Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Битие 40

40
Јосиф им толкува соништа на двајца затвореници.
1Потоа се случи, пехарникот на царот египетски и лебарот да му згрешат на господарот свој, царот египетски.
2И Фараонот се разгневи над тие двајца дворјани, на старешината над пехарниците и на старешината над лебарите,
3па ги стави под стража во куќата на заповедникот на стражата, каде што Јосиф беше затвореник.
4А заповедникот на стражата ги предаде на Јосифа тој да ги пази. И останаа тие таму некое време.
5И обајцата сонија сон во иста ноќ, секој по значењето на својот сон за себе, и пехарникот и лебарот на царот египетски, кои беа затворени во темницата.
6А утредента, кога дојде Јосиф кај нив, ги виде, а тие беа невесели.
7Па ги запраша дворјаните Фараонови, кои беа под стража заедно со него во куќата на господарот негов, и рече: »Што ви се денес лицата толку нажалени?«
8А тие му одговорија: »Обајцата сонивме сон, а нема кој да ни го протолкува.« Јосиф им рече: »Што значат, не ли е тоа во Бога? Раскажете ми ги!«
9И старешината над пехарниците му го раскажа сонот свој на Јосифа, велејќи »Ете, пред мене лоза,
10на лозата имаше три прачки; и таа запупи и расцути, врза грозје, кое узреа;
11а во раката ми беше чашата Фараонова, зедов еден грозд, го истискав во Фараоновата чаша и му ја дадов чашата на Фараонот в рака.«
12Јосиф му рече: »Еве го значењето: трите прачки лозови се три дена.
13По три дена Фараонот ќе те помилува и пак ќе те постави на поранешната служба; и одново ќе му ја подаваш чашата во раката негова како и порано, кога му беше пехарник.
14Но, кога ќе ти биде добро, сети се на мене и направи ми добро; спомни му на Фараонот за мене и изведи ме од оваа тврдина;
15оти ме украдоа од земјата Еврејска; а и овде ништо лошо не сум направил, за да бидам фрлен во затвор.«
16А кога виде старешината над лебарите колку добро му го протолкува сонот, му рече на Јосифа: »И јас сонив: и тоа – на главата моја три кошници леб;
17во најгорната кошница имаше сѐ што јаде Фараонот, што го прават пекарите; и птици небески колваа од кошницата над мојата глава.«
18А Јосиф одговори и рече: »Тоа значи – три кошници се три дена.
19По три дена Фараонот ќе ти ја земе главата и ќе те обеси на дрво, а птиците ќе колваат од телото твое.«
20И кога дојде третиот ден, а тоа беше денот во кој се родил Фараонот, тој им приреди гозба на своите слуги, па се сети на старешината над пехарниците и на старешината над лебарите помеѓу слугите свои;
21И го врати старешината над пехарниците на поранешната служба, за да му ја подава чашата на Фараонот,
22додека старешината над лебарите го обеси на дрво, како што беше рекол Јосиф.
23Но старешината над пехарниците не си спомна за Јосифа, туку го заборави.

Селектирано:

Битие 40: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се