Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исход 3

3
Бог го определува Мојсеја за водач на еврејскиот народ.
1Мојсеј го пасеше стадото на Јатора, тестот свој, свештеникот Мадијамски. Терајќи го стадото така преку пустиња, дојде до планината Божја Хорив,
2И му се јави Ангел Господеов во огнен пламен во капина. И виде тој, а тоа капината гори со оган, а не изгорува.
3И Мојсеј рече: »Да појдам да го видам ова чудо, зашто капината не изгорува.«
4А кога виде Господ дека тој доаѓа да види, извика Господ од капината и рече: »Мојсеј, Мојсеј!« А тој одговори: »Еве ме, Господи!«
5И Он рече: »Не приоѓај ваму. Собуј ги обувките твои од нозете, зашто ова место, на кое стоиш, е света земја.«
6И му рече: »Јас сум Бог на таткото твој, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.« А Мојсеј го сврти лицето свое, зашто се плашеше да погледа во Бога.
7И Господ му рече на Мојсеја: »Ги видов страдањата на народот Мој во Египет, и го чув пискотот негов од злото, што му го прават надзорниците. Сега ја знам маката негова.
8Па слегов да го избавам од рацете египетски, и да го изведам од таа земја и да го воведам во земја добра и пространа, во земја, каде што тече мед и млеко, во крајот на Хананејците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Гергесејците и Јевусејците.
9И еве, сега викотот на синовите Израилеви стигна веќе до Мене, и Јас го видов гнетот, со кој ги мачат Египтјаните.
10А сега појди – Јас те испраќам кај Фараонот, царот египетски, за да го изведеш од Египет народот Мој, синовите Израилеви.«
11Мојсеј, пак, Му проговори на Бога: »Кој сум јас, та да одам кај Фараонот, царот египетски, и да ги изведам синовите Израилеви од земјата египетска?«
12Му рече Бог на Мојсеја, велејќи: »Ќе бидам со тебе, и ова нека ти биде знак, дека Јас сум те испратил: Кога ќе го изведеш народот Мој од Египет, помолете Му се на Бога на оваа планина.«
13А Мојсеј Му рече на Бога: »Еве, ќе појдам кај синовите Израилеви и ќе им речам: ‚Бог на татковците ваши ме испраќа кај вас.‘ И ако тие ме прашаат: ‚како Му е името‘, што ќе им речам тогаш?«
14Бог му одговори на Мојсеја, велејќи: »Јас сим Оној, Кој вечно постои!« Па продолжи: »Така ќе им кажеш на синовите Израилеви: ‚Оној, Кој вечно постои, ме испрати кај вас.‘«
15И пак му рече Бог на Мојсеја: »Вака кажи им на синовите Израилеви: ‚Господ Бог на татковците наши, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов ме испрати кај вас. Ете тоа е името Мое вечно, и тоа е споменот за Мене од колено на колено.‘
16Оди и собери ги старешините Израилеви, и кажи им: ‚Господ, Бог на татковците ваши, ми се јави, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов, и ми рече: »Ве посетив и видов што ви се прави во Египет.«
17И реков уште: »Ќе ве изведам од маките египетски во земјата Хананска, и Хетејска, и Аморејска, и Ферезејска, и Евејска, и Јевусејска, во земја каде што тече мед и млеко!«‘
18И тие ќе го послушаат гласот твој; а ќе отидеш ти и старешините Израилеви кај Фараонот, царот египетски, и ќе му речеш: ‚Господ, Бог на Евреите, нѐ повика да појдеме на три дена пат во пустињата, за да Му принесеме жртва на Господа, нашиот Бог.‘
19А Јас знам дека Фараонот, царот египетски, нема да ви дозволи да излезете без силна рака.
20Но ќе ја пружам раката Своја, и ќе ги поразам Египтјаните со сите Мои чудеса, што ќе ги направам меѓе нив; потоа ќе ве пушти.
21И ќе му дадам милост на овој народ кај Египтјаните, така што, кога ќе појдете, нема да појдете празни.
22Туку секоја жена нека побара од сосетката своја и од пријателката своја сребрен и златен накит и облека; и ќе ги украсите со нив синовите ваши и ќерките ваши, и така ќе ги плените Египтјанките.«

Селектирано:

Исход 3: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се