Исход 22
22
Закон против оштетување имот на својот ближен, против угнетување на сиромашни луѓе.
1Ако некој украде јунец или овца и ја заколе, или ја продаде, да даде пет јунци за еден јунец и четири овци за една овца.
2Ако се фати крадец, како поткопува и ранет умре, тоа не се смета за убиство.
3Но, ако сонцето веќе се појавило над него, виновен е за крв. И крадецот штетата мора да ја надомести. А, ако нема ништо, тогаш тој треба да биде продаден за својата кражба.
4Ако кај фатениот се најде она, што го украл, во неговата рака живо, било осел или овца, да го врати двојно.
5Ако некој уништи нива, или лозје, пуштајќи го добитокот свој да пасе во туѓа нива, да ја надомести штетата за целата нива, да надомести со најдоброто од својата нива и најдоброто од своето лозје според плодот од својата нива; ако ја уништи.
6Ако се појави оган, па тој го зафати трњето, и се запали гумното, или класјето или нивата, оттогаш оној, кој го предизвикал пожарот, да плати.
7Кога некој му даде на ближниот свои пари или предмети на чување, и тие бидат украдени од домот негов, крадецот, ако се фати, ќе плати двојно;
8во случај, пак, крадецот да не се фати, тогаш сопственикот на куќата нека се јави пред Бога, па нека се заколне дека тој не посегнал врз имотот на ближниот свој.
9За секоја изречена неправда: за јунец, осел, овца, облека, за секој изгубен предмет, за кој некој рече дека е негов, нивниот спор треба да дојде пред Бога: па кого ќе го осуди Бог, тој нека му плати на ближниот двојно.
10Ако некој му даде на чување на ближниот свој осел, или јунец, или овца, или некој друг добиток, и тој добиток пцовиса, или загине, или, пак, биде запленет, а никој да не го види,
11тогаш меѓу нив нека одлучи клетвата пред Господа, дека оној не посегнал врз имотот на својот ближен, и ако сопственикот така го прими, не се надоместува;
12ако, пак, му биде украден, тогаш нека му плати на сопственикот негов.
13А ако е изеден од ѕверка, да донесе доказ за тоа и да не плаќа ништо.
14Ако некој од ближниот свој добие на услуга – живинче, па тоа загине или пцовиса, или биде загинато, а сопственикот не бил со него, ќе мора да се плати;
15но, ако сопственикот биде со него, да не се плаќа. Ако бил момок, да го плати само наемот.
16Кој измамил несвршена девојка, и биде со неа, да ја дарува и да ја заме за жена;
17а ако таткото нејзин одбие и не сака да му ја даде, да одмери сребро на татка ѝ колку што следува за мираз на девојката.
18Вражачи да не оставате живи.
19Кој ќе згреши со добитокот, со смрт да се казни.
20Кој принесува жртви на други богови, освен на Единиот Господ, со смрт да се истреби.
21На придојден немој да му правиш неправда, ниту да го угнетуваш, зашто и вие бевте придојдени во земјата египетска.
22Не навредувајте ни вдовици ни сираци;
23ако ги навредиш и тие, негодувајќи се обрнат кон Мене, ќе го чујам повикот нивни,
24и ќе се распали гневот Мој, па со меч ќе ве убијам, и жените ваши ќе останат вдовици, и децата ваши – сираци.
25Кога на заем ќе дадеш пари на некој сиромашен брат што е при тебе, не присилувај го и не наложувај му лихва.
26Ако земеш во залог облека од пријателот твој, врати му ја до зајдисонце;
27оти таа му е покривка, таа му е едина облека на телото негово: со што ќе спие? И кога ќе повика кон Мене, Јас ќе го чујам, бидејќи сум милостив.
28Немој да ги злоставуваш судиите, ни за старешините на твојот народ да не зборуваш лошо.
29Не воздржувај се да ги принесеш првите плодови од жетвата и лозјето; дај Ми ги првородените од синовите твои.
30Така и со јунецот твој, и со овцата твоја, и со оселот твој; седум дена нека бидат при мајката своја, а во осмиот ден дај Ми ги Мене.
31И ќе Ми бидете свет народ. Затоа и месо од растргнато животно да не јадете; фрлај им го на кучињата.«
Селектирано:
Исход 22: MK1990
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016