Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исход 12

12
Пасхално јагне. Погубување на провородените. Почеток на излегувањето.
1И рече Господ на Мојсеја и на Арона во земјата Египетска, велејќи:
2»Овој месец да ви биде почеток на месеците, да ви биде прв месец меѓу месеците во годината.
3Кажи му на целиот собор на синовите Израилеви и речи им: ‚На десеттиот ден од овој месец секој нека земе јагне шилеже според бројот на челадта: значи, по едно на дом.
4Ако се помалу во домот за едно јагне, нека го земе кај себе соседот, кој му е најблизок, со онолку души, колу што треба, за да можат да го изедат јагнето.
5А јагнето или јарето да ви биде здраво, машко, без недостаток, од една година; земете го од овците или од козите.
6И чувајте го до четиринаесеттиот ден од овој месец, а тогаш општиот собор Израилев нека го заколе, во приквечерина.
7И нека земат крв од него и нека ги попрскаат обата довратника и праговите на куќата, во која ќе го јадат.
8И нека јадат месо истата ноќ, на оган печено, со пресен леб и со горчливо зелје, нека јадат.
9Немојте да јадете сурово, ниту во вода варено, туку на оган печено: со главата, со нозете и со дробовите.
10И ништо немојте да оставате до утрината; и коски не кршете од него; ако нешто од него остане до утрината, изгорете го на оган.
11А вака јадете го: преопашани, обувките да ви се на нозете и стаповите ваши во рацете ваши, и јадете брзо: тоа е Пасха Господова.
12Оти ќе поминам низ земјата египетска таа ноќ, и ќе го убијам секој првороден во земјата Египетска, од човек до добиток, и ќе се одмаздам на сите богови египетски. Јас сум Господ.
13А крвта ќе ви биде знак на куќите, во кои ќе бидете таму: и кога ќе видам крв, ќе ве одминам, па нема да има меѓу вас помор, кога ќе ја поразам земјата египетска.
14И тој ден ќе ви биде ден на сеќавање и празнувајте го тој празник, посветен на Господа; празнувајте го од колено на колено; вечно озаконет.
15Седум денови јадете лебови без квас; уште од првиот ден отстранете го квасот од куќите ваши; зашто оној, кој ќе јаде нешто со квас, тој ќе биде истребен од Израилот.
16Првиот ден да се нарече свет собор; а и седмиот ден да ви биде особено свет; никаква работа да не вршите во тие денови. Освен за јадењето, за кого колку што треба, само тоа можете да го правите.
17И запазете ја оваа заповед; зашто во тој ден ја изведов војската ваша од земјата египетска; празнувајте го тој ден од колено на колено како вечно озаконет.
18Бесквасни лебови почнете да јадете од првиот месец во четиринаесеттиот ден вечерта, па сѐ до дваесет и првиот од истиот месец до вечерта.
19Седум денови не смее да има квас во куќите ваши. Оти, ако некој јаде нешто со квас, ќе биде истребена таа душа од општеството на Израилот, било да е придојдена – или родена во земјата.
20Ништо со квас немојте да јадете: во сите куќи ваши јадете само бесквасен леб!‘«
21И ги свика Мојсеј сите старешини на синовите Израилеви и им рече: »Одете и пригответе јагне, според семејствата свои, и заколете пасха.
22Потоа земете китка исоп и натопете ја во крвта, што е близу до вратите, и попрскајте ги праговите и обата довратника со крвта, што е близу до вратите, и ниеден од вас да не излегува низ вратата куќна до изутрина.
23И кога ќе помине Господ да го поразува Египет, штом ќе ја види крвта на прагот и на обата довратника, ќе ја одмине Господ таа врата, и нема да му дозволи на истребителот да влезе во куќите ваши и да убива.
24Пазате го ова како закон за себе и за синовите свои довека.
25И кога, пак, ќе влезете во земјата, што ќе ви ја даде Господ, како што рече, држете ја оваа служба.
26И кога ќе ве прашаат синовите ваши: ‚Каква ви е таа служба?‘
27Одговорете: ‚Тоа е Пасхална жртва на Господа, кога ги одмина куќите на синовите Израилеви во Египет, убивајќи ги Египтјаните, а домовите наши ги зачува.‘« – Тогаш народот, наведнувајќи се, се поклони.
28И откако отидоа синовите Израилеви, направија така, како што им заповеда Годпод преку Мојсеја и Арона: така направија.
29А на полноќ ги уби Господ сите првородени во земјата Египетска, од првородениот син Фараонов, кој требаше да седи на престолот негов, до првородениот син на затвореникот во затворот, и се што беше првородено во добитокот.
30И стана Фараонот во таа ноќ, тој и сите негови слуги, и сите Египтјани; и настана голем пискот во целата земја египетска, зашто немаше куќа, во која немаше мртовец.
31Тогаш ги повика Фараонот Мојсеја и Арона, ноќта, и им рече: »Станете, одете си од народот мој, како вие така и синовите Израилеви, и извршете Му служба на Господа, како што велевте.
32Земете ги и овците ваши, говедата ваши, како што велевте и одете си, па и мене благословете ме!«
33И Египтјаните навалуваа на народот, што побрзо да си оди од земјата, зашто велеа: »Сите ќе изгинеме!«
34И народот си го зеде тестото свое, уште неискиснато; ноќвите ги завиткаа во облеките свои, и го ставија на рамењата свои.
35И постапија синовите Израилеви според заповедта Мојсеева, и побараа од Египтјаните накити сребрени и накити златни, а и облека.
36И Господ направи, та народот најде милост кај Египтјаните, и тие им дадоа; така тие ги обраа Египтјаните.
37И тргнаа синовите Израилеви од Рамзес за Сокхот, околу шестотини илјади пешаци мажи, не сметајќи ги тука децата.
38И многу други придојдени отидоа со нив, и овци и волови голем број отидоа со нив.
39А од тестото, што го изнесоа од Египет, испекоа бесквасни лепчиња, зашто тоа уште не беше скиснато кога ги истераа Египтјаните, и не можеа да се задржуваат, така што дури ни храна за попат не си приготвија.
40Времето, пак, што го поминаа синовите Израилеви во Египет и во земјата Хананска, тие и нивните татковци, изнесуваше четиристотини и триесет години.
41А кога се навршија четиристотини и триесетте години, ноќе во истиот ден излезе сета војска Господова од земјата египетска.
42Таа ноќ, која Господ ја пробдеа, за да ги изведе од Египетската земја, тоа е ноќ Бдение за Господа, кое треба да го празнуваат синовите Израилеви од колено на колено.
43И им рече Господ на Мојсеја и на Арона: »Закон за Пасхата е: ниеден туѓинец да не јаде од неа!
44А секој роб ваш, или купен за пари, откако ќе го обрежете, тогаш може да јаде од неа.
45Придојден или наемник да не јаде од неа!
46Во една куќа треба да јадете; не оставајте за изутрина и не изнесувајте надвор од куќата, и коските од жртвата да не кршите.
47Целото општество Израилево нека прави така.
48Ако дојде кај вас некој туѓинец и посака да ја празнува Пасхата Господова, нека му се обрежат сите од машки пол, па потоа нека почне да ја празнува, и ќе биде како роден во таа земја; инаку, никој необрезан да не јаде од неа.
49Еден закон нека има за родениот во таа земја и за придојдениот што дошол меѓу вас!«
50И направија сите синови Израилеви како што им заповеда Господ на Мојсеја и на Арона, така направија.
51И во тој ден ги изведе Господ синовите Израилеви од земјата Египетска со нивната војска.

Селектирано:

Исход 12: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се