Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Битие 48

48
Јаков ги благословува Ефрема и Манасија.
1Потоа му јавија на Јосифа: »Ене, татко ти е болен.« А тој ги поведе со себе двајцата синови свои, Манасија и Ефрема, и дојде кај Јакова.
2И го известија Јакова, велејќи му: »Ете, синот твој доаѓа при тебе.« А Израил собра сили и седна на постелата своја.
3И му рече Јаков на Јосифа: »Сесилниот мој Бог ми се јави мене во Луз, во земјата Хананска, ме благослови,
4и ми рече: ‚Ќе те направам плоден и многуброен; и ќе направам од тебе да произлезат многу народи, ќе ја дадам оваа земја и на твоето потомство по тебе во вечна сопственост.‘
5А сега, двајцата синови твои, кои ти се родија во земјата Египетска, пред да дојдам во Египет, нека бидат мои: Ефрем и Манасија, како што ми се Рувим и Симеон.
6Децата, пак, кои ти се родија по нив, нека останат твои; а во наследството свое нека се викаат според имињата на браќата нивни.
7А кога се враќав од Месопотамија Сириска, умре мајка ти Рахил во земјата Хананска, по пат, близу до Ефрат, и јас ја погребав таму на патот за Ефрат, наречен сега Витлеем.«
8А, откога ги виде Израил синовите Јосифови, праша: »Кои се овие?«
9А Јосиф му рече на таткото свој: »Тоа се моите синови, кои ми ги даде Бог овде.« И рече Јаков: »Доведи ги при мене, да ги благословам.«
10Оти очите на Израил му беа ослабеле од староста, па не можеше добро да гледа. А кога му ги доведе, ги прегрна и ги целива.
11И му рече Израил на Јосифа: »Не се надевав дека ќе го видам лицето твое; но, ете, Бог ми ги покажа и децата твои.«
12Тогаш Јосиф ги истави од колената негови и му се поклони со лицето доземи.
13Па ги зеде Јосиф обајцата, Ефрема во својата десна рака, спроти левата на Израил, а Манасија во својата лева рака, спроти десната на Израил, и ги приближи до него.
14А Израил ја пружи десната рака своја и ја стави врз главата на Ефрема, иако тој беше помал, а левата врз главата на Манасија. Така ги вкрсти рацете нарочно, макар што Манасија беше првороден.
15И го благослови Јосифа, велејќи: »Бог, по чиј пат секогаш одеа пред него татковците мои Авраам и Исак, Бог, Кој ми беше Спасител, откако сум настанал па сѐ до денешен ден,
16Ангелот, Кој ме избавуваше од секое зло, нека ги благослови овие деца; со името мое и името на татковците мои, Авраама и Исака, по нив да се спомнува, и во мноштва многубројни на земјата да се намножат.«
17А на Јосифа му беше тешко кога виде дека татко му својата десна рака ја возложи врз главата на Ефрема. Па ја зеде татковата десна рака за да ја премести од главата Ефремова на главата Манасиева,
18и му рече Јосиф на татка си: »Не така, татко, оти оној е првенец; стави ја својата десна рака врз неговата глава.«
19Но такото не сакаше, туку рече: »Знам, синко, знам, и од него ќе излезе народ, и тој ќе биде голем; но помалиот брат ќе биде поголем од него, и од неговото семе ќе произлезе многуброен народ.«
20И ги благослови во оној ден и рече: »Преку вас ќе се благословува Израилот и ќе се вели: ‚Бог нека ти направи, како што му направи на Ефрема и на Манасија.‘« Така го постави Ефрема над Манасија.
21А потоа Израил му рече на Јосифа: »Еве, јас умирам; но Бог ќе биде со вас и ќе ве врати во земјата на татковците ваши.
22И јас ти давам еден дел повеќе отколку на браќата твои, од она што го зедов од рацете аморејски, со својот меч и со својот лак.«

Селектирано:

Битие 48: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се