Исход 21
21
Закон за ропството, убиството и телесните повреди.
1А ова се законите, што ќе им ги објавиш:
2»Ако купиш роб Евреин, шест години нека ти служи, а седмата нека си оди слободен, без откуп;
3ако дошол сам, сам нека си оди; а ако има жена, нека оди и жената со него;
4ако, пак, неговиот господар му дал жена, и таа му родила синови или ќерки, жената и децата нека останат на господарот негов, а тој нека си оди сам;
5но, ако робот одговарајќи, рече: ‚Го сакам господарот мој, жената моја, и децата мои; не сакам да одам и да бидам слободен.‘
6тогаш таквиот господарот негов нека го доведе пред судот Божји и нека го постави пред вратата или на прагот и таму господарот негов да му го продупчи увото со шило, та да му остане вечен роб.
7Ако некој ја продаде ќерката своја за робинка, таа да не си оди како што одат робинките;
8ако не му се свиди на господарот нејзин, за која ветил дека ќе ја земе за жена, нека ја отпушти. Но нема право господарот да ја продаде на туѓ народ, кога сам ја отфрлил;
9ако, пак, ја свршил за синот свој, нека ѝ го даде правото, што го имаат ќерките;
10ако земе друга за себе, првата не смее да ја лиши од храна, облека и сопружничка должност.
11Не ѝ направи ли една од овие три работи, тогаш нека си оди од него дарум, без откуп.
12Кој ќе удри човек и тој умре, со смрт да се казни.
13Но, ако тоа не го направи намерно, а Бог допуштил да падне во негови раце, тогаш ќе ти определам место, каде што може да побегне убиецот.
14Ако некој, пак, намерно го нападне својот ближен, со цел да го убие на измама, и се засолни при жртвеникот Мој, одвлечи го и од жртвеникот Мој, за да умре.
15Кој ќе го удри таткото свој или мајката своја, да се погуби.
16Кој го злоставува таткото свој или мајката своја, со смрт да се казни.
17Ако некој украде некого од синовите Израилеви и го продаде или се најде во негови раце, откако го заробил, со смрт да заврши.
18Кога двајца мажи се скараат, па еден од нив удри друг со камен или со тупаница, но тој не умре, туку легне во постела,
19па, кога ќе стане, макар и со стап да се потпира, на оној што удрил нека му е просто; само денгубата да му ја надомести и за лекувањето да плати.
20А кој ќе удри роб свој или робинка своја со стап, и тие умрат од неговата рака, нека биде виновен пред судот;
21но, ако тие преживеат ден или два, да не е виновен, бидејќи тие се негов имот.
22Кога луѓето се бијат, па некој од нив удри бремена жена, така што таа пометне, но не дојде до смрт, да плати глоба, колку ќе определи мажот на жената; а да ѝ плати колку ѝ припаѓа;
23ако, пак, плодот бил оформен, тогаш нека се даде живот за живот;
24око за око, заб за заб, рака за рака, нога за нога,
25изгоретина за изгоретина, рана за рана, повреда за повреда.
26Ако некој го удри робот свој во окото, или робинката своја во окото, и ги ослепи, да ги пушти на слобода заради окото;
27или, ако му скрши заб на робот свој, или на робинката своја, да ги пушти на слобода заради забот.
28Ако вол убоде маж или жена, па умре, волот да се отепа со камења и месото од него да не се јаде; но господарот на волот нема да биде виновен;
29Но, ако волот бил и порано бодлив, а господарот негов знаел за тоа и не го пазел, па убие маж или жена, волот да се убие со камења, и господарот негов заедно со него да се предаде на смрт.
30Ако, пак, му се наложи откуп за животот свој, нека плати откуп, колку што ќе му се определи.
31Син ли прободе или ќерка, со него да се постапи според истиот закон.
32Прободе ли, пак, волот роб, или робинка, тогаш на господарот нивни да му се платат триесет сикли сребро, а волот да се убие со камења.
33Ако некој открие јама, или пак ископа јама и не ја покрие, и падне во неа јунец или осел,
34сопственикот на јамата треба да ги надомести; на господарот ќе му даде сребро, а трупот тогаш ќе биде негов.
35Кога нечиј вол смртно убоде вол на друг човек, и тој умре, тогаш да го продадат волот жив и парите да ги поделат, а исто така да го поделат и убиениот вол;
36ако, пак, се знаело од порано, дека волот бил бодлив, и му е кажано на господарот негов, а тој не го пазал, да даде вол за вол, а убиениот нека му остане нему.
Селектирано:
Исход 21: MK1990
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016