Но Бог ќе им ги скрши главите на непријателите Свои и влакнестото теме на оние што остануваат во своите гревови. Господ рече: од Башан ќе ги вратам, ќе ги извлечам од морските длабочини, за да ти се натопи ногата твоја и јазикот на твоите кучиња во крвта на непријателите. Го видов Твоето величествено доаѓање, Боже, доаѓањето на мојот Бог и Цар во светилиштето: напред одеа пејачите, а на крајот свирачите, а во средината – девојки со тимпани: „Во собранијата благословувајте Го Бога, Господа, вие, што сте од семето Израелово!“ Таму беше Венијамин, најмладиот; кнезовите Јудини – со своите чети, кнезовите Завулонови, кнезовите Нефталимови. Покажи ја Боже, силата Твоја, снагата Твоја, Боже, како што правеше со нас во минатото. Поради Твојот храм во Ерусалим, царевите ќе Ти принесуваат дарови. Скроти ги ѕверовите во мочуриштата, воловите со телињата на народите, згази ги под нозете оние кои се лакомат по почести, растури ги народите кои уживаат во војна. Нека се донесе бронза од Египет, Етиопија брзо нека подаде раце кон Бога. Царства земни, пејте Му на Бога, славете Го Господа, Кој се вози на небо, на небесата исконски. И, ете, Тој го испраќа Својот глас, Својот силен глас. Подајте Му слава на Бога! Над Израел е Неговото велелепие, а силата Негова на облаците. Чудесен си Ти, Боже, во светоста Своја; Бог Израелов – Тој ќе му даде сила и крепост на Својот народ. Нека е благословен Бог!