направи засекогаш совршени.
15А ни посведочи и Светиот Дух. Оти, откако порано рече:
16Тоа е заветот, што ќе им го дадам по оние дни, вели Господ: ќе ги вложам законите Свои во срцата нивни, и во мислите нивни ќе ги напишам, Он додава:
17и за гревовите и беззаконијата нивни нема веќе да се сетам.
18А каде што има проштавање за нив, таму веќе нема приноси за грев.
19И така, браќа, кога имаме слобода да влегуваме во Светилиштето преку крвта на Исуса Христа, по нов и жив пат,
20што одново ни го отвори Он низ завесата, односно преку Своето тело,
21и кога Го имаме Големиот свештеник над домот Божји,
22тогаш да пристапиме со искрено срце, во полна вера, откако ги очистиме срцата од лукава совест со попрскување и откако го измиеме телото со чиста вода;
23та да го држиме исповеданието на надежта цврсто, оти верен е Оној, Кој се заветувал.
24И да бидеме внимателни еден кон друг, за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела,
25не напуштајќи го своето собрание, како што некои имаат обичај, туку да се поучуваме еден друг, и тоа во толку повеќе, до колку гледате дека се приближува судниот ден.
26Зашто, ако, откако ја познавме вистината, своеволно грешиме, тогаш нема веќе жртва за гревови,
27туку некакво страшно очекување на суд и јаростен оган, што ќе ги проголта противниците.
28Ако оној, што се одрекол од Мојсеевиот закон, пред двајца или тројца сведоци, безмилосно се накажува со смрт,
29тогаш, колку ли потешка казна, мислите, ќе заслужи оној, што го подгазил Синот Божји и ја сметал за нечиста крвта на заветот, преку која е осветен, и Го похулил Духот на благодатта?
30Оти ние Го знаеме Оној што рекол: »Одмаздата е Моја, Јас ќе отплатам«, вели Господ. И пак: »Господ ќе му суди на Својот народ«.
31Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог!
32Потсетувајте се на вашите поранешни денови, кога, откако се просветивте, поднесовте голема борба во страдањата,
33било што бевте изложувани на срам и маки, било што станавте соучесници на оние, кои исто така страдаа,
34зашто и на оковите мои се сожаливте и со радост позволивте вашиот имот да се разграби, знаејќи дека на небесата имате подобар и траен имот.
35И така, не напуштајте ја вашата слобода, за која имате голема награда.
36Најнапред ви е потребно трпение, па, откако ќе ја исполните волјата Божја, да го добиете ветеното;
37зашто уште малку, сосема малку и »Оној што иде, ќе дојде и нема да се забави.
38А праведниот преку верата ќе биде жив; а ако отстапи, нема да Ми биде по волјата Моја«.
39Ние, пак, не сме од оние, што се отстрануваат за погибел, туку од оние, кои веруваат за спасение на душата.

Селектирано:

Евреите 10: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност