Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1. Коринтјаните 4

4
Апостолската служба и понизување.
1И така, секој човек нека нѐ смета нас за служители Христови и управници на тајните Божји,
2а од управниците понатаму се бара секој од нив да се покаже верен.
3За мене сосема малку значи што мислите вие за мене, или што мислат другите луѓе; јас и самиот не судам за себеси,
4зашто во ништо не се чувствувам виновен; но со тоа не се оправдувам: судија ми е Господ.
5Затоа, пак, не судете ништо пред време, додека не дојде Господ, Кој ќе ги изнесе на видело тајните на мракот и ќе ги објави намерите на срцата; и тогаш пофалбата на секого ќе му биде од Бога.
6Ова го направив, браќа, кон себеси и кон Аполос заради вас, за да се научите од нас да не мудрувате повеќе од она, што е напишано, и да не се гордеете еден пред друг поради некого.
7Оти, кој ти дава предимство? Што имаш, што не си добил? А штом си примил, зошто се фалиш, како да не си примил?
8Презаситени сте веќе, се збогативте веќе и се зацаривте без нас; камо да се бевте зацариле, та и ние да царуваме со вас!
9Мислам, дека нас апостолите, Бог нѐ постави најпоследни, како осудени на смрт; бидејќи станавме призор на светот – на ангелите и на луѓето.
10Ние сме безумни заради Христа, а вие сте мудри во Христа; ние сме немоќни, а вие сте силни; вие сте славни, а ние бесчесни.
11До овој час ние и гладуваме, и жедуваме, и необлечени одиме, се мачиме и се потураме по светов,
12но се трудиме, работејќи со своите раце. Кога нѐ укоруваат, ние благословуваме, а кога нѐ гонат – трпиме;
13кога хулат на нас, ние се утешуваме. Станавме како сметиште на овој свет, како отпад на сите луѓе.
14Но ова ви го пишувам не за да ве посрамам, туку да ве поучам како мои омилени чеда.
15Зашто, ако имате и на десетина илјади наставници во Христа Исуса, многу татковци немате, бидејќи јас ве родив во Исуса Христа преку Евангелието.
16Затоа, ве молам, подражавајте ме мене, како што јас – Христа.
17Браќа, затоа го пратив при вас Тимотеј, кој ми е возљубено и верно чедо во Господа; тој ќе ви ги напомни патиштата мои во Христа, како што насекаде и во секоја црква учам.
18Некои се возгордееја, како да не ќе дојдам при вас;
19но наскоро ќе дојдам кај вас, ако сака Господ, и ќе ги познаам не зборовите, туку силата на оние, што се возгордеале,
20зашто царството Божјо не е во зборови, туку во силата.
21Што сакате? Со стап ли да дојдам при вас, или со љубов и кроток дух?

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се