Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исход 5

5
Фараонот го презира Мојсеја, а народот уште повеќе страда.
1А потоа влегоа Мојсеј и Арон кај Фараонот, па му рекоа: »Вака вели Господ, Бог Израилев – ‚Пушти го народот Мој, да празнува празник во Моја чест во пустињата.‘«
2Но Фараонот рече: »Кој е, за да Го послушам гласот Негов, и да ги пуштам синовите Израилеви? Не Го познавам Господа, ниту ќе го пуштам Израилот.«
3А тие рекоа: »Бог на Евреите нѐ повика нас три дена пат да одиме во пустињата, за да Му принесеме жртва на Господа, нашиот Бог, та да не испрати Он на нас смрт или убиство.«
4Тогаш царот египетски им рече: »Зошто вие, Мојсеј и Ароне, го одвлекувате народот од работата негова? Одете си секој од вас по своја работа!«
5И Фараонот уште додаде: »Ете, сега се намножи народот во земјата, но нема да му дадеме почивка од работите.«
6И им заповеда Фараонот на надзорниците за работа над народот и на настојниците негови, и рече:
7»Отсега на народот нема да му давате плева за правење тули, како досега: туку сами нека одат да си собираат плева.
8А колку тули досега правеле, настојувајте толку да правет и отсега: ништо не намалувајте; оти се без работа, па затоа викаат и велат – ‚Да одиме и да Му принесеме жртва на нашиот Бог.‘
9Нека им се зголеми работата на тие луѓе; тогаш ќе се грижат за тоа и нема да слушаат празни зборови.«
10И ги принудија нив надзорниците и настојниците, и му рекоа на народот: »Вака вели Фараонот: нема да ви даваме веќе плева;
11одете сами и собирајте си плева, каде што ќе најдете; а од работата нема ништо да ви се намали.«
12И се разотиде народот по целата земја Египетска за да собира стрника наместо плева.
13А надзорниците навалуваа, велејќи: »Вршете ги определените работи ваши секој ден, како и порано кога имавте плева.«
14И настојниците од родот на синовите Израилеви, кои ги поставија над нив надзорниците на Фараонот, беа биени и им се велеше: »Зошто и денес не изработивте толку тули, колку што ви е определено, како што правевте и порано?«
15И отидоа настојниците на синовите Израилеви пред Фараонот, па извикаа и рекоа: »Зошто постапуваш така со слугите твои?
16Плева не им се дава на слугите твои, а пак ни се вели: ‚Правете тули.‘ И ете, ги бијат слугите твои. Го онеправдуваат твојот народ.«
17Но тој им одговори: »Седите без работа, не работите, па затоа велите: ‚Да одиме да Му принесеме жртва на нашиот Бог.‘
18Затоа сега одете, работете; плева нема да ви се дава, а тули ќе предавате во определен број.«
19И насотјниците на синовите Израилеви се видоа во зло, оти им се рече: »Дневната количина на тулите не смеете да ја намалите.«
20А кога излегоа од Фараонот, ги сретнаа Мојсеја и Арона, кои идеа во пресрет.
21Па им рекоа: »Бог нека види и нека ви суди што нѐ намразивте кај Фараонот и службениците негови, и им дадовте меч во радете, за да нѐ убиваат!«
22Тогаш Мојсеј се обрна кон Господа и рече: »Господи, Ти се молам, Господи, зошто го воведе во невола овој народ и зошто ме испрати мене?
23Оти, откако излегов пред Фараонот и проговорив во Твое име, тој уште полошо постапува со овој народ; и Ти не го избави народот Свој.«

Селектирано:

Исход 5: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се