Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Битие 29

29
Јакововото служење кај Лавана и бракот.
1Тогаш се крена Јаков и отиде во земјата на исток, кај Лавана, синот на Ватуила Арамеецот, братот на Ревека, мајката на Јакова и Исава.
2Одеднаш забележа во полето извор; и ете три стада овци лежеа околу него, бидејќи на тој извор се поеја стада. Но голем камен имаше над отворот од изворот.
3И се собираа таму сите стада, го иставаа каменот од отворот на изворот и ги напојуваа овците, а потоа пак го ставаа каменот над отворот од изворот на неговото место.
4Јаков им рече: »Од каде сте вие, браќа?« Тие одговорија: »Од Харан сме.«
5А тој им рече: »Го познавате ли Лавана, синот Нахоров?« Тие рекоа: »Го познаваме.«
6Тој пак ги праша: »Здрав ли е?« Рекоа: »Здрав е, и еве Рахил, ќерката негова, иде со стадото.«
7И тој рече: »Ете, уште е рано и не е време добитокот да се прибира. Напојте ги овците, па одете и пасете ги!«
8А тие рекоа: »Не можеме, додека не се соберат сите стада, за да се истави каменот од отворот над изворот, па тогаш ќе ги напоиме овците.«
9Додека тој уште зборуваше со нив, дојде Рахил со стадото од таткото нејзин, бидејќи таа ги пасеше овците.
10А кога ја виде Јаков Рахил, ќерката Лаванова, братот на мајка си, и стадото на Лавана, братот на мајка си, пристапи Јаков и го истави каменот од отворото на изворот, и го напои стадото на вујка си Лавана.
11И ја целива Јаков Рахил, па извика и заплака.
12Потоа ѝ кажа на Рахил дека тој му е род на таткото нејзин и дека е син на Ревека, а таа оттрча, па го извести таткото свој.
13А кога чу Лаван за Јакова, синот на неговата сестра, му излезе во пресрет, го прегрна и бакна, и го воведе во својот дом. А тој остана при него цел месец.
14Лаван, пак, му рече: »Ти си навистина коска од моите коски и од мојата плот!« И тој остана при него цел месец.
15Тогаш му рече Лаван на Јакова: »Зарем бесплатно ќе ми служиш оти си ми род? Кажи ми, која да ти биде платата?«
16А Лаван имаше две ќерки: на постарата ѝ беше името Лија, а на помладата Рахил.
17На Лија очите и беа болникави, а Рахил имаше убава става и убаво лице.
18На Јакова му омиле Рахил, па рече: »Ќе ти служам седум години за Рахил, твојата помала ќерка.«
19Тогаш Лаван рече: »Подобро тебе да ти ја дадам, отколку на друг; остани при мене!«
20И отслужи Јаков за Рахил седум години, и тие му се причинија како неколку дена, зашто ја сакаше.
21И му рече Јаков на Лавана: »Дај ми ја жената, зашто дојде времето да влезам при неа!«
22И ги повика Лаван сите луѓе од тоа место и направи сведбена гозба.
23А вечерта ја зеде Лаван Лија, ќерката своја, и ја воведе кај Јакова, и Јаков влезе при неа.
24И Лаван ѝ ја даде Зелфа, слугинката своја, на Лија, ќерката своја, за да ѝ биде слугинка.
25А кога настана утрото, се виде дека тоа била Лија, па му рече Јаков на Лавана: »Што ми направи? Нели за Рахил ти слугував? Зошто ме измами?«
26А Лаван му рече: »Не бива во нашето место да се омажи помалата пред постарата.
27Помини оваа седмица со неа, па ќе ти ја дадам и другата, за која ќе ми слугуваш други седум години.«
28И Јаков направи така, и помина со неа една седмица. Потоа му ја даде Лаван за жена Рахил, ќерката своја.
29И ѝ ја даде Лаван слугинката своја Вала на Рахил, ќерката своја, за да ѝ биде слугинка.
30Тогаш Јаков влезе при Рахил. И Рахил повеќе ја засака отколку Лија. И така му служеше на Лавана уште други седум години.
31Кога виде Господ Бог, пак, дека Лија не е сакана, ѝ ја отвори утробата нејзина, а Рахил остана неплодна.
32Лија зачна и му роди син на Јакова, и го нарече Рувим, велејќи: »Господ милостивно погледна на смирението мое, сега ќе ме засака мажот мој.«
33И пак зачна, и роди син, па рече: »Господ чу дека не сум сакана, па ми го даде и овој.« И го нарече Симеон.
34И одново зачна, пак роди син и рече: »Сега веќе ќе ми се наклони мажот мој, оти му родив три сина!« Затоа му стави име Левиј.
35А кога пак зачна, и роди син, рече: »Сега ќе го восфалам Господа!« Затоа го нарече Јуда. И престана да раѓа.

Селектирано:

Битие 29: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се