1. Коринтјаните 3
3
Укор поради неслогата и поради учителите кои се само слуги Божји. Темел на спасението е Исус Христос.
1Јас, браќа, не можев да ви зборувам како на духовни, туку како на телесни, како на младенци во Христа.
2Со млеко ве напоив, а не со јадење, оти уште не можевте да го примите, а и сега уште не можете,
3бидејќи уште сте телесни. И навистина, штом помеѓу вас има завист, кавга и неслога, не сте ли телесни и не живеете ли како обични луѓе?
4Оти, кога еден зборува: »Јас сум Павлов«, а друг: »Јас сум Аполосов«, не сте ли телесни?
5Кој е, пак, Павле, а кој Аполос? Не се ли тие слуги, преку кои вие поверувавте, и тоа според она, колку кому Господ му дал?
6Јас посадив, Аполос поли, но Бог направи да израсте.
7Затоа, ниту оној, кој сади, е нешто, ниту, пак, оној, што полива, а сѐ е Бог, Кој прави да израсте.
8Кој сади и кој полива се еднакви; но секој ќе ја добие својата награда според својот труд.
9Ние сме Му соработници на Бога, а вие сте Божја нива, Божја зграда.
10Според дадената ми од Бога благодат, јас, како мудар првоградител, поставив темел, а друг ѕида; само секој нека пази како ѕида.
11Зашто никој не може да постави друга основа, освен положената, која е Исус Христос.
12Ако некој ѕида врз таа основа со злато, сребро, драгоцени камења, дрва, сено или слама,
13делото на секого ќе стане јавно; судниот ден ќе го покаже; зашто преку оган ќе се открие, и огнот ќе испита, какво е делото на секого.
14И, ако делото, на оној што ѕидал, се задржи, тој ќе прими награда.
15А чие дело изгори, тој ќе биде оштетен, а сам ќе се спаси, но така – како преку оган.
16Не знаете ли вие дека сте храм Божји, и Духот Божји живее во вас?
17Ако некој го разори Божјиот храм, него Бог ќе го разори; зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие.
18Никој нека не се лаже; ако некој од вас мисли дека е мудар во овој свет, нека стане безумен, за да биде мудар.
19Зашто мудроста од овој свет е безумство пред Бога, како што е напишано: »Он ги фаќа мудрите во нивното лукавство.«
20И пак: »Господ знае дека помислите на мудрите се суетни.«
21И така, никој нека не се фали со луѓе, бидејќи сѐ е ваше:
22било Павле или Аполос, или Кифа, било светот или животот, или смртта, било сегашното или идното, – сѐ е ваше;
23вие, пак, сте Христови, а Христос – Божји.
Селектирано:
1. Коринтјаните 3: MK1990
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016