Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Битие 41

41
Фараоновите два сона. Јосифовото толкување, унапредување и грижа за Египет.
1А по две години сони сон Фараонот – како стои крај една река.
2И одеднаш – од реката излегоа седум убави и дебели крави, па почнаа да пасат на брегот;
3а по нив, потоа, од реката излегоа други седум крави, грди и слаби и пасеа со другите крави на брегот.
4И седумте грди и слаби крави ги изедоа оние седум убави и дебели крави, и не се познаваше дека ги изеле. Тогаш се разбуди Фараонот.
5Потоа видел втор сон, а тоа – седум класја израснале од едно стебло, јадри и убави;
6а по нив израснале седум празни, исушени од ветар.
7Потоа празните и исушените класја ги изеле седумте големи и јадри класја. Тогаш Фараонот се разбуди, но тоа било сон.
8Утредента беше тој вознемирен во душата, та нареди, и беа повикани сите гаталци египетски и сите мудреци. И Фараонот им раскажа што сонил, но никој не се најде да го протолкува сонот на Фараонот.
9Тогаш му проговори на Фараонот главниот пехарник и рече: »Денес се сетив за гревот мој.
10Кога Фараонот се налути на слугите свои и нѐ фрли в затвор во куќата на заповедникот стражарски, мене и старешината над лебарите,
11сонувавме во иста ноќ јас и тој, но секој од нас свој сон видовме по своето значење.
12А таму со нас беше еден млад Евреин, слуга на заповедникот на стражата; ние му ги раскажавме соништата наши, а тој на секого од нас му го протолкува сонот.
13И како што ни кажа, така и стана: мене ме врати Фараонот на мојата служба, а оној другиот беше обесен.«
14Тогаш Фараонот нареди, та го повикаа Јосифа, и брзо го изведоа од затворот, а тој се острига и се преоблече, па излезе пред Фараонот.
15А Фараонот му рече на Јосифа: »Сонив сон, а никој не може да ми каже што значи: а за тебе слушам умееш да толкуваш соништа.«
16Јосиф му одговори на Фараонот и рече: »Без Бога не може да му се даде на Фараонот точен одговор.«
17И му рече фараонот на Јосифа, велејќи: »Сонив, како стојам крај брегот на една река;
18и одеднаш – од реката излегоа седум дебели и убави крави, па почнаа да пасат по брегот;
19и ете, по нив други седум крави излегоа, многу грди и слаби во телото, какви што не сум видел полоши во целата земја Египетска, толку грди крави.
20И оние крави, слаби и грди, ги изедоа оние седум дебели.
21А кога им беа во стомакот, не се познаваше дека им се во стомакот, туку пак беа така грди како порано. Тогаш се разбудив.
22Па пак сонив, а тоа – седум класја израснаа од едно стебло, јадри и убави;
23а по нив израснаа седум тенки и празни класја, исушени од ветар.
24И седумте празни класја исушени од ветрот ги проголтаа седумте јадри и убави класја. И сево ова им го раскажав на гаталците, но ниеден не знаеше да ми објасни.«
25А Јосиф му рече на Фараонот: »Сонот Фараонот е еден: Господ му јавува на Фараонот, што ќе прави.
26Седумте убави крави се седум години, и седумте убави класја се пак седум години; и обата сона Фараонови се еден сон.
27Седумте слаби и грди крави, кои излегоа по оние, се седум години; и седумте класја празни и истенчени од ветар се седум години; ќе има седум години глад.
28Тоа е она што веќе му го реков на Фараонот: Бог му кажува на Фараонот што ќе прави.
29Ете, ќе дојдат седум години многу родни по целата земја Египетска;
30а по нив ќе настапат седум години гладни; ќе се заборави сето она изобилство во земјата Египетска, и глад ќе ја сотре земјата.
31Кога ќе се појави гладта, нема да се знае дека во земјата порано имало изобилие – поради гладот – што ќе дојде, оти ќе биде многу голем.
32А тоа, што Фараонот сонил двапати едноподруго, значи дека Божјиот збор е вистински и дека Бог наскоро ќе го направи тоа.
33А сега Фараонот нека побара човек мудар и разумен, па да го постави над земјата Египетска.
34И нека заповеда Фараонот да бидат поставени старешини по земјата, па да собираат петина од сите жетви по земјата Египетска во текот на седумте родни години;
35нека собираат тие секаква зрнена храна во седумте родни години што доаѓаат; житото да го собираат во градовите со овластување од Фараонот и храната во градовите да се чува.
36И таа храна да биде запазена за седумте гладни години што ќе настапат во земјата египетска, за да не пропадне земјата од глад.«
37Неговиот одговор му се свиде на Фараонот и на сите слуги негови.
38Па им рече Фараонот на слугите свои: »Зар можеме да најдеме чевек, како што е овој, во кого има дух Божји?«
39И му рече Фараонот на Јосифа: »Бидејќи Бог тебе ти го откри сево ова, тоа нема човек толку мудар и поразумен како што си ти.
40Ти ќе бидеш над домот мој, и целиот народ мој ќе го слуша зборот твој; само со престолот ќе бидам поголем од тебе.«
41И уште му рече Фараонот на Јосифа: »Еве, те поставувам денес тебе над целата земја Египетска.«
42И го извади Фараонот прстенот од раката своја и му го стави на Јосифа на рака, и го облече во облека, од најфина ткаенина, и му стави златна веришка околу вратот.
43И заповеда да го возат во неговата втора кола, а гласник пред него да извикува; »Абрек! (Поклонувајте се!)« И го постави над целата земја Египетска.
44И уште му рече Фараонот на Јосифа: »Јас сум Фараон, но без тебе никој нема да крене рака, ни нога во целата земја Египетска.«
45И го нарече Фараонот Јосифа Пеонтомфаних; и го ожени со Асенета, ќерката на Петефри, илиополски жрец.
46А Јосиф имаше триесет години, кога се претстави пред Фараонот, царот египетски. И, откако отиде од Фараонот, тој ја обиколи целата земја Египетска.
47И за седум родни години земјата роди во изобилство.
48И собираше Јосиф за тие седум години секаков вид жито, што го даваше земјата Египетска, и го носеше житото во градовите; во секој град го носеше житото од околните ниви.
49Така насобра Јосиф многу жито, колку што е песокта морска, така што престанаа да го мерат, зашто немаше број.
50А пред да настанат гладните години, му се родија на Јосифа два сина, кои му ги роди Асенета, ќерката на Петефри, жрецот илиополски.
51И на првородениот Јосиф му стави име Манасија, велејќи: »Оти Бог ми направи да ги заборавам несреќите мои и целиот дом на мојот татко.«
52А вториот го нарече Ефрем, велејќи: »Бидејќи Бог ме направи плоден во земјата на маките мои.«
53Но изминаа седумте родни години во земјата Египетска,
54и настапија седумте гладни години, како што беше рекол Јосиф. И настана глад по сите земји, а во целата земја Египетска имаше леб.
55Но, кога почна да гладува и земјата египетска, народот му записка на Фараонот за леб. А Фараонот им рече на сите Египтјани: »Одете кај Јосифа, па како што ќе каже тој, така правете.«
56А кога гладот се прошири во целата земја, ги отвори Јосиф сите житници и почна да им продава на Египтјаните жито, оти гладот стана жесток и во земјата Египетска.
57И од сите земји доаѓаа во Египет, да купуваат жито од Јосифа, бидејќи настана голем глад насекаде.

Селектирано:

Битие 41: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се