Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Битие 28

28
Бегање од Харан. Небески скали.
1Затоа Исак го повика Јакова, го благослови, и му заповеда, велејќи: »Немој да земеш жена од ќерките хананејски!
2Стани, па оди во Месопотамија, во домот на Ватуила, таткото на мајката твоја, и оттаму земи си жена, од ќерките на Лавана, вујкото твој.
3А мојот Бог, Кој е семоќен, нека те благослови, и нека те издигне и нека те умножи, та од тебе да настанат многи народи;
4да ти го даде благословот на Авраама, мојот татко, тебе и на потомството твое со тебе, за да ја наследиш земјата, во која си придојден, а која Бог му ја даде на Авраама!«
5Така Исак го испрати Јакова, и тој отиде во Месопотамија при Лавана, синот на Ватуила Арамеецот, кај братот на Ревека, мајката на Јакова и Исава.
6Кога Исав виде како Исак го благослови Јакова и го испрати во Месопотамија арамејска, оттаму да се ожени, и како благословувајќи го, му заповеда: »Немој да се ожениш со некоја од ќерките хананејски«,
7и дека Јаков го послуша таткото свој и мајката своја, и отиде во Месопотамија;
8увиде Исав дека ќерките хананејски не му се по волја на Исака, таткото негов,
9па затоа отиде кај Исмаила, и покрај жените свои ја зеде за жена Маелета, ќерката на Исмаила, синот Авраамов, сестра Навајотова.
10Јаков, пак, ја напушти Вирсавија и отиде во Харан,
11па најде едно место, и таму преноќева, бидејќи сонцето беше зашло. И зеде еден камен од тоа место, и си го кладе под главата, па заспа на тоа место.
12И виде сон: ете, скала стои на земјата, а со врвот допира до небото, и Ангели Божји се качуваа по неа и слегуваа.
13А ете, Господ стоеше на неа, Кој му рече: »Јас сум Господ Бог на таткото твој Авраама и Бог Исаков, не плаши се. Оваа земја, на која спиеш, тебе ќе ти ја дадам и на потомството твое;
14а потомството твое ќе биде колку песокта на земјата; ти ќе се рашириш на запад и на исток, и на север и на југ, и сите племиња на земјата ќе се благословуваат со тебе и во потомството твое.
15И еве, Јас сум со тебе, и ќе те пазам секогаш каде и да појдеш, и ќе те вратам во оваа земја, и нема да те оставам сѐ додека не го извршам она што сум ти рекол.«
16А кога се разбуди Јаков од сонот, си рече: »Сигурно е Господ на ова место; а јас не знаев!«
17Се уплаши и рече: »Колку е страшно ова место! Не е друго, а е дом Божји, ова е вратата небеска!«
18И стана Јаков утредента рано, го зеде каменот, што го беше ставил под глава, и го постави како спомен, па го прелеа со масло.
19И тоа место Јаков го нарече Ветил, односно дом Божји; а порано името на овој град му беше Луз.
20И се зарече Јаков, велејќи: »Ако Господ Бог биде со мене и ме запази на овој пат, по кој одам, и ако ми даде леб да јадам и облека да се облекувам,
21и се вратам здрав во домот на таткото мој, и ми биде Господ Бог мој,
22тогаш овој камен што го поставив за спомен ќе ми биде дом Божји. И од сѐ, што ќе ми дадеш, ќе Ти давам Тебе дел десетти.«

Селектирано:

Битие 28: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се